Како унгарските олигарси ги монополизираа националните медиуми и сакаат да ги грабнат и европските

Сега унгарските медиумски магнати наклонети кон Орбан, богати и со добри политички врски, ги меркаат публикациите во други европски земји: во Македонија, во Словенија, па дури и во Велика Британија, каде што Орбан се надева дека ќе ја развие својата екстремнодесничарска идеологија.

Десничарските ставови на унгарскиот премиер Виктор Орбан за прашања како што се европската интеграција, правата на сексуалните малцинства, имиграцијата, го направија еден од најдоследните сојузници на рускиот претседател Путин во Европа.

За да ги популаризира своите идеи, тој агресивно ја презеде контролата врз медиумите во Унгарија и во други земји, пишува Кода стори.


Што се случува со медиумите во Унгарија?

Во текот на изминатите неколку години, пријатели од детството на премиерот Виктор Орбан и негови политички сојузници ги уништија или ги презедоа скоро сите публикации што не ги делеа неговите ставови.

Сега скоро 80 проценти од унгарскиот печат го контролираат или државата или пријателите на премиерот, тврди групата за набљудување на медиумите Мертек, додавајќи дека монополизацијата на медиумите сега е посилна од кога било од 1990 година, кога земјата премина од еднопартиска власт кон демократија.

Во Унгарија, државата игра важна улога во рекламниот бизнис. На публикациите што се сметаат за непријателски кон премиерот им е забранет пристап до буџетите за рекламирање, додека публикациите што се пријателски кон Орбан пливаат во пари.

 

Играчи

Главен медиумски магнат во земјата е Лоринц Месарош, пријател од детството на Виктор Орбан.

За само неколку години, тој се претвори од мал бизнисмен, кој бил на работ на банкрот, во еден од најбогатите луѓе во Унгарија, според некои извештаи.

Во ноември, сопствениците на 476 публикации, сите „пријатели на Орбан“, ги донираа своите средства во фонд управуван од една од компаниите на Месарош.

До крајот на 2018 година, Месарош поседувал или контролирал 203 компании, со богатство од приближно 905 милиони евра.

Месарош, највлијателниот медиумски магнат на Унгарија, своето издигнување „од просјак до богаташ“ го објасни со влијанието на три фактори: „Бог, среќа и Виктор Орбан“.

 

Следните чекори

Сега унгарските медиумски магнати наклонети кон Орбан, богати и со добри политички врски, ги меркаат публикациите во други европски земји: во Македонија, во Словенија, па дури и во Велика Британија, каде што Орбан се надева дека ќе ја развие својата екстремнодесничарска идеологија.

Сè почна во 2017 година, кога двајца поранешни менаџери на унгарски државни телевизии отворија компании во Македонија, со намера да инвестираат во локалните медиуми. Тие ги користеа овие компании за да добијат контрола над половина дузина локални публикации што ја поддржуваат конзервативната партија што владееше во Македонија, сојузничка на партијата на Орбан.

Под новото сопствеништво, тие публикации почнаа да објавуваат лажни и критични вести за опозицијата и граѓанското општество.

Следната цел беше Словенија. Таму, три унгарски медиумски компании (од кои едната претходно се појави во Македонија) поминаа една година обидувајќи се да ја преземат контролата врз медиумската група НОВА24ТВ (NOVA24TV.sl), која имаше ТВ канал, интернет-портал за вести и радиостаница основана од конзервативната Словенечка демократска партија.

Во април годинава Унгарците го „преминаа“ Англискиот канал и ја лансираа новинската агенција В4НА во Лондон, која опфаќа информативна агенда, спорт и објавува лесни написи на унгарски, англиски и француски јазик, пренесувајќи го, секако, Орбановиот аспект на нештата.

 

Судбината на еден новинар

Мартон Гергели порано работел во Непсабадсаг, почитуван независен весник. Откако потпаднал под контрола на сојузниците на Орбан, тој останал без работа.

Гергели вели дека унгарските новинари се соочени со избор: преминете на страната на владата и ќе можете да си го храните семејството, па можеби дури и да се дружите со бизнисмените од придружбата на Орбан.

Гергели и други независни унгарски новинари (кои ги има сè помалку и помалку) не можат да размислуваат за луксуз. По затворањето на Непсабадсаг, тој и неколку поранешни колеги се обиделе да отворат свој весник - но биле спржени, затоа што немале ниту пари, ниту технологија за својот потфат.

Потоа, тој успеал да добие работа во почитуваниот алтернативен неделник ХВГ, каде што неговата плата е за 30 проценти пониска отколку во неговиот поранешен весник, и им е менаџер на шест лица, а не на 60, како порано. А сепак тој вели: „Имам голема среќа и многу сум среќен. Немаат останато многу добри работни места“.

Пред триесет години, кога падна железната завеса, младите политичари на многу млади Унгарци, вклучувајќи го и Гергели, им дале надеж за нов почеток. Сега земјата страда од идеолошката заслепеност на самиот Орбан и од просечноста на луѓето што го опкружуваат.

Гергели смета дека многу преземања и затворања на медиуми биле дел од чиста деловна аритметика, еден вид спорт, кога секоја нова затворена опозициска публикација станува нов трофеј на ѕидовите на олигарсите.

Фактот дека новинарите се на работ на истребување ги доведува во опасност неговата земја и другите европски земји.

„Унгарија стана модел за нелиберална држава. И изгледа како таква“, вели Гергели.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе