Мешање во американските избори

Ќе се смее ли Путин последен?

Американскиот претседател Доналд Трамп ирочнично го замоли својот руски колега да не се меша во следните американски избори, што изгледаше како да го ублажува скандалот кој доведе до истрага за контактите на неговата изборна кампања и Кремљ за време на изборите во 2016 година.

Трамп и Владимир Путин им се обратија на новинарите во Осака пред првата официјална средба од контроверзниот самит во Хелсинки минатиот јули и објавувањето на извештајот на специјалниот американски истражител Роберт Малер за мешањето на Русија во изборите.

На прашањето на новинарите дали ќе го постави тоа прашање на средбата на маргините на самитот Г20, Трамп кажа дека „Нормално дека ќе го поставам“, на што Путин се насмеа. Трамп потоа се сврте кон Путин и му се „закани“ да не го прави тоа.

Критичарите го обвинуваат Трамп дека е премногу пријателски насроен кон Путин и го искараа за тоа што не му се спротивстави јавно на рускиот претседател во Хелсинки откако американските разузнавачки агенции заклучија дека руски оперативци ги хакирале компјутерите на Демократската партија и од лажни профили на социјалните мрежи ја напаѓале неговата ривалка во 2016, Хилари Клинтон.

Неговиот обид во Осака да ја ублажи ситуацијата наиде на остар одговор во Соединетите Држави.

„Русија ја нападна нашата демократија во заговор со цел вештачки да го постави Трамп во Овалната канцеларија. Тоа не е смешно“, објави на Твитер шефот на демократите во Претставничкиот дом Хаким Џефрис.

„Што ќе каже Боб Малер на ова?“, напиша Џефрис. Малер би требало јавно да сведочи во истрагата пред Конгресот на 17 јули.

Мајкл Мекфол, поранешниот американски амбасадор во Русија за време на власта на демократот Барак Обама, кажа дека Трамповото уважување на Путин е „разочарувачко, но повеќе не е шокантно“.

Малер заклучи дека Русија се мешала во изборите, но дека не постојат доволно докази дека Трамповата кампања незаконски била во заговор со Москва. Русија негира какво било мешање.

Путин вели дека го поддржува Трамп, кој повеќе пати ја отфрли истрагата на Малер како лов на вештерки.

Поранешниот американски претседател Џими Картер кажа дека комплетната истрага „ќе покаже дека Трамп всушност не победил на изборите во 2016... Тој беше доведен на функцијата затоа што Русите се мешаа во негово име“, објави Ју-ес-еј тудеј.

Трамп истакна дека му е „голема чест“ да се сретне со Путин. „Имаме одлични средби. Имаме многу, многу добар однос. И се радувам на тоа да минеме добро време заедно“, кажа Трамп.

Кремљ соопшти дека Трамп изразил спремност да почне дијалог со Русија за стратегиската стабилност и разоружувањето и да ги унапредат трговските односи.

Демократите му замераат на претседателот за тоа што не е поостар со Путин пред изборите во САД во 2020, на кои Трамп ќе се обиде да освои уште еден мандат.

„Руското мешање во нашата демократија би требало да го загрижи секој Американец“, објави на Твитер претседателот на разузнавачкиот одбор на Претставничкиот дом, демократот Адам Шиф. „Ако не се потрудиме да спречиме дополнително мешање во 2020, Путин последен ќе се смее“.

Трамп во Осака, трудејќи се дополнително да ја ублажи ситуацијата, се трудеше да најде заеднички јазик со Путин на штета на новинарите кои ги следеа лидерите од почетокот на нивната средба.

„Ајде да се ослободиме од нив. Лажни вести се одличен термин, зар не? Вие во Русија го немате овој проблем, но ние го имаме“, кажа Трамп.

Путин на тоа одговори на англиски: „Го имаме и ние. Иста ситуација“.

Шегата предизвика остри осуди низ Америка, каде новинарите ја одбележуваа годишнината од убиството на петте колеги во редакцијата во Мериленд.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе