Гардијан

Како отказот на Џон Болтон ќе влијае на надворешната политика на САД?

Трамповиот антиинтервенционистички инстинкт најверојатно ќе дојде до израз во земјите-жаришта.

Трамповото ненадејно разрешување на Џон Болтон, неговиот советник за национална безбедност, можеби е одраз на крах во личните односи меѓу двајцата мажи, или пак на ривалството на Болтон со државниот секретар Мајк Помпео, но тоа ќе има и импликации врз надворешната политика на САД во голем број жаришта.

Антипатијата на американскиот претседател кон глобализмот и мултилатерализмот ќе остане, но ќе дојде до ребалансирање кон инстинктивниот антиинтервенционизам на Трамп, заедно со неговата одбивност кон личната дипломатија, вели Гардијан. Во најдобар случај, може да доведе и до поголема политичка координација помеѓу националните безбедносни агенции во Вашингтон и, како резултат на тоа, честопати недоволно информираниот претседател да добива подоследни совети.

 

Авганистан

Во Авганистан, Болтон беше жесток противник на планот преостанатите американски трупи да заминат до крајот на годинава. Сепак, иронично, викендов се чини дека Трамп се доближи до Болтон, решително напуштајќи го својот план за вонредни разговори во „Камп Дејвид“ со лидерите на талибанците, два дена пред годишнината од 11/9. Трамп рече дека се откажал од тајниот самит откако бомбаш-самоубиец уби војник на ООН во Кабул, но неговата одлука беше одраз и на сè поголемата нелагодност кај одбранбената заедница дека претседателот планирал да им го препушти Авганистан на терористите, без никаков план да ја заштити легитимната авганистанска влада пред националните избори.

 

Венецуела

Болтон упадливо одеше на состаноците за Венецуела со документи во кои беа истакнати плановите за испраќање американски трупи во земјата, веројатно за соборување на левичарската влада на Николас Мадуро. Преопитимистичките оцени на Болтон за тоа колку брзо би паднал Мадуро, и растечкото расположение за бунт во војската на Венецуела, го намали неговиот кредибилитет кај Трамп. Но поддршката на САД за лидерот на опозицијата, Хуан Гуаидо, останува цврста и токму неделава американските официјални претставници вршеа притисок врз ЕУ да ги засили санкциите. Сепак, политиката го загуби импулсот.

 

Иран

И Помпео, и Болтон, и потпретседателот Мајк Пенс летово го советуваа Трамп да изврши напад врз Иран, откако Иранците соборија американски дрон. Трамп се повлече, плашејќи се од последиците од воената конфронтација. Поради ова, тој беше зависен од политиката на максимален економски притисок, но европските сојузници, на кои Трамп не им попушташе, тврдеа дека доколку САД не го нападнат Иран, единствената алтернатива е да разговараат со Техеран. Предвидувањата на Болтон за востание на опозицијата, кое би довело до промената на режимот што тој ја сака, не се остварија бидејќи реформаторите и тврдокорните се обединија против надворешниот угнетувач. Трамп, кој ги обожава самитите со висок ризик, би сакал средба со иранскиот претседател Хасан Рухани, доколку може да се договорат услови што ќе доведат до преговори за нуклеарна спогодба. Но тоа ќе се случи само ако заминувањето на Болтон е придружено со спремност на САД да ги укинат санкциите за иранскиот извоз на нафта. Говорејќи по заминувањето на Болтон во вторникот, Помпео го повтори предлогот на Трамп дека претседателот може да се сретне со својот ирански колега на Генералното собрание на ООН подоцна овој месец.

 

Русија

Трамп ги поздрави напорите на француската влада да ги затопли односите со Русија, постојана тема во надворешната политика на американскиот претседател, која наидуваше на европски и двопартиски отпор во Вашингтон. Тој отпор го поддржа и Болтон, стар противник на Владимир Путин, кој не можеше да ја види Русија надвор од рамката на студената војна. Трамп, ослободен од Болтон, сега има подобра шанса да продолжи со отворањето кон Москва, откако францускиот претседател Емануел Макрон ги охрабри разговорите за Украина.

 

Северна Кореја

Болтон за време на неговиот период во администрацијата на Буш ја напаѓаше власта во Пјонгјанг, а под Трамп се залагаше за превентивни напади. Тој остро се спротивстави на отворањето на патот кон разговори со Ким Џонг-ун. Тоа наскоро го доведе во судир со Трамп кога претседателот ги почна напорите за преговори лице-в-лице со лидерот на Северна Кореја. Трамп постојано ги игнорираше советите на Болтон и повеќе пати се сретна со Ким, иако вели дека не се брза да склучи договор. Во меѓувреме, Болтон посочуваше дека на Ким не може да му се верува, во одбивањето да ја предаде својата нуклеарна програма и постојаните ракетни тестови со краток дострел од Северна Кореја. Болтон рече дека овие тестови ги кршат резолуциите на ООН, но Трамп не мислеше така. Болтон дури беше обвинет дека работи зад грб за да го спречи напредокот во разговорите, а и дека работел против Стивен Бјугун, специјалниот пратеник за преговорите со Северна Кореја.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе