Каталонија денес ќе „гори“, стотици илјади луѓе се очекуваат на улиците, Мадрид се заканува со полиција

Пред Шпанија е бурна есен. Стотици илјади Каталонци денес излегуваат на демонстрации за одржување на референдумот за независност. Шпанската влада со сите средства се обидува да го спречи отцепувањето, пишува Дојче веле.

Асемблеја натионал Каталана (Assemblea Nacional Catalana) има многу работа. На сите страни се продаваат маици и шарени беџови со натписот „Си“ (да): реквизити за денешните големи демонстрации, на каталонскиот национален празник Дијада. Од 2012, секоја година стотици илјади граѓани демонстрираат за независна држава. Учесниците на годинешните демонстрации ќе се соберат на двете централни улици во Барселона кои се вкрстуваат и така симболизираат големо изборно „Х“.

Годинешните демонстрации се целосно во знакот на планираниот референдум. Североисточната област на Шпанија на 1 октомври сака да решава за својата независност, на референдум кој шпанскиот уставен суд со забрзана постапка го оцени за нелегален.

Расположението е добро меѓу заговорниците на референдумот, и покрај кризата во земјата предизвикана од дебатата за независноста, и покрај последиците кои им се закануваат на политички неодговорните. Шпанското јавно обвинителство со помош на полицијата се обидува да ги спречи подготовките за референдумот и се заканува со тужби за непослушност, злоупотреба на службената позиција и трошење на јавни средства. За тоа во Шпанија се предвидени казни. Каталонската влада не се повлекува.

„На цунамито од тужби и судски процеси ќе одговориме со цунами од демократија“, изјави каталонскиот премиер Карлес Пуџемон по тешките зборови кои стигнаа од Мадрид.

Движењето за независност со години јакне во богатиот дел во североисточна Шпанија. Покрај надежта дека тој регион ќе биде поуспешен доколку неговите пари не одат во посиромашните делови на Шпанија, голема улога играат и емоционалните причини: голем број Каталонци негодуваат поради недоволното уважување на нивните култура и јазик. Сепаратистите сметаат дека Мадрид политички не ги сфаќа доволно сериозно.

„Речиси невозможно е да се спречи на 1 октомври да се отворат гласачките места и да се постават гласачките кутии“, оценува правникот Хавиер Арбос. „Шпанските безбедносни сили во тој случај на денот на референдумот би требало да го спречат пристапот до гласачките места, и да ги конфискуваат гласачките кутии. Тоа би била грда слика која би го обиколила светот, што Шпанија секако ќе се обиде да го избегне“, верува Арбос. Меѓутоа, тој и другите правници се сомневаат во правната одржливост на референдумот.

Референдумот се повикува на правото на народот на самоопределување. Според воспоставената практика тоа исклучиво се однесува на поранешните колонии, односно на луѓето кои биле потчинети поради етничката припадност. Како еднострано гласање надвор од правните рамки овој референдум не ги исполнува условите пропишани од Венециската комисија.

На едно од продажните места, една жена на мапа на градот покажува каде денес ќе стои со својата пријателка, за во центарот на Барселона да се направи големо „Х“ како симбол за тоа што ќе биде впишано на референдумското ливче. „Мораме на светот да му покажеме дека ова е демократско и мирно движење“, вели таа и го покажува шарениот беџ на кој пишува „да“. „Само така можеме да очекуваме поддршка“.

Премиерот имаше добра прилика во највисокиот светски политички форум, поексплицитно да ги образложи причините за спорот за името.

повеќе

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе