Хуан Мануел Фанџо

Како револуционерите на Кастро го киднапираа големиот првак во Формула 1

На вчерашен ден, 23 февруари 1958 година, на Куба е киднапиран Хуан Мануел Фанџо, петкратниот светски шампион во Формула 1. Фанџо беше киднапиран од група бунтовници на Фидел Кастро, вели Хистори.

Фанџо бил киднапиран од хотел во Хавана еден ден пред Гран-при на Куба, настан чија цел била да му ја претстави на светот оваа островска нација. Фанџо бил пуштен неповреден неколку часа по трката. Целта на киднапирањето била да му се нанесе меѓународен срам на кубанскиот претседател Фулгенсио Батиста, чија влада Фидел Кастро ќе ја собори на 1 јануари 1959 година.

Како киднапирањето на светскиот шампион да не беше доволен скандал, трката на Куба ја обележа и големата трагедија што се случи кога еден кубански возач по име Армандо Гарсија Цифуентес ја изгуби контролата врз својот автомобил на дел од патеката на кој имаше истурена нафта. Цифуентес, лизнувајќи се, заврши на трибината меѓу гледачите, а во таа прилика дури седум лица загинаа, а десетици беа повредени. Овој случај веднаш покрена сомнеж дека следбениците на Кастро сакале да ја попречат трката, па истуриле масло на патеката. Сепак, подоцна беше прифатено објаснувањето дека маслото се излеало од оштетен болид управуван од аргентинскиот возач Роберто Миерес.

Киднапирањето на Хуан Мануел Фанџо се случило на самиот крај на неговата кариера. Фанџо, кој е роден на 24 јуни 1911 година во Баларче, предградие на Буенос Аирес, Аргентина, на 11-годишна возраст го напуштил училиштето за да работи како помошник механичар, па станал и вешт возач. За време на воената служба, таа негова вештина го привлекла вниманието на командантот, кој го назначил за личен возач. По војската, ја отворил својата прва гаража и почнал да учествува на локалните трки. Првак на Аргентина бил во 1940 и 1941 година, а една трка во која победил тој била долга 10.000 километри и се протегала од Буенос Аирес до Лима, Перу, и назад, па биле потребни две недели за да се заврши.

Откако во 1950 година почнаа современите трки во Формула 1, Фанџо само една година подоцна ја освои својата прва светска титула. Тој го повтори овој потфат во 1954, 1955, 1956 и 1957 година. Фанџо ги напушти трките во 1958 година, велејќи дека автомобилите станале премногу брзи и премногу опасни.

„Тоа што дочека пензија и време да ужива во своето здравје и покрај трките на времето без безбедносни ремени и противпожарни тркачки оддели, им го должи на својата вештина, на автомобилите што ги возеше и на големата среќа“, вели Њујорк тајмс.

Фанџо почина во Буенос Аирес на 84-годишна возраст, на 17 јуни 1995 година. Неговиот рекорд од пет светски титули во Формула 1 остана сè до 2003 година, кога Германецот Михаел Шумахер ја освои својата шеста титула (Шумахер се пензионираше во 2006 година, како седумкратен светски шампион).

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе