Според интерен кинески документ

Кина да очекува непријателство од целиот свет поради вирусот - и оружен судир со САД

Интерен кинески извештај предупредува дека Пекинг се соочува со зголемено непријателство поради епидемијата на коронавирусот, што може да предизвика конфликт со Соединетите Држави, рекле за Ројтерс извори запознаени со содржината на документот.

Во извештајот, кој минатиот месец Министерството за безбедност им го презентирало на водечките лидери во Пекинг, меѓу кои и претседателот Си Џинпинг, се заклучува дека глобалното антикинеско расположение е на највисоко ниво од масакрот во Тјенанмен во 1989 година, рекле изворите.

Како резултат на тоа, Пекинг треба да биде подготвен за најлошото сценарио за оружен судир со САД, изјави за британската агенција извор што сакал да остане анонимен.

Извештајот бил составен од Кинескиот институт за современи меѓународни односи, организација што соработува со Министерството за внатрешна безбедност, водечкото разузнавачко тело во Кина.

Ројтерс немал увид во документот, но му го опишале официјални лица што директно ја виделе содржината.

Британската агенција исто така не можела да утврди до кој степен содржината на документот ги одразува ставовите на кинеските национални лидери и дали и до која мера ќе влијае на нивната политика.

Сепак, презентацијата на извештајот укажува колку сериозно Пекинг ја доживува заканата од зголемениот анимозитет, кој може да ги загрози стратегиските инвестиции на Кина во странство и безбедносната позиција на Кина.

Сегашните односи меѓу Кина и САД се сметаат за најлоши во последните децении, со длабока недоверба и контроверзии што се движат од обвинувањата на САД за нелојална трговија и технолошки практики до споровите околу Хонг Конг, Тајван и Јужно Кинеско Море.

Изминативе денови американскиот претседател Доналд Трамп, соочен со тешка предизборна кампања откако коронавирусот ги однесе животите на десетици илјади Американци и ја растури економијата, ги разжестува критиките испратени до Пекинг и се закани дека ќе воведе нови тарифи за Кина.

Неговата администрација, во меѓувреме, размислува за казнени мерки против Кина за пандемијата.

Нашироко се верува дека САД сакаат да го спречат подемот на Кина, која со растот на својата економија станува сè понаметлива на глобалната сцена.

Документот заклучува дека Вашингтон го смета подемот на Кина како закана за економската и националната безбедност и предизвик за западните демократии. Исто така, се наведува дека САД сакаат да ја загрозат владејачката Комунистичка партија со поткопување на јавната доверба.

Кинеските власти имаа „посебна одговорност“ да ги известат својот народ и светот за заканата што ја претставува коронавирусот „откако првпат дознаа за тоа“, рече портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус, одговарајќи на прашањата на Ројтерс.

Не осврнувајќи се директно на процените изнесени во кинескиот извештај, Ортагус додаде: „Обидите на Пекинг да ги замолчи научниците, новинарите и граѓаните и ширењето дезинформации ги зголемија опасностите од оваа здравствена криза“.

Во извештајот се предупредува дека антикинеското расположение може да поттикне отпор кон кинеските инвестициски проекти во инфраструктурата во рамките на иницијативата „Еден појас, еден пат“ и дека Вашингтон може да ја засили својата финансиска и воена помош за регионалните сојузници, поради што безбедносната ситуација во Азија може да стане напната.

Пред три децении, по масакрот на плоштадот Тјенанмен, САД и многу западни влади воведоа санкции кон Кина, вклучувајќи и забрани и ограничувања за продажба на оружје и технолошки трансфери.

Сепак, денес Кина е многу помоќна.

Си Џинпинг ја реформираше кинеската воена стратегија за да создаде борбени сили опремени за победа во модерните војни. Тој го проширува воздушниот и поморскиот дострел на Кина, доведувајќи ја во прашање 70-годишната американска воена доминација во Азија.

Кинеското Министерство за надворешни работи повика на соработка во соопштение во кое се наведува дека „разумното и цврсто развивање на односите меѓу Кина и САД“ им служи на интересите на обете држави и на меѓународната заедница.

„Секој збор или активност што води кон политичка манипулација и стигматизација под изговор на пандемијата, вклучително и користење на можноста за сеење раздор меѓу државите, не може да се смета како меѓународна соработка против пандемијата“.

САД ја обвинуваат Кина дека ги криела првичните информации за вирусот и лажно ги минимизирала ризиците, додека Пекинг негира дека ги заташкувал размерите и сериозноста на епидемијата.

Кина успеа да го сузбие ширењето на вирусот во земјата и се обидува да се наметне како лидер во глобалната борба против ковид-19. Ова вклучува и пропаганда преку донации и продажба на медицинска опрема на САД и други земји.

Сепак, Кина се соочува со сè поголем број критичари, кои веруваат дека Пекинг треба да одговара за својата улога во пандемијата.

Австралиската влада повика на спроведување меѓународна истрага за потеклото и ширењето на вирусот.

Минатиот месец Франција го повика кинескиот амбасадор во знак на протест поради објава на веб-страницата на кинеската амбасада во која се критикува реакцијата на Западот на коронавирусот.

Вирусот досега зарази над 3,6 милиони луѓе низ целиот свет, а над 255.000 починаа.

 

Кинеска верзија на „телеграмата Новиков“

Еден од функционерите запознаени со содржината на извештајот рекол дека во кинеската разузнавачка заедница го сметаат за кинеска верзија на „телеграмата Новиков“ од 1946 година, испратена од советскиот амбасадор од Вашингтон, Николај Новиков, во која се потенцираат опасностите од американските економски и воени амбиции по Втората светска војна.

Новиков на тој начин одговорил на „долгата телеграма“ на американскиот дипломат Џорџ Кенан од Москва во која се вели дека Советскиот Сојуз не гледа можност за мирен соживот со Западот и дека контролирањето е најдобрата долгорочна стратегија.

Овие два документи придонесоа за создавање на сцената за стратегиско размислување што ги дефинираше обете страни во Студената војна.

Објавено

Вторник, Мај 5, 2020 - 20:40

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе