Како во Виетнам, земја со 97 милиони жители, никој не умрел од коронавирусот?

Кога епидемијата на коронавирусот беше на врвот, а остатокот од светот се сврте кон примерите од Аазија за да ја најде најдобрата стратегија за зауздување на ширењето на новата болест, најмногу внимание им беше посветено на Јужна Кореја, Тајван и Хонг Конг.

EPA-EFE

Но приказната на една држава мина под радарот – таа на Виетнам.

Земјата со 97 милиони жители до денес не извести за ниеден смртен случај поврзан со коронавирусот, а вчера имаше само 328 потврдени случаи, и покрај долгата граница со Кина и милионите туристи од Кина кои доаѓаат секоја година.

Податокот дека Виетнам има толку малку пријавени случаи на зараза и ниту еден смртен случај е уште позначаен ако се земе предвид дека тоа е земја со низок среден доход и со многу помалку напреден здравствен систем од останатите во регионот. Има само 8 лекари на 10.000 луѓе.

Откако три недели беше во карантин, Виетнам на крајот на април ги укина правилата за социјално дистанцирање. Нема пријавени локални случаи на зараза веќе 40 дена. Компаниите и школите повторно отворија и животот постепено се враќа во нормала, пишува Си-ен-ен.

На скептиците официјалните бројки во Виетнам може да им изгледаат премногу добри за да бидат вистинити. Но, Гај Твејтс, експерт за заразни болести кој работи во една од главните болници кои виетнамската влада ги одреди за лекување на пациентите, кажа дека тој број одговара на реалноста.

„Секојдневно ги посетувам одделите со заразените. Ги знам случаите. Знам дека немало смртни случаи“, кажа Твејтс, кој го води Одделот за клинички истражувања на Универзитетот Оксфорд во градот Хо Ши Мин.

Како Виетнам навидум го сопрел коронавирусот? Одговорот, според мислење на експертите за јавно здравство лежи во комбинацијата од фактори, брзата реакција на владата по избивањето на пандемијата во светот, до ригорозното следење на контактите, карантинот и ефикасната јавна комуникација.

Брза реакција

Виетнам почна да се подготвува за епидемијата неколку недели пред да биде откриен првиот случај во таа земја.

Во тоа време кинеските власти и Светската здравствена организација тврдеа дека „не постојат јасни докази“ за пренесување од човек на човек, но Виетнам не сакаше да ризикува.

„Не ги чекавме само насоките на СЗО. Ги користевме податоците кои ги добивме од други земји за да знаеме како и кога да реагираме“, вели Фам Канг Таи, заменик шефот на одделот за Контрола на заразните болести во Ханој.

На почетокот на јануари веќе беа воведени проверки на температурата за патниците кои стигнале од Вухан на меѓународниот аеродром во Ханој. Патниците со измерена повишена температура биле изолирани и внимателно следени. До средината на јануари потпретседателот на владата Ву Дук Дам им нареди на владините организации да преземат „драстични мерки“ за да се спречи ширењето на болеста во Виетнам, јакнејќи го медицинскиот карантин на границите, аеродромите и пристаништата.

На 23 јануари Виетнам ги потврди своите два први случаи на коронавирусот – кинески државјанин кој живее во Виетнам и неговиот татко, кој допатувал од Вухан да го посети синот. Следниот ден воздухопловните власти на Виетнам ги откажаа сите летови од и кон Вухан.

Виетнам на 1 февруари прогласи национална епидемија – со само шест потврдени случаи забележани во целата земја. Сите летови меѓу Виетнам и Кина беа прекинати, по што следниот ден им беа укинати визите на кинеските граѓани. Потоа на крајот на март им беше забранет влезот на сите странци во земјата.

Виетнам исто така брзо презема проактивни мерки на карантин. На 12 февруари затвори цело село од 10.000 луѓе северно од Ханој на 20 дена откако таму се појавија седум случаи на зараза. На училиштата и универзитетите, кои требаше да бидат отворени во февруари по празниците на Лунарната нова година, им беше наложено да останат затворени.

Твејтс, експертот за заразни болести во Хо Ши Мин, вели дека брзината на реакцијата на Виетнам е главната причина за неговиот успех.

„Нивните акции на крајот на јануари и почетокот на февруари беа многу понапредни отколку во други земји. Тоа им беше исклучително корисно... за да можат да ја задржат контролата“, вели тој.

Строго следење на контактите

До 13 февруари повеќе немаше ниту еден нов случај. А потоа во март почна новиот бран, кој го донесоа Виетнамците кои се вратија од странство.

Властите веднаш ги најдоа контактите на заболените и ги сместија во двонеделен карантин.

„Имаме многу силен систем: 63 покраински центри за контрола на болеста, повеќе од 700 центри на ниво на региони и над 11.000 здравствени домови во општина. Сите тие учествуваат во наоѓањето на контактите“, кажа докторот Фам од Националниот институт за хигиена и епидемиологија.

Пациентот со потврден коронавирус морал на здравствените власти да им даде детален попис на сите луѓе со кои бил во контакт во последните 14 дена. Во медиумите и на телевизија беа објавувани известувања за тоа каде и кога бил пациентот со коронавирус, повикувајќи ги луѓето веднаш да се јават на здравствените власти ако и тие биле на тоа место.

Следењето на контактите било толку детално што не се однесувало само на директните, туку и на индиректните контакти. Сите директни контакти биле ставени во здравствени домови, хотели или воени кампови. На недиректните контакти им било кажано дека мора да бидат во самоизолација 14 дена во своите домови.

Јавна комуникација и пропаганда

Од самиот почеток виетнамската влада јасно комуницираше со јавноста за епидемијата, пренесува Си-ен-ен.

Воведени се специјални интернет страници, телефонски линии и апликации за информирање на јавноста за новостите и медицинските совети. Министерството за здравство редовно им испраќаше потсетници на граѓаните преку смс пораки.

Мобилизиран беше и масовниот пропаганден апарат на земјата, известувајќи за епидемијата преку разгласи на улиците, плакати, медиумите и социјалните мрежи. На крајот на февруари министерството за здравство објави и музички спот заснован на виетнамски поп хит за да ги научи луѓето како правилно да ги мијат рацете. Познат и како „песната за миење раце“, веднаш стана вирален и досега има 48 милиони прегледи на Јутјуб.

Експертите додаваат дека и претходното искуство на Виетнам со епидемијата на САРС и птичјиот грип им помогнало на владата и јавноста подобро да се подготват за пандемијата на коронавирусот.

„Населението многу подобро ја разбира опасноста од заразните болести од многу можеби побогат земји или земјите кои немаат често епидемии на заразни болести“, вели Твејтс.

„Виетнам и неговите граѓани сфаќаат дека тие нешта треба да се сфатат сериозно и се однесуваат во согласност со упатствата на владата“, заклучува тој.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе