Коронавирус

Како пандемијата во САД се споредува со остатокот од светот

Два дена откако САД го забележаа својот прв случај на коронавирусот, Доналд Трамп рече дека ситуацијата е „тотално под контрола“ и ја увери јавноста дека „сè ќе биде сосема во ред“. Мотаме нанапред четири месеци и вирусот е раширен во сите 50 држави, бројот на починати е 100.000 и има повеќе од 1,6 милион потврдени случаи.

Би-би-си разгледува како тие бројки се споредуваат со другите земји низ целиот свет и како може да се развие ситуацијата во текот на следните неколку месеци.

Бројот на починати во САД во почетокот на април стана најголем на светот и од тогаш драматично се зголеми.

Претседателот Доналд Трамп прво рече дека „од 50 до 60.000“ луѓе може да умрат за време на епидемијата, но во мај рече дека се надева оти бројот на жртвите ќе биде помал од 100.000. Таа граница сега е пробиена и сè уште има во просек по околу 1.000 смртни случаи на ден.

Наместо да се фокусира на смртните случаи, Трамп претпочиташе да ја цитира стапката на смртност (бројот на луѓето што умреле во однос на бројот на жителите во земјата) како доказ дека САД се справиле со вирусот поефикасно од некои други нации.

На графиконот подолу се прикажани земјите со најголем број на смртни случаи и, десно, стапката на смртност. Може да се види дека според стапката, има неколку земји каде што поголем дел од популацијата починал за време на епидемијата.

Во Белгија, со население од 11,5 милиони, во епидемијата починаа по 80 луѓе на секои 100.000, додека во САД, со население од околу 330 милиони, починаа по скоро 30 луѓе на секои 100.000.

Но ако го погледнете Њујорк, најтешко погодената американска држава, стапката на смртност е скоро 150 луѓе на секои 100.000, што покажува дека има многу варијации низ САД, вели Би-би-си.

Во неколку земји во Европа епидемиите почнаа во исто време кога и во САД и сите забележаа дека бројот на смртните случаи рапидно расте, го достигнува пикот и потоа паѓа. Не и во САД.

Една од причините зошто бројот на смртните случаи дневно во САД е ист наместо да паѓа е и големината на земјата - наместо една голема епидемија, има повеќе центри на зараза, кои се развивале во различни периоди и се ширеле со различна стапка.

Вирусот рано го погоди Њујорк, се рашири брзо и го достигна пикот во почетокот на април. Меѓутоа, во остатокот од САД, бројот на дневните смртни случаи бавно паѓа.

Некои други држави што беа погодени рано, како Луизијана и Мичиген, исто така забележаа значителен пад на бројот на дневните смртни случаи, како и во Њујорк.

Но иако во тие држави се подобри состојбата, во другите се влоши. Околу една третина од сите држави минатата недела забележаа повеќе смртни случаи во однос на претходната недела.

Последниве неколку недели претседателот Трамп обожава да зборува за бројот на тестовите што се прават во САД. Најновите податоци велат дека САД досега спровеле околу 15 милиони теста.

Таа бројка ги става САД многу пред другите земји, но кога станува збор за користење на тестирањето за да се исконтролира вирусот, тука има повеќе фактори.

Земјите што направија многу тестови во раните фази на пандемијата и потоа трагаа по контактите на секој што беше заразен беа најуспешни во забавувањето на ширењето.

На пример, во Јужна Кореја почнаа масовно да тестираат рано во почетокот на епидемијата и успеаја да го спречат ширењето на вирусот. Помалку од 300 луѓе со коронавирус починаа во земјата, која има население од околу 50 милиони.

Но во САД властите ги засилија тестовите дури неколку недели по првата смрт поврзана со вирусот.

Главниот американски функционер за заразни болести, д-р Ентони Фаучи, во почетокот на март призна дека системот за тестирање „во моментов кикснува“ и дека САД не успеале да снабдат тестови „лесно, како што тоа го прават луѓето во другите земји“.

Бројот на дневни тестирања покажува дека САД ги надминале тие почетни проблеми, но сепак може уште повеќе да се напредува. Ако бројката од 15 милиони е точна, тоа сепак се само 4,5% од населението.

Бројот на починати сè уште расте, иако со забавена стапка, а еден модел што го цитираше Белата куќа предвидува дека тој до август би можел да биде скоро 150.000 - иако нејзините проекции се покажаа слаби во минатото.

Еден од проблемите со правењето проекции е дека никој не е сигурен каков ефект ќе има постепеното повторно отворање на американската економија врз ширењето на вирусот.

Во еден момент, повеќе од 90% од населението во САД беа под задолжителен карантин, но повеќето држави сега почнаа да ги олабавуваат ограничувањата.

Белата куќа претстави низа критериуми што државите треба да ги исполнат пред да почнат со повторното отворање, меѓу кои е и надолна траекторија на бројот на случаи во текот на две недели. Но група експерти за јавно здравје велат дека само неколку држави ги исполнуваат критериумите.

Д-р Фаучи ги предупреди државите дека ќе имаат „мали пикови што би можеле да се претворат во епидемии“ ако повторно се отворат пред да го стават под контрола вирусот.

Но неговиот совет е спротивен на оној на претседателот Трамп, кој сака американската економија да биде покрената пред неговата кампања за реизбор. Најновите бројки покажуваат дека скоро четвртина од американската работна сила ги загубиле своите работни места уште од почетокот на епидемијата.

На прашањето во почетокот на месецов дали ќе се изгубат животи ако земјата повторно проработи, Трамп рече: „Дали некои луѓе ќе бидат лошо погодени? Да. Но ние треба да ја отвориме нашата земја и мора да ја отвориме наскоро“.

Дури и ако државите продолжат да ги олеснуваат ограничувањата, не е јасно дали американската јавност толку рано ќе посака да се врати во продавниците и рестораните. Неодамнешната анкета на Центарот за истражување Пју откри дека 70% од Американците се загрижени дека државите ќе се отворат премногу брзо.

Објавено

Четврток, Мај 28, 2020 - 13:23

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе