Ќе стане ли обвинет сексуален злоставувач врховен судија во САД? (ВИДЕО)

Брет Кавано, кандидатот на претседателот на САД Доналд Трамп за нов судија на Врховниот суд, се најде во сериозни проблеми откако жена го обвини дека пред повеќе од 30 години се обидел да ја силува.

Но, освен Сенатот во кој републиканското мнозинство сака што побрзо да го потврди Кавано за судија на Врховниот суд, во целата ситуација може да се замеша и ФБИ. Имено, жената која го обвини, универзитетската професорка Кристин Блејзи Форд, одби да сведочи пред сенатскиот одбор за правосудство пред ФБИ да спроведе истрага за наводниот сексуален напад.

Во писмото што адвокатите на Форд му го испратија на директорот на сенатскиот одбор Чак Грасли, бараат да се спроведе „целосна полициска истрага која ќе обезбеди клучните факти и сведоците во овој предмет да бидат проценети на непартиски начин и одборот да биде целосно информиран пред да го спроведе сослушувањето или да донесе каква било одлука“.

Кавано и Форд во времето кога Форд тврди дека Кавано ја нападнал, пред 36 години, биле малолетни средношколци. Таа тврди дека на почетокот на 1980-тите, кога Брет Кавано бил во гимназија во Бетесда, предградие на Вашингтон, се обидел сексуално да ја нападне. Тогаш 17-годишниот Кавано наводно ја турнал во спална соба заедно со тогашниот соученик Марк Џаџ и се обидел да ја соблече, прекривајќи ѝ ја устата со рака кога се обидела да вриска. На крајот успеала да го оттурне, а по настанот тврди дека морала да побара психолошка помош.

Кавано го негира сексуалниот напад, а тој и Џаџ негираат дека воопшто биле на дотичната забава. „Ова е целосно лажно обвинение. Никогаш не сум направил такво нешто како тоа што го опишува таа – ни не неа ни на кој било друг. Бидејќи тоа никогаш не се случило, немав поим кој го поднел обвинението сѐ додека таа вчера не се претстави. Спремен сум да разговарам со сенатскиот одбор за правосудство на кој било начин кој одборот кој смета за примерен за да ги побијам овие обвинувања, од пред 36 години, и да го одбранам својот интегритет“, изјави Кавано.

Адвокатите на Форд во писмото предупредуваат дека нивната клиентка „е мета на злонамерно малтретирање па дури и закани со смрт“ и дека поради тоа била приморана да го напушти својот дом, но додале дека добила и „вџашувачка поддршка од заедницата“.

„Да се побара од неа да дојде за четири-пет дена и да седне пред сенатски одбор на национална телевизија не е чесен процес. Ако им е важно да го направат вистинското нешто и да пристапат сериозно кон целиот случај, тогаш треба да постапат правилно и примерно да истражат, а таа ќе соработува со нив во таа истрага и ќе ја сподели својата приказна со одборот“, изјави адвокатката Лиза Бенкс.

Одбивањето Форд да сведочи пред сенатскиот одбор за правосудство, како што ѝ било понудено, значи дека републиканските сенатори кои го држат мнозинството во овој дом на парламентот сега се во сериозна дилема. Сѐ упатува на тоа дека Трамповите републиканци сепак ќе истраат на тоа Кавано да го потврдат за судија на Врховниот суд што побрзо, односно да го занемарат барањето на неговата обвинителка за полна полициска истрага пред да дојде да сведочи пред Сенатот, пишува Стивен Колинсон за Си-ен-ен.

„Понудата сѐ уште стои. Сведочењето на Форд би ги рефлектирало нејзините лични знаења и сеќавања на тие настани. Ништо што ФБИ или други истражители би направиле не би имало влијание врз тоа што Форд ќе му го каже на одборот, затоа нема причина за понатамошно одложување“, коментираше сенаторот Грасли. „Таа има прилика да дојде – ние го водиме одборот, не нејзините адвокати, не демократите“, се огласи и еден од водечките републикански сенатори Линдзи Греам од Јужна Каролина.

Со него се сложи и друг републикански сенатор, Боб Коркер од Тенеси, кој на Твитер напиша: „Републиканците пружија рака со најдобра намера. Ако не ги слушнеме двете страни во понеделник, одиме да гласаме“.

Но оваа чувствителна ситуација на Твитер ја коментираше и Трамп, на невообичаено воздржан начин и без вообичаените навреди, но сепак испрати јасна порака кому му верува и што сака. „Врховниот суд е една од главните причини зошто сум избран за претседател. Се надевам дека републиканските гласачи и другите ја гледаат и анализираат тактиката на демократите“, напиша Трамп, алудирајќи дека сето ова е подметнување на опозициските демократи за да се одложи или сопре изборот на републиканскиот врховен судија.

Трамп застана во одбрана на Кавано и во живо – го нарече „беспрекорен судија“ и „голем господин“, кажа дека „се чувствува лошо за него“, ги обвини демократите дека ги изнеле овие обвиненија дури сега, пред самото гласање за избор на судија, но истакна дека „треба да се мине низ процесот“ за да нема „ни најмал сомнеж“.

Затоа брзиот избор на судијата Кавано би ги задоволил и Трамп и бројните републикански пратеници и гласачи кои на ова гледаат како опозициски трик и кои сакаат да го зацементираат конзервативното мнозинство во Врховниот суд. Но, таквиот потег би можел да предизвика критики дека Републиканската партија не сака да спроведе целосен и чесен процес во случај во кој жена обвинува моќен маж.

Прашање е и дали републиканците, кои имаат многу мало мнозинство во Сенатот, воопшто ќе имаат доволно гласови за избор на Кавано. Сенаторот Џеф Флејк, отворен критичар на Трамп, претходно кажа дека нема да гласа за Кавано без претходно сведочење на Форд. Сенаторките Сузан Колинс и Лиза Мурковски исто така би можеле да се свртат против својот претседател.

Не може да се занемари ни тоа што и самиот Трамп бројни жени го обвинија за сексуално малтретирање, иако тоа досега на претседателот на САД не му донесе ни политички ни правни последици. Но на парламентарните избори следниот месец демократите би можеле да капитализираат на овие обвиненија и нивното игнорирање и да стекнат мнозинство и во Конгресот и во Сенатот, што Трамп воопшто не го сака.

Засега, изборот на конзервативниот судија, за кој се шпекулира дека би можел да гласа за уривање на сојузната легализација на правото на аборутс и понатаму виси во воздух.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе