Њујорк тајмс

Кога ковид-19 се повлече, Израел ги отвори училиштата. Тоа не помина добро

Додека земјите низ светот размислуваат за стратегии за враќање на училиште наесен, коронавирусните жаришта во едно средно училиште во Ерусалим служат како предупредување.

Додека Соединетите Држави и другите земји грозничаво размислуваат како повторно да ги отворат училиштата, Израел, една од првите земји што го сториja тоа, е пример за опасностите од избрзаниот чекор, вели Њујорк тајмс.

Убедена дека го победила коронавирусот и очајна да ја покрене уништената економија, израелската влада кон крајот на мај ги врати во училиште сите ученици.

За неколку дена беа пријавени инфекции во средно училиште во Ерусалим, кое брзо порасна во најголемо училишно жариште во Израел, веројатно и во светот.

Вирусот се пренесе во домовите на учениците, а потоа и во другите училишта и населби, на крај инфицирајќи стотици ученици, наставници и роднини.

Други жаришта принудија стотици училишта да се затворат. Низ целата земја, десетици илјади ученици и наставници беа ставени во карантин.

Советот на Израел за другите земји?

„Дефинитивно не треба да го сторат тоа што го сторивме ние“, рече Ели Ваксман, професорка во Научниот институт Вајзман и претседателка на тимот што го советува израелскиот Национален безбедносен совет за пандемијата. „Тоа беше голем кикс“.

Лекцијата, велат експертите, е дека дури и заедниците што успеале да го стават под контрола ширењето на вирусот треба да преземат строги мерки на претпазливост при повторното отворање на училиштата. Помали одделенија, носење маски, клупи на растојание од два метри и соодветна вентилација се клучни мерки додека да се добие вакцина.

„Ако има мал број заразени, постои илузија дека болеста е завршена“, рече д-р Хагаи Левин, професор по епидемиологија на Хебрејскиот универзитет - Школа за јавно здравје Хадаса. „Но тоа е комплетна илузија“.

„Грешката во Израел“, рече тој, „е дека вие може да го отворите образовниот систем, но тоа мора да го правите постепено, со одредени ограничувања и тоа мора да го сторите мошне внимателно“.

Справувањето на Израел со пандемијата во почетокот се сметаше за успешно. Земјата со девет милиони жители брзо ги затвори своите граници, во средината на март ги затвори училиштата и воведе учење од дома за своите два милиони ученици. Во април Пасха и Рамазан се славеа во карантин.

До почетокот на мај, стапката на инфекција опадна од повеќе од 750 потврдени случаи на ден, на двоцифрени бројки. Најмладите ученици, од трето одделение и подолу, и постарите ученици што полагаа завршен испит се вратија во мали групи, а училниците ги користеа во смени.

Потоа, охрабрена од падот на стапката на инфекција, владата целосно ги отвори училиштата на 17 мај, денот кога новата влада положи заклетва.

Во својот инаугуративен говор, премиерот Бенјамин Нетанјаху вети нов буџет што ќе донесе три работи: „Работни места, работни места, работни места“. Неговиот нов министер за образование, Јоав Галант, рече дека „итната мисија“ на училишниот систем е да им овозможи на родителите спокојно да се вратат на работа.

Ина Залтсман, претставничка на Министерството за образование, рече дека раководителите сакале и „колку што е можно повеќе да им ја вратат рутината на децата, заради нивната емоционална и педагошка благосостојба“.

Веќе се отворија трговските центри, пазарите на отворено и спортските сали, а наскоро и храмовите, рестораните, баровите, хотелите и салите за венчавки. Нетанјаху им рече на Израелците да грабнат пиво и, со доза претпазливост, „Излезете и уживајте“.

Од денешен аспект, тој совет беше неверојатно избрзан.

Истиот ден една мајка му се јави на еден учител во историското средно училиште Гимназија Халврит во Ерусалим. Нејзиниот син, ученик од седмо одделение, имаше позитивен тест на вирусот.

До следниот ден, училиштето потврди уште еден случај во деветто одделение. На крај, израелските власти соопштија дека за 154 ученици и 26 вработени е откриено дека се заразени.

„Имаше општа еуфорија кај јавноста, чувство дека добро сме се справиле со првиот бран и дека тоа е зад нас“, рече Даниел Леибовиц, директорот на Гимназијата. „Се разбира, тоа не беше точно“.

Министерството за образование објави безбедносни упатства: маски да носат учениците од четврто одделение и повисоко, прозорците да се држат отворени, често да се мијат рацете, а учениците секогаш кога е можно да бидат на растојание од два метри.

Но во многу израелски училишта, каде што во една училница од педесетина квадратни метри се напикани и до 38 деца, физичкото растојание се покажа невозможно.

Не можејќи да ги почитуваат правилата, некои локални власти или ги игнорираа или едноставно одлучија да не ги отворат училиштата со полн капацитет.

Потоа удри топлински бран. Родителите се пожалија дека е нехумано да се тераат децата да носат маски во спарните училници каде што отворените прозорци ја оневозможуваат климатизацијата.

Како одговор на тоа, владата четири дена ги ослободи учениците од носење маски, а училиштата ги затворија прозорците.

Таа одлука се покажа катастрофална, велат експертите.

„Наместо да го затворите училиштето во тие денови, тие само им рекоа на децата 'Добро, па седете на час со климатизација и извадете ги маските', така што всушност вие и немате вентилација“, вели д-р Ронит Калдерон-Маргалит, професор по епидемиологија на Хебрејскиот универзитет - Школа за јавно здравје Хадаса Браун. „Имате идеални услови за појава на жариште“.

Гимназијата стана расадник на ковид-19.

Кога беше откриен првиот случај, соучениците, наставниците и другите контакти на ученикот беа ставени во карантин. По вториот случај, кој не беше директно поврзан со првиот, училиштето беше затворено и на сите им беше наложено две недели да седат во карантин. Сите ученици и вработени беа тестирани, честопати со часови чекајќи во редици.

Околу 60 проценти од заразените ученици беа асимптоматски. Наставниците, од кои некои предаваа повеќе предмети, беа најпогодени, а неколкумина беа хоспитализирани, рече директорот.

Родителите беа гневни. Оз Арбел за Израелското воено радио рече дека за еден училиштен проект, соучениците на неговата ќерка седеле на иста клупа и си подавале мобилен телефон со учител што покажувал симптоми. Неговата ќерка и сопруга се заразиле.

Еден ученик во Гимназијата, Офек Амзалег, за јавното радио Кан рече дека наставник што кашлал на час и се шегувал дека нема коронавирус бил меѓу оние што биле тестирани позитивно. Офек исто така се заразил.

Директорот Леибовиц рече дека не знае дали некој наставник доаѓал со симптоми.

Во обид да го спречи ширењето на заразата, Министерството за образование вети дека ќе го затвори секое училиште со макар и еден случај на ковид-19. На крај затвори повеќе од 240 училишта и стави во карантин повеќе од 22.520 наставници и ученици.

Кога кон крајот на јуни заврши учебната година, соопшти Министерството, 977 ученици и наставници имаа фатено ковид-19.

Но на Министерството за здравство, во недостиг од инфраструктура и ресурси, потрагата по контакти не му беше приоритет. Во случајот со Гимназијата, рече професорот Ваксман, никој не откри дури ни со кои автобуси учениците се возеле до училиште.

Матурските беа откажани, но матурантите во централниот град Раанана сепак тајно одржаа матурска забава. Десетици се заразија со вирусот.

Воспитувачката во забавиште Шалва Залфренд (64) им испрати на родителите белешка во која напиша дека верува дека се заразила во своето училиште, каде што некои родители ги праќале своите деца од заразени домаќинства. Таа почина во јули.

Надвор од училишните ѕидови, коронавирусот одмазднички се врати. Ковид-одделите, кои кон крајот на април беа затворени со свечени церемонии, повторно почнаа да се полнат, а до крајот на јуни потврдените инфекции се вивнаа до околу 800 на ден, а до крајот на јули и до повеќе од 2.000 на ден.

Некои го сметаа повторното отворање на училиштата како главен фактор за вториот бран. Сигел Садецки, кој минатиот месец фрустрирано поднесе оставка како директор на израелските јавноздравствени служби, напиша дека недоволните мерки на претпазливост во училиштата, како и големите собири како свадбите, поттикнале „значаен дел“ од инфекциите од вториот бран.

Но други рекоа дека обвинувањето на училиштата е неправедно кога вистинскиот проблем е тоа што сè се отворило премногу брзо.

„Единствениот настан со суперпреносител во Гимназијата случајно се погоди во училиште“, рече д-р Ран Балисер, израелски службеник за здравствена заштита и советник на премиерот за пандемијата. „Можеше да се случи во која било друга средина“.

Сега Израел се соочува со истите проблеми како и другите земји, обидувајќи се да извлече поука од своите грешки при планирањето за учебната година што почнува на 1 септември.

Експертите за јавно здравје во светот усогласија низа упатства за повторно отворање на училиштата.

Главна препорака е да се создадат групи од по 10 до 15 ученици што ќе престојуваат заедно во училниците, на одморите и на ручекот, а наставниците да бидат назначени само на една група. Секоја група да има минимален контакт со другите групи, ограничувајќи секакво ширење на инфекцијата. А ако се појави случај на ковид-19, една група да може да оди дома во карантин, а другите да можат да продолжат на училиште.

Другите клучни препораки се зашеметувачки распореди на часови или онлајн-предавање за постарите ученици, растојание од неколку метри меѓу клупите, почесто дезинфицирање на училниците, обезбедување вентилација и отворање прозорци ако е можно и носење маски од страна на вработените и учениците што се доволно стари за да ги носат правилно.

Израел веќе тргна во таа насока.

Владата неодамна назначи висок функционер одговорен за коронавирусот, д-р Рони Гамзу, кој одговорноста за тестирање и испитување од Министерството за здравство ја префрли на војската. „Ова е операција, а не лек“, изјави тој.

Во неделата владата ги одобри плановите наесен на училиште на редовни часови да се вратат само вторите и подолните одделенија. За помалите деца е помала веројатноста сериозно да се разболат, а некои студии сугерираат и дека тие се со помала веројатност од возрасните и тинејџерите да им го пренесат вирусот на други.

Плановите исто така предвидуваат поделување на постарите ученици во групи од по 18 и претежно онлајн-упатства за петтото и погорните одделенија. Директорите ќе имаат право да ги приспособуваат политиките на своето училиште врз основа на локалните услови.

Дури и тие мерки може да не се доволни, вели Њујорк тајмс.

Менаш Леви, претседател на израелското здружение на директори на гимназии, ги нареди клупите на растојание од два метри во една стандардна училница. Во неа може да се сместат 14 ученици, а не 18.

Но Израел граба напред. Се отфрла само една опција: затворање на училиштата.

„Ова е долгорочна пандемија“, рече д-р Надав Давидович, советник за пандемиска политика на владата. „Не можеме да ги затвориме училиштата цела година“.

Објавено

Петок, Август 7, 2020 - 12:37

Добро е, во прво време, г. премиер, да го поттикнете Вашиот министер за култура да најде погодна форма да се преобјави книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Конески, пишува професорот Атанас Вангелов во отворено писмо до премиерот Зоран Заев.

повеќе

Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

повеќе

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

повеќе