На предлог на Ердоган

Ќе стане ли Аја Софија повторно џамија?

Вчера пред суд во Турција беше одржано сослушување со цел повторно претворање на музејот Аја Софија во Истанбул во џамија, а одлуката ќе биде соопштена во рок од 15 дена, изјави адвокатот по повод темата која предизвика меѓународна загриженост.

EPA-EFE

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган предложи споменикот на културното наследство стар 1.500 години, по заштита на УНЕСКО, повторно да добие статус на џамија.

Судот одлучува за законитоста на одлуката на Мустафа Кемал Ататурк од 1934 година во раните денови на модерната секуларна турска држава објектот од шестиот век од џамија да го претвори во музеј.

Тогаш одлуката на Ататурк беше сметана за гест на добра воља кон Западот. Денес, Аја Софија е водечката туристичка дестинација во Турција, а минатата година привлекла преку 3,7 милиони посетители кои се возсхитувале на златните мозаици кои се сметаат за ремек дело на средновековната уметност и куполата која се крева 30 метри над земјата.

„Сметаме дека судот ќе утврди дека тоа што Аја Софија во последните 86 години беше музеј го повредило и растажило турскиот народ“, кажа Селами Караман, правен застапник на здружението кое го отвори случајот.

„Оваа џамија е лична сопственост на султанот Мехмет Освојувачот“, кажа тој зборувајќи за отоманскиот лидер кој го освоил градот, тогаш познат како Константинопол, во 1453 година и тогаш 900 години старата византиска црква ја претворил во џамија.

Ројтерс потсетува дека отоманците ги доградиле минарињата, додека внатре додале огромни калиграфски панели со арапските имиња на раните муслимански калифи покрај христијанската иконографија.

Вселенскот патријарх Вартоломеј, духовниот лидер на околу 300 милиони православни христијани низ светот, кажа дека претворањето на музејот во џамија би ги разочарало христијаните.

„Претворањето на Аја Софија, која поради својата светост е клучниот центар каде Истокот го сретнува Западот, во џамија ќе ги разочара милионите христијани низ светот и ќе предизвика раздор меѓу двата света“, кажа патријархот по литургија во една црква во Истанбул. Вартоломеј напомена дека Аја Софија или Црквата на светата мудрост служела како свето место за христијаните повеќе од 900 години, а за муслиманите 500 години.

Американскиот Стејт департмент и Грција исто така ја повикаа Турција да го задржи статусот на музејот.

„Ја повикуваме турската влада да продолжи да ја чува Аја Софија како музеј, како пример за својата обврска дека ќе ја почитува разноликоста на турската верска традиција и историја и ќе обезбеди таа да им биде достапна на сите“, објави американскиот државен секретар Мајк Помпео на Твитер. Грција, како што пренесува Политико, вложи официјална жалба до УНЕСКО, кој веќе ја информирал Турција дека правилата наложуваат Анкара да ја консултира агенцијата на ОН за култура пред да го смени статусот на споменикот.

Грчката влада соопшти и дека Турција ризикува отворање огромна „емоционална шизма“ со христијанските земји. Новиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу – член на опозициската секуларна партија која ја формирал Ататурк – кажа дека Аја Софија треба да остане музеј. Тој ја повика владата да се откаже од контроверзи со цел постигнување политички поени во време кога треба да биде фокусирана на проблемите како пандемијата на коронавирусот.

Меѓутоа, турски групи веќе подолго време се залагаат Аја Софија повторно да биде претворена во џамија, тврдејќи дека тоа подобро би го одразувало статусот на Турција како мнозински муслиманска земја. Ердоган во прво време им одолеваше на тие повици, но пред локалните избори минатата година ја поддржа кампањата, во потег кој се заканува дополнително да ги влоши неговите односи со Западот.

Турските медиуми објавија дека првите молитви во Аја Софија би можеле да бидат одржани на 15 јули, на четвртата годишнина од пучот против претседателот, и дека Ердоган им наложил на функционерите да смислат формула според која на туристите и понатаму би им бил дозволен влез во џамијата.

Политико наведува дека судиите би можеле да одлучат Аја Софија да го задржи неутралниот статус, решавајќи ги на тој начин Ердогановите грижи дека преобраќањето на Аја Софија би можело дополнително да ги влоши односите со Западот, од кој зависи за трговијата и финансиите, особено по економскиот крах предизвикан од пандемијата на коронавирусот.

Меѓутоа, постојат назнаки дека деновите на Аја Софија како музеј ѝ се одброени. Политико пишува дека Ердогановата влада во изминатте години низа историски цркви кои имале слична судбина како Аја Софија ги претворила во џамии.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе