Кина ја претрка Русија: четири концерни продаваат повеќе оружје од десетте најголеми руски фирми (ВИДЕО)

Народна Република Кина, по САД, произведува најмногу оружје од која било друга земја во светот.

Новиот извештај на Институтот за мировни истражувања СИПРИ ја наруши досегашната категоризација во светот. На познавачите одамна им е јасно дека Кина на големо произведува оружје и воена опрема.

Сепак, на стокхолмскиот Институт СИПРИ досега му недостигаа сигурни податоци за точна процена на обемот на работењето на кинеската воена индустрија. Во новата анализа Институтот дојде до заклучок дека кинеските компании произведуваат помалку оружје од американските концерни, но повеќе од комплетната руска воена индустрија.

Тоа произлегува од резултатите на четирите најголеми кинески концерни кои произведуваат оружје, а за кои „има веродостојни информации“, наведува СИПРИ.

Истражувачите на СИПРИ за првпат ги процениле податоците за периодот од 2015 до 2017 година и објавија веродостојни процени врз основа на клучните податоци на големите кинески концерни кои произведуваат оружје.

Четирите истражувани концерни продаваат вооружување во вредност од вкупно 54,1 милијарди долари (49 милијарди евра). Тоа е за 16 милијарди долари повеќе од десетте најголеми руски компании, но сепак далеку под резултатите на американските концерни.

Станува збор за компаниите Ејвиејшн индастри корпорејшн од Чајна (АВИК), Чајна електроникс текнолоџи груп корпорејшн (КЕТК), Чајна норт индастрис груп корпорејшн (НРОИНКО) и Чајна саут индастрис груп корпорејшн (КГГК).

Три концерни меѓу десетте најголеми во светот

Во споредба со продажбата на вооружува на компаниите од другите земји, четирите кинески концерни се меѓу 20 најголеми произведувачи на оружје во светот во 2017 година. три се дури меѓу 10-те најголеми. На листата на врвни 20 во 2017 година составена од СИПРИ досега имаше 11 американски, шест европски и три руски концерни.

Сега на шестото место стигна концернот АВИК, специјализиран за производство на авиони и електроника за воздухопловството и тоа со промет од 20,1 милијарда долари (18,2 милијарди евра). Кинеската компанија се најде зад четирите американски концерни Локид Мартин, Боинг, Нортроп Груман и Рајтеон, како и британскиот БАЕ системс.

„Долго ја проценувавме големината на кинеската индустрија на оружје“, објаснува Нан Тијан, експерт на СИПРИ. Имајќи предвид дека податоците досега беа неверодостојни, во Стокхолм досега, додава Тијан, не се решаваа да објавуваат податоци. Според него, откако се дошло до нови извори на информации ситуацијата се сменила. Од оваа година информациите од Кина за првпат биле земени предвид во извештајот на СИПРИ кој се објавува секоја година во декември.

Најголемиот купувач е кинеската војска

Кинеската индустрија на оружје, според наводите на истражувачите, се состои од десет големи воени концерни и еден институт. Во СИПРИ нашле податоци со веродостојни информации за финансирањето на четири концерни. Во тој извештај сепак не се експлицитно наведени информациите за продажбата на оружјето, но тие сепак можеле да се пресметаат. Тијан објаснува дека категоријата „останато“ во тие извештаи главно укажува на продажба на оружје или воена опрема.

Вистинскиот износ на продажбата на оружје на комплетната кинеска воена индустрија би можел да биде и поголем, односно меѓу 70 и 80 милијарди долари, вели Тијан. Според него, за да се добие целосната слика мора да се најдат дополнителни информации за другите шест кинески воени концерни. Но второто место во светското производство на оружје Кина го има уште сега, со сегашната процена на четирите анализирани концерни.

Најголемиот купувач на нивната стока притоа е самата Народна Република Кина. „Речиси сето оружје што го произведува Кина, го купува кинеската војска“, вели Тијан. Според него, една од причините за тоа што Пекинг при производството на оружје и технологија за војската сака да биде целосно независен од другите држави. Истовремено постои и мал тренд на пораст на побарувачката од странство за кинеско вооружување. Сепак, уште е долг патот до тоа Кина да го достигне нивото на извоз што го има Русија, вели Тијан.

Воениот буџет е десеткратно зголемен од 90-тите

Истражувачите одамна се занимаваат со кинеските воени трошоци. Така на пример во 2017, според некои процени, буџетот на Кина изнесувал 228 милијарди долари (206,7 милијарди евра). Во 2018 се зголемил на 250 милијарди долари. Според тие податоци, Кина во 2018 издвоила речиси десет пати повеќе средства за своите воени сили отколку во 1994 година.

Кина почна со големи инвестиции во модернизацијата на производството на оружје уште во 1960-тите, а особено од 1999 година. целта е, според СИПРИ, поттикнување на домашното производство на напредни оружени системи и технологии.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе