Коронавирус

Ќе стане ли Турција новата Италија?

Во Турција официјално сѐ уште има релативно мал број заразени и умрени од коронавирусот. Во последните денови, меѓутоа, тој број нагло расте, речиси исто толку брзо како во САД. А властите очигледно за тоа не ги информираат луѓето како што би требало, пишува Дојче веле.

Списокот од официјалниот регистар на умрените на градот Истанбул кружел неколку часа по социјалните мрежи и медиумите на интернет пред да биде блокиран пристапот. На тој список биле наведени смртните случаи од претходниот ден – имињата на умрените, датумите на раѓање и причината за смртта на 255 лица. Како причина за смртта ковид-19 бил наведен 20 пати.

Турскиот министер за здравство беше приморан да објасни што се случило, бидејќи за истиот ден, 28 март, неговото министерство објавило дека има само 16 смртни случаи од последици на инфекцијата со коронавирусот, и тоа во цела Турција. Првото објаснување на министерот гласеше дека, по сѐ изгледа, уште четири лица умреле откако тој ги објавил бројките. Било потребно да помине уште еден ден па истанбулското комунално претпријатие кое управува со гробиштата да признае дека грешката била нивна. Министерот е во право, соопштило претпријатието.

Сомнежот и недовербата во информациите на власта, меѓутоа, остануваат. Сомничав е и заменикот на турската лекарска комора Али Черкезоглу. Тој вели дека „на бројките мораме да им веруваме, но не мора да ги прифаќаме, туку мора да ги преиспитуваме. Бидејќи ако одговорните во земјата не спроведуваат доволно тестови, тогаш мора да се разговара за тоа дали е тоа вистинската статистика во оваа земја“, кажа Черкезоглу.

Тоа за што зборува Черкезоглу е чувствителна тема. Релативно малиот број на заразени, вели, би можелд а биде поврзан со малиот број тестирања. Од избивањето на епидемијата до минатиот викенд во Турција биле тестирани помалку од 50.000 луѓе – толку во Германија се тестираат за само еден ден. Некои експерти сметаат дека бројот не непознатите случаи во Турција е 50 пати поголем.

Но дури ни за официјалните статистики владата не била доволно подготвена, тврди Омер Фарук Гергерлиоглу, лекар и пратеник на опозициската курдска Демократска партија на народот (ХДП). „Министерствата се претвараа дека вирусот нема да ја погоди Турција. Но Турција е земја со интензивен трговски и патнички сообраќај со Кина. А кога вирусот дојде до Иран, беше јасно дека ќе дојде во Турција“, вели Гергерлиоглу.

Во меѓувреме училиштата, факултетите и поголемиот број продавници се затворени. Луѓето се повикани да не ги напуштаат своите куќи и станови. Сите летови кон и од странство се откажани. Патувањата во земјата се можни само со одобрение. Властите во карантин ставија околу 40 општини.

Тоа, меѓутоа, е единствената информација за тоа кои региони се особено погодени. За Али Черкезоглу тоа не е доволно: „Сакаме јавноста транспарентно да се информира, и тоа не само секоја вечер за новите бројки на заразени и умрени. Мора да бидат неведени повеќе детали, при што имињата на пациентите мора да се држат во тајност. Турција има проблем со транспарентноста – кога станува збор за коронавирусот, но и за секоја друга тема“, критикува лекарот.

Неговиот колега и политичар Гергерлиоглу предупредува на уште еден можен проблем: ситуацијата во затворите. Опасноста од зараза во пренатрупаните затвори е, вели, голема.

Министерот за правосудство Абдулхамит Ѓул, меѓутоа, тврди: „Доколку дојде до здравствени проблеми, затворениците веднаш ќе се транспортираат во болници. Дури откако ќе оздрават ќе бидат вратени во затворите. Потоа 14 дена ќе бидат изолирани додека повторно не се вратат во ќелиите“.

Владата сепак планира да го смени кривичниот закон што би овозможило околу 300 илјади затвореници да бидат пуштени на слобода. Затоа здруженијата на жените стравуваат дека на слобода би можеле да бидат пуштени и оние кои извршиле сексуално насилство. Владата ги смирува, потсетува дека предлогот за измена на законот е сѐ уште во фаза на гласање, но и ека убијците, осудените за сексуални злосторства и тероризам ќе останат зад решетките.

Адвокатот и новинар Гекчер Тахинчиоглу стравува дека владата би можела да ја искористи кризата за на слобода да ги пушти оние кои ѝ се блиски, а омразените критичари и наводните терористи да ги задржи во затвор и да ги изложи на ризик од зараза. „Притоа мислиме главно на оние затвореници кои не учествувале во оружени акции, ниту имаат директни врски со терористички организации“, вели Тахинчиоглу со тврдење дека многумина завршиле во затвор поради своето мислење, „како многу писатели, новинари или политичари“.

А меѓу нив има и лекари и друг медицински персонал – луѓето кои во Турција во следните недели ќе бидат попотребни повеќе од кога било до сега.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе