Кинеска, руска, американска: кој која вакцина ќе ја земе против короната

Трката за имунизација од коронавирусот веќе почна. Првите дози се поделени, произведувачите ги фалат своите вакцини и аплицираат за итно одобрување.

Фото: ЕПА

Активистите за човекови права предупредуваат дека богатите земји веќе ги разграбале вакцините, а во зависност од економската ситуација или од политичката идеологија, државите се двоумат меѓу кинеската, руската или американската.

Американската компанија Фајзер и германскиот Бионтек се први на листата на Европска Унија, која ги порача вакцините и до крајот на идната година обезбеди две милијарди дози, што е доволно за вакцинирање една милијарда луѓе – а ЕУ без Велика Британија ќе има околу 450 милиони жители.

Велика Британија беше првата западна земја што ја одобри примената на Фајзеровата вакцина, која на клиничките тестирања беше ефикасна 95 отсто, и во почетокот на седмицава веќе ја почна вакцинацијата на најранливите категории.

Додека се очекува дека САД следниве денови ќе ја одобрат Фајзеровата вакцина, Европската агенција за лекови го одби барањето на германската фармацевтска компанија Бионтек и на американскиот партнер Фајзер за условно одобрување на вакцината против коронавирусот и соопшти дека мислењето за вакцината ќе го даде на состанокот на 29 декември.

Канадските власти исто така ја одобрија Фајзеровата вакцина, а според некои процени Канада купила повеќе дози по жител од која било друга земја, доволно за секој Канаѓанец да се вакцинира петпати. Мексико најави дека следниот месец ќе ја почне вакцинацијата на своето население со оваа вакцина.

 

Вакцината на Модерна

Американската компанија Модерна разви вакцина што е исто така прилично ефикасна и чијашто прва тура ќе отиде исклучиво во САД, додека Европа и остатокот од светот ќе добијат дози од оваа вакцина дури во втората половина од 2021 година.

Проблем и со Фајзеровата и со вакцината на Модерна е тоа што мора да се чуваат на исклучиво ниски температури. Фајзер на околу -70 Целзиусови степени, а кај Модерна изгледа ситуацијата е малку подобра, зашто нејзината вакцина наводно трае до шест месеци на минус 20 степени, 30 дена во просечен фрижидер и 12 часа на собна температура.

Сепак…

„Никаде на планетава не постои логистички капацитет за дистрибуција на вакцината на оваа температура и со овој волумен без огромни вложувања“, вели Тоби Питерс, професор на Универзитетот во Бирмингем.

Поради тоа овие вакцини се прилично скапи за производство – на пример, САД ќе ја плаќаат Фајзеровата вакцина 17 долари по доза (а и Фајзеровата и вакцината на Модерна се даваат во две дози), што ги прави буквално недостапни за сиромашните земји.

Се очекува Фајзер и Бионтек до крајот на 2020 година да произведат 50 милиони дози, а до крајот на 2021 година 1,3 милијарда дози. А бидејќи за еден човек се потребни две дози вакцина, ако сѐ помине како што треба, 650 милиони луѓе ќе бидат вакцинирани до крајот на 2021 година.

 

Оксфордската вакцина

Универзитетот Оксфорд и компанијата Астра Зенека работат на развој на своја вакцина против короната, која би била поповолна зашто се произведува на поинаков начин од Фајзеровата и од вакцината на Модерна и може да се чува во „нормални“ лабораториски услови, но поради проблемите со волонтерите, воодушевувањето од оваа вакцина малку спласна, што сепак не ги спречи европските земји да ги порачаат своите вакцини пред сите.

Астра Зенека вети дека ќе им испорача стотици милиони дози на земјите со ниски и со средни приходи и дека вакцината ќе им ја доставува на непрофитна основа на тие земји на континентот.

 

Руската вакцина

Русија уште во август прва ја регистрираше својата вакцина Спутник 5 и веќе наголемо ја вакцинира својата популација. Унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе ги порача првите дози од оваа вакцина.

За руската вакцина, која, како што наведе рускиот претседател Владимир Путин, е повеќе од 95 отсто ефикасна, заинтересирани се Бразил, Египет, Индија, Мексико, Венецуела.

Овие вакцини би требало да бидат бесплатни за граѓаните.

 

Кинеската вакцина

Кина веќе наголемо го вакцинира своето население со свои вакцини и тврди дека и нивните вакцини, кои ги развиваат Синивак, Синофарм и уште неколку компании, се исто толку ефикасни како и западните вакцини.

Обединетите Арапски Емирати веќе ја одобрија употребата на кинеската вакцина, а и Турција потпиша договор со кинеската фармацевтска компанија Синовак Бионтек за купување 50 милиони дози од вакцината против коронавирусот, која во моментов е во третата фаза на испитување.

 

Индиската вакцина

Индија разгледува употреба на три вакцини против коронавирусот, вклучително и Фајзеровата, но и две вакцини што ги произведуваат локалните фирми – Барат Бионтек и Индискиот институт за вакцини.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе