Форин полиси

Кои се Путиновите „замполити“ во првите редови на украинскиот фронт

Како Путиновите „замполити“ и Руската православна црква ја водат новата агитпроп-кампања за зајакнување на моралот на војниците.

Фото: ЕПА

Русија никогаш не е толку силна како што се чини, ниту е толку слаба како што изгледа. Пред војната, многу набљудувачи ја преценуваа руската војска. Сега се појави една друга крајност: потценување на руската борбена ефикасност, вели Форин полиси.

Поради еуфоријата на Западот од успехот на Украина во одвраќањето на руските сили лидерите почнаа да го потценуваат капацитетот на Русија да мобилизира воена сила и домашна поддршка, како и способноста на Москва да го зајакне моралот на војниците - една од основните работи за перформансите на бојното поле во руската воена доктрина.

Иако првичната психолошка состојба на руските војници беше лоша, работите се менуваат. Изминатите денови и недели беа обележани со зголемена активност на Руската православна црква, политичките офицери во руската армија и сѐ поактивната онлајн-фарма за тролови. Како дел од својата воена адаптација, Кремљ се впушти во колосална агитациона кампања за зајакнување на моралот, а тоа може да влијае на текот на војната.

Русија има долга традиција да користи пропаганда за воената мобилизација. Во 1918 година Кремљ ја создаде институцијата политички офицери, познати и како комесари, за да го заштитат болшевичкиот режим и да ја канализираат идеологијата кон војската. Тие беа расформирани по распадот на Советскиот Сојуз, но рускиот претседател Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу во 2018 година, на 100-годишнината на организацијата, ги воскреснаа.

Така, Главниот воено-политички директорат на руското министерство за одбрана се состои од заменик-команданти за политички прашања („замполити“), воени свештеници и психолози, задолжени за одржување на лојалните умови, мотивираните срца и за психолошката стабилност на руските војници и граѓани. Новите замполити ги има во секоја воена единица што има повеќе од 100 војници.

Исто како и нивните претходници, овие нови комесари обезбедуваат таканаречено морално-психолошко-политичко одржување на трупите преку агитација и пропаганда (позната како агитпроп). За разлика од неговиот претходник, Главниот воено-политички директорат претендира кон пошироки одговорности: се стреми да артикулира национална идеологија, како и да го води екосистемот на национално патриотско образование и најголемото руско младинско движење. Тоа е пример за пенетрација на политиката во војската и милитаризација на руското општество.

Шефот на комитетот за одбрана на руската Дума објасни дека целта на воено-политичката работа е да се формира сигурен војник: лојален на државата и носител на традиционалните вредности - државност, духовност и патриотизам. Официјалните должности на воено-политичките старешини се агитација и пропаганда, заштита на војниците од негативни информациски влијанија, процена на моралот и на психолошко-политичката состојба на војниците, религиозно-патриотски активности и спречување на девијантно однесување. Очекуваниот краен резултат е мотивираност и безусловна поддршка на националната безбедносна политика.

Теоретски, замполитите ја преточуваат идеолошката лојалност и емоционалната стабилност во кохезија на единицата, борбена ефикасност и исполнување на мисијата. Ова го одразува акцентот на руската воена култура на моралните и психолошките фактори пред материјално-технолошките. Железото не се бори, вели поговорката. Во рускиот стратегиски етос, битките се добиваат со волјата, духот и издржливоста на војниците - не со машини или технологија.

Ако војната се одвиваше според учебниците за руската воена доктрина, во месеците пред инвазијата замполитите засилено ќе ја обликуваа психолошко-политичката цврстина на силите. До 24 февруари секој војник ќе знаеше со што се бори, какви борбени проблеми да очекува и како да ги надмине.

Во реалноста ништо од ова не се случи, што резултираше со екстремно низок морал во првите недели од војната. Некои војници беа шокирани што се борат во вистинска војна и беа дезориентирани за тоа каде се наоѓаат, како и збунети околу целите на војната. Повеќето команданти од низок и среден ранг за мисијата дознаа на денот кога ја преминаа границата. Им било кажано дека ќе бидат топло пречекани како мировници што го ослободуваат братскиот народ од канџите на злите нацистички радикали што ги држеле како заложници. Реалноста не можеше да биде подалеку од ова. Отпорот на украинската војска беше масовен, жесток и вешт; цивилите јасно ставија до знаење дека Русите се презрени окупатори. За психолошки неподготвените војници ова беше тежок удар за моралот.

Ова покренува едно од најзбунувачките прашања за Путиновата војна во Украина: зошто, и покрај воспоставената традиција и формална доктрина, рускиот воено-политички врв не вложи никаков напор во пресрет на инвазијата?

Првата причина беа погрешните претпоставки; Кремљ ја прецени својата воена моќ и ја потцени воената моќ на Украина. Мислеше дека нема потреба од големи пропагандистички дејства меѓу трупите за еден блиц-напад што ќе доведе до лесна промена на режимот. Очекувајќи брза капитулација и дочек на руските војници како ослободители, Путин не ги подготви јавноста, елитата, ниту војската.

На политичките функционери им треба порака од раководството за да ја канализираат до масите. Кремљ не даде ништо пред инвазијата. Веројатно претпоставуваше дека не треба ништо повеќе. Во средината на 2021 година, Генералштабот им нареди на замполитите да им го достават на војниците написот на Путин за руско-украинската историја. Никаков друг напор не беше преземен кон војниците. Очигледно, Путин ја зеде здраво за готово и ефективноста на руското субверзивно влијание во украинското општество во текот на претходната деценија.

Второ, Кремљ ги држеше сите во мрак. Делумно, овој култ на тајност извира од Путиновиот стил во националната безбедност. Тој и неговата придружба се разузнавачи што водат тајни активности, а не високи команданти што планираат воени кампањи. Згора на тоа, Кремљ својата пропагандистичка енергија ја насочи во спротивна – заблудувачка – насока. Во месеците пред инвазијата Вашингтон ги објави разузнавачките информации што ги имаше за намерите на Русија.

Целта беше да се сврти светското расположение против Кремљ и тој да се одврати. Руската пропаганда се обиде да ги побие наводите дека Москва се подготвува за војна. Кампањата против западното известување очигледно убеди многумина во руската војска и јавноста. Не треба да изненадува тоа што замполитите убедливо ја пренесоа оваа порака до војниците во земјата, оставајќи ги неподготвени за планираната инвазија.

Но кога пропадна првобитниот блицкриг, воено-политичките офицери почнаа да работат со полна пареа. Замполитите и воените капелани почнаа заедно да им презентираат нов наратив на војниците: Украина, контролирана од западните сили, има русофобен режим, кој врши геноцид врз своето руско население и е претворен во отскочна штица за агресијата на НАТО.

Операцијата, затоа, е неизбежен превентивен удар за елиминирање на егзистенцијалната закана - да се спречи распоредување на ракетите на НАТО покрај Русија и производството на хемиско, нуклеарно и биолошко оружје во Украина. Целта е да се „денацифицира“ Украина и да се спасат Русите во Донбас од геноцид. Операцијата ќе го крене рускиот статус во светот со елиминирање на еднополарниот момент и менување на светскиот поредок.

Ова геополитичко образложение дојде со еден месијански пресврт. Кремљ и Московската патријаршија ја претставија операцијата како еден вид крстоносна војна за рускиот свет: една од главните теми на непишаната национална идеологија. Во концептот Русија, Украина и Белорусија се заеднички социјален, културен и верски ентитет. Разделен од историските околности, овој ентитет е предодреден повторно да се обедини. Патријархот работи како комесар на Кремљ. Во неговите проповеди за време на војната, тој ја врамува операцијата како праведна „метафизичка војна“ за спас на една братска нација.

Во средината на март, Путин учествуваше на концерт во чест на обединувањето со Крим - најголемиот пропагандистички културен настан на операцијата досега. Реториката на секуларните изведувачи вриеше од религиозни фрази. Лајтмотивот („Ние сме Руси, а Бог е со нас“) беше сеприсутен. Паралелите со Големата патриотска војна (рускиот назив за Втората светска војна) беа неизбежни. Еден поранешен глуемц што потоа стана парламентарец си го замислуваше триумфот на операцијата како парада на Денот на победата на Црвениот плоштад, каде што една единствена руска нација - Русите, Украинците и Белорусите - маршира обединета. Во слоганот „за Русија и за претседателот“ одекнуваше старото „за татковината и за Сталин“.

Позиционирајќи се себеси како катехон - сила што ја штити Русија од Антихристот - Путин, слично на Јосиф Сталин на времето, ги инспирираше војниците со древните руски воени команданти. Тој го избра Фјодор Ушаков, рускиот адмирал од 18 век што се замонаши, беше прогласен за светец во почетокот на 2000 година и денес служи како светец-заштитник на руската флота на нуклеарни подморници.

Кога пропадна првичната цел на инвазијата (брза победа), руската војска почна да се приспособува. Неколкуте фази на борбено приспособување се сведоа на поголема огнена моќ, брутална сила и урбана борба. Распарчувањето и уништувањето на украинската војска, заедно со уништувањето на одбранбено-индустриската инфраструктура, станаа руската теорија за победа.

Военодопската адаптација е еден од најголемите професионални предизвици за секоја војска. Истото важи и за руските вооружени сили и нејзините замполити. Руската доктрина ја гледа „морално-политичко-психолошката“ стабилност на трупите како еден од предусловите за воено напредување на сите нивоа на команда. Првичните фази на адаптација очигледно не успеаја. Сепак, руската војска е организација што учи и е способна да се трансформира додека се бори.

Бројот на замполитите, свештениците и психолозите се удвои за да го зајакнат борбениот дух, како и ефективноста и адаптацијата на бојното поле. Како и советските комесари за време на првите месеци од Големата патриотска војна, замполитите беа принудени да им го објаснуваат на збунетите војници образложението за војната, пропустите на раководството, лошите перформанси, отстапувањата од доктрината, смртта на цивилите, бавниот напредок и неможноста на државата да ги постигне своите воени цели.

Замполитите сега се на првите линии на фронтот, спроведуваат агитпроп и вршат борбени улоги; тие се вклучени во хуманитарни и разузнавачки мисии, држат говори на погреби и спроведуваат едукативна забава во болниците.

Помошта на војниците на фронтот да се опорават од траумата, да го надминат шокот и да се вратат во битка е уште една борбена мисија на замполитите. За да предизвикаат бес против непријателот и да го спречат дезертирањето на војниците, тие користат содржини што прикажуваат суровост од страна на украинските сили. Жртвите меѓу политичките офицери и свештениците се зголемуваат. Убиените во акција се од обични војници до високи замполити, вклучително и заменик-командант на Црноморската флота за политичка работа.

Нивниот главен пропагандистички предизвик е на војниците да им објаснат зошто Русија војува со братскиот народ, зошто отпорот е толку жесток и зошто Москва, политичкиот центар на рускиот свет, нанесува огромно уништување и загуби на животи на духовниот центар на Светата Русија - кој го смета за родно место на руската цивилизација.

Руските војници се свесни за контрадикторните информации, многу повеќе отколку јавноста, која во голема мера е изолирана од ужасите на војната. Не е лесно да се помирите со пустошот. Украина не е Сирија или Чеченија. Кремљ сам си создаде дилема; употребувајќи неселективна огнена моќ во срцето на рускиот свет, таа води токму онаква војна каква што првично сакаше да избегне.

Ова да им се објасни на трупите и да се испегла контрадикторноста е најголемиот предизвик со кој се соочуваат замполитите и свештенството. Еве ја суштината на нивната порака како што се појавува во внатрешните руски воени извори: Колективниот Запад е сила на злото што неколку децении ја загадува свеста на братската нација со своите странски вредности и сее раздор меѓу браќата.

Нивното влијание е длабоко, па борбата против нив ќе биде долга и тешка. Овој обид на надворешните сили да ги скараат народите на Светата Русија, според патријархот, е тренд што се повторува во историјата. Операцијата е крстоносна војна за ослободување на бившите браќа од канџите на мрачната сила што ѝ е противник на руската нација. Борбата во Украина, која на крај се сведе на ослободување на регионот Донбас, значи борба за независност на Русија.

„Треба да го запреме братското крвопролевање“, порача патријархот од Главната катедрала на руските вооружени сили, но „војниците треба да ѝ бидат лојални на заклетвата на верност“, што значи дека треба да ја почитуваат секоја наредба од Кремљ. Иако ова на Западот може да звучи како глупост, рускиот воен агитпроп им објаснува на војниците дека „бавноста на напредувањето“ е резултат на наредбата да се минимизира штетата врз цивилното население. Фразата на Путин дека „сè оди според планот“ е сеприсутна. Бруталноста што во странските медиуми им се припишува на руските војници е оквалификувана како лажни вести што ги шири Западот.

Црквата на секој можен начин го поддржува Кремљ. Патријархот испрати роденденски благослов до командантот на руските воздушни трупи, кога неговите елитни сили извршија рација на аеродром во близина на Киев, главниот град на Украина. Тој го испрати истиот благослов до командантот на руската морнарица, чија пешадија е распоредена на главните боишта на оваа војна, и му подари голема икона на Богородица на командантот на Росгвардија - навидум домашни безбедносни сили - да ги заштити неговите трупи во битка.

Руската војска мора да го ротира персоналот и да ги замени жртвите. Загубите на опрема се важни, но работната сила е уште покритична. Русија во Украина ангажира непозната комбинација од регрути и професионални војници. Приливот на војници го сочинуваат пролетната и есенската смена, но за тоа е клучна јавната поддршка. Во меѓувреме ранетите и загинатите се враќаат дома. Ако не добијат никакво восхитување или ако се чувствуваат предадено и непожелно, тоа може да поттикне избегнување на мобилизацијата, распаѓање на моралот и граѓански немири.

Враќањето дома на деморализираната војска може да разгори бунт.

Така, почна најголемата внатрешна информативна кампања во последните децении. Во 1941 година, Сталин ја мобилизираше културната елита за да ги зајакне воените напори. Слично на тоа, денес, Кремљ ја принудува забавната индустрија и креаторите на мислењето - пејачи, писатели, поети, публицисти, јавни интелектуалци, блогери и тиктокери - да го поддржат режимот или ќе бидат прогласени за отпадници и ќе исчезнат. Поголем дел од незадоволните очајнички избегаа. Од оние што останаа се очекува да не креваат врева. Критиката кон војската се поистоветува со предавство и безмилосно се потиснува. Обемот на цензурата е без преседан.

Додека замполитите се борат за душите и мозоците на руските војници, руските бригади од интернет-тролови ја поправаат штетата од меѓународното влијание што Русија ја претрпе. Наводно сместени во стара фабрика за муниција во Санкт Петербург, руските интернет-платеници се поврзани со Евгениј Пригожин и неговата компанија ИРА, која е осомничена дека се обидела да влијае на американските претседателски избори во 2016 година. Според британските аналитичари, троловите од Санкт Петербург ги таргетираат профилите на социјалните мрежи на водечките западни политичари, како што се британскиот премиер Борис Џонсон, германскиот канцелар Олаф Шолц и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Една од нивните главни задачи е зголемување на видливоста преку коментирање и „лајкување“ на соопштенијата и дебатите во корист на пропагандата на Кремљ. Тврдењата на реалните луѓе што изразуваат позитивно мислење за Москва се значително поткрепувани или потиснувани.

Иако нивните активности се забележани на Твитер и Фејсбук, тие почнаа особено да се фокусираат на поновите социјални мрежи, како што се Инстаграм, Јутјуб и Тикток. Британски Гардијан објави дека на Телеграм посебна улога во офанзивата на интернет-пропагандата има каналот „Сајбер фронт Z“, именуван по буквата „Z“, која симболизира поддршка за руската инвазија.

Аналитичарите велат дека руските тролови ги научиле своите вештини од тактиките што ги користат теоретичарите на заговори Канон и терористите на Исламска држава, а во неколку случаи таргетирале профили на популарни музичари како Дафт Панк, Дејвид Гета, диџеј Тиесто и Тамштајн.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе