Во почетокот на епидемијата

Кина долго не ги давала информациите за коронавирусот, фрустрирајќи го СЗО

Во јануари Светската здравствена организација јавно ја фалеше Кина за, како што рече, брзата реакција на новиот коронавирус. Таа во неколку наврати ѝ се заблагодаруваше на кинеската влада што „веднаш“ ја споделила генетската мапа на вирусот и рече дека нејзината работа и посветеност кон транспарентноста се „мошне импресивни и неискажливи“.

Фото: ЕПА

Но зад сцената, приказната била многу поинаква, со големи доцнења од страна на Кина и огромна фрустрација кај официјалните претставници на СЗО поради недобивањето на потребните информации за борба против ширењето на смртоносниот вирус, открил Асошиејтед прес.

И покрај пофалбите, Кина, всушност, доцнела со споделувањето на генетската мапа, или геномот на вирусот, повеќе од една недела додека три различни владини лаборатории целосно да ги декодираат информациите. За тоа биле виновни строгите контроли на информациите и конкуренцијата во кинескиот јавноздравствен систем, според десетици интервјуа и внатрешни документи.

Кинеските владини лаборатории го објавија геномот дури откако друга лабораторија го објави пред надлежните на една виролошка веб-страница на 11 јануари. Дури и тогаш, Кина уште најмалку две недели одложувала да му даде детални податоци на СЗО за пациентите и случаите, според снимките од внатрешни состаноци што ги одржувала здравствената агенција на ООН во текот на јануари - сите во време кога епидемијата веројатно можело да биде драстично забавена.

Официјалните лица на СЗО ја фалеле Кина во јавноста затоа што сакале да извлечат повеќе информации од владата, сугерираат снимките што ги добил АП. Приватно, тие на состаноците во седмицата околу 6 јануари се жалеле дека Кина не споделува доволно податоци за да се процени колку ефикасно се шири вирусот меѓу луѓето или колкав ризик претставува за остатокот од светот, по цена на скапоцено време.

„Функционираме со многу минимални информации“, вели американскиот епидемиолог Марија Ван Керхов, сега технички шеф на СЗО за ковид-19, на една внатрешна средба. „Ова очигледно не е доволно за да извршите соодветно планирање“.

„Во моментов сме во фаза кога да, ни ги даваат информациите 15 минути пред да ги објават на кинеската државна телевизија“, вели високиот функционер на СЗО во Кина д-р Гауден Галеа на друга средба.

Деновиве здравствената агенција на ОН е под опсада и се согласи на независна истрага за тоа како се справувала со пандемијата на глобално ниво. Откако повеќепати ја фалеше кинеската почетна реакција, американскиот претседател Доналд Трамп во последните неколку недели почна да ја критикува СЗО за наводен дослух со Кина за да го скријат обемот на коронавирусната криза. Тој во петокот ги прекина врските со организацијата, отсекувајќи ги приближно 450-те милиони американски долари што САД секоја година ги даваат како најголем донатор на СЗО.

Во меѓувреме, кинескиот претседател Си Џинпинг вети дека ќе вложи 2 милијарди американски долари во текот на следните две години за борба против коронавирусот, велејќи дека Кина секогаш „навремено“ им давала информации на СЗО и на светот.

Новите информации не се поклопуваат со исказите ниту на САД ниту на Кина, туку прикажуваат една агенција заглавена во средина, која очајно се обидувала да извлече повеќе податоци и покрај ограниченоста на нејзината сопствена моќ. Иако меѓународното право ги обврзува државите да ѝ даваат на СЗО информации што можат да влијаат на јавното здравство, агенцијата на ОН нема извршни овластувања и не може самостојно да ги испитува епидемиите во земјите. Наместо тоа, таа мора да се потпира на соработката од земјите-членки.

Снимките сугерираат дека не само што не била во дослух со Кина, како што вели Трамп, туку СЗО била држена во мрак додека Кина ѝ давала минимум информации што се бараат со закон. Сепак, агенцијата се обиде да ја прикаже Кина во најдобро светло, најверојатно како средство за обезбедување повеќе информации. А експертите на СЗО искрено сметале дека кинеските научници „многу успешно“ го откриле и го декодирале вирусот, и покрај недостигот од транспарентност од кинеските власти.

Персоналот на СЗО дебатирал како да ја притиснат Кина за да ги добијат генетските секвенци и детални податоци за пациентите без да ги налутат властите, загрижени дека ќе го изгубат контактот и ќе им направат проблем на кинеските научници. Според меѓународното право, од СЗО се бара брзо да ги сподели информациите и да им сигнализира на земјите-членки дека се развива криза.

Во втората недела од јануари, шефот за вонредни состојби на СЗО, д-р Мајкл Рајан, им кажал на колегите дека е време да „сменат брзина“ и да се изврши поголем притисок врз Кина, плашејќи се од повторување на епидемијата на САРС, која почна во Кина во 2002 година и уби речиси 800 луѓе низ целиот свет.

„Ова е точно истото сценарио, бесконечни обиди да се добијат новости од Кина за тоа што се случува“, рече тој. „СЗО едвај спаси образ со оглед на проблемите што се појавија околу транспарентноста во јужна Кина“.

Рајан рече дека најдобриот начин да се „заштити Кина“ било СЗО да направи своја независна анализа со податоци од кинеската влада, затоа што во спротивно ќе се доведе во прашање ширењето на вирусот меѓу луѓето и „другите земји ќе преземат дејство соодветно на тоа“. Рајан исто така истакна дека Кина не соработувала на ист начин како некои други земји во минатото.

Доцнењето со објавувањето на геномот беше причина да не се увиди и да не се спречи неговото ширење во други земји, заедно со глобалниот развој на тестови, лекови и вакцини. Недостигот од детални податоци за пациентите, исто така, го отежна утврдувањето колку брзо се шири вирусот - клучно прашање за негово запирање.

Помеѓу денот кога првпат беше декодиран целосниот геном од страна на владината лабораторија на 2 јануари и денот кога СЗО прогласи глобална вонредна состојба на 30 јануари, епидемијата се рашири за фактор од 100 до 200 пати, според ретроспективните податоци за инфекцијата од кинескиот Центар за контрола и превенција на болести. Вирусот досега зарази над 6 милиони луѓе низ светот и уби повеќе од 375.000.

„Очигледно е дека можевме да спасиме повеќе животи и да избегнеме голем, голем број смртни случаи ако Кина и СЗО дејствуваа побрзо“, рече Али Мокдад, професор на Институтот за здравствена метрика и евалуација на Универзитетот во Вашингтон.

Сепак, Мокдад и другите експерти, исто така, забележуваат дека ако СЗО повеќе се конфронтирала со Кина, тоа можело да предизвика далеку полоша ситуација и воопшто да не добие информации.

Ако СЗО се наметнела премногу нападно, може дури и да била исфрлена од Кина, рече Адам Камрат-Скот, професор за глобално здравство на Универзитетот во Сиднеј. Но тој додаде дека доцнењето и од само неколку дена со објавата на генетските секвенци можело да биде клучно во епидемијата, вели АП.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе