Ројтерс

Како Либиецот Хафтар ги измами западните сили со офанзивата на Триполи

Западните дипломати минатиот месец три часа седеа со либискиот командант Калифа Хафтар во неговото источно упориште обидувајќи се да го разубедат од покренување офанзива против меѓународно признаената влада во Триполи.

Тие го убедувале да не ја турка земјата во граѓанска војна и му рекле дека тој може да стане успешен цивилен лидер ако се посвети на политичко решение, рекле за Ројтерс два извори запознаени со средбата во близина на Бенгази.

Но Хафтар, воен тврдокорен лидер, кого критичарите го опишуваат како новиот Моамер Гадафи, не е им обрнувал многу внимание, рекле изворите, кои зборувале под услов амбасадорите да не бидат именувани. Тој рекол дека е подготвен да преговара со премиерот, но дека може да го нападне главниот град ако не се постигне договор за поделба на власта.

Две недели подоцна, на 4 април, тој ги испрати војниците од својата самопрогласена Либиска национална армија (ЛНА) во Триполи, во моментот кога генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, беше во градот во склоп на подготовките за конференцијата за национално помирување овој месец, која, како што мислеа соработниците на Гутереш, Хафтар ја поддржува.

За светските сили, вклучувајќи ги Франција, Италија и Велика Британија, воената кампања на генералот, најголема во Либија од бунтот во 2011 година, со кој беше соборен Гадафи, е голем чекор наназад.

Тие со години се обидуваат да го придобијат Хафтар (75) кон политичко решение, кое ќе го стабилизира овој голем произведувач на нафта и гас, по речиси еднодеценискиот конфликт што послужи како плодна почва за исламистичките екстремисти.

Се чини дека дури и Обединетите Арапски Емирати и Египет, кои го поддржуваат Хафтар и го гледаат како заштита од исламистите во северна Африка, се изненадени од неговото брзо напредување. Еден француски дипломатски извор рече дека Париз, кој исто така му помагал на генералот, не бил однапред предупреден на офанзивата.

Повиците на дипломатите на воена воздржаност на состанокот минатиот месец се ехо на оние што ги упатија други западни и ОН пратеници што минатите недели отпатуваа во Хафтаровата база кај Бенгази, според тврдењата на четири различни дипломатски извори.

Колку ситуацијата во Либија и Хафтар се надвор од нивна контрола покажува фактот дека претставниците на ОН и на Западот, кои се во секојдневен контакт со неговиот табор по повод конференцијата, немаа поим дека тој ќе почне офанзива, рекоа дипломатски извори.

Некои дури мислеа дека генералот блефира.

Некои дипломати што многу пати се состанаа со Хафтар и лобираа кај своите влади да ги игнорираат неговите тврдокорни коментари, како тоа дека Либија не е подготвена за демократија - беа очајни кога стана јасно дека тој е решен да го освои градот со сила.

„Потрошив скоро две години на Хафтар“, рекол еден што редовно се среќава со Хафтар. „Ако не се одржи мировната конференција, тоа било попусто“.

Хафтар, пак, од своја страна, во говорите и соопштенијата е упорен во својата посветеност на воената сила во својата декларирана мисија за враќање на мирот и редот во оваа северноафриканска земја, а се откажа и од навестувањата дека на крај ќе ја предводи земјата.

Кога во февруари 2014 година првпат ги објави своите намери, стоеше веднаш до мапата на Либија, намуртен, белокос, во беспрекорна униформа, и вети дека ќе изврши државен удар.

Западните сили ја напуштија Либија по конфликтот во Триполи во 2014 година, ги затворија амбасадите и ги прекинаа програмите за НАТО-обука, па се вратија во 2016 година.

Периодот на нивното отсуство ја отвори вратата за арапските земји како Египет и Обединетите Арапски Емирати, кои дадоа обука и воена помош, според извештаите на експертите на ОН, кои го надгледуваат ембаргото за оружје што во Либија беше воведено во 2011 година, како и според дипломатите.

Хафтаровите сили добија авиони и воени возила од Обединетите Арапски Емирати, кои изградија и воздухопловна база во Ал Хадим, овозможувајќи ЛНА да стекне надмоќ во воздухот до 2016 година, според извештајот на ОН во јуни 2017 година.

Сепак, Хафтар на теренот се мачеше да оствари напредок во првичната кампања почната во мај 2014 година, против исламистичките милитанти во Бенгази, која ја нарече „Операција Достоинство“. Неговото тешко оружје и воздухопловство срамнија со земја станбени згради, но не успеаја да ги отстранат странските џихадисти забарикадирани во домовите со експлозивни направи.

Во тој момент, Франција, која има нафтен имот на истокот од Либија и е политички блиска до ОАЕ и Египет, понуди помош, според либиски и француски извори.

На крајот на 2015 година, Париз испрати воени советници и специјални сили обучени за борба во градови, кои беа сместени во база близу Бенгази. Ројтерс вели дека француската интервенција им помогнала да направат пресврт и му овозможила да прогласи победа во Бенгази во 2017.

Арапските земји со години го признаваа Хафтар како официјален воен командант на Либија, но Франција му помогна да добие дополнителен меѓународен легитимитет додека неговата кампања напредуваше. Францускиот претседател Емануел Макрон во 2017 година на периферијата на Париз ги прими Хафтар и либискиот премиер Фаез ал Сераџ, кој ја има поддршката на ОН, во обид да ги убеди да постигнат договор, што веднаш го унапреди дипломатскиот статус на генералот.

Макрон и францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив ле Дријан, го гледаат Хафтар, како и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, како заштита против исламистичките милитанти во северниот дел на Африка, според француските официјални лица.

Ле Дријан беше во Либија три пати за две години, а за време на последната посета, на 20 март, се состана во Триполи со Сераџ, а потоа отпатува на исток за да го види Хафтар во обид да издејствува примирје.

Според еден дипломатски извор, кога Хафтар го прашал зошто не дошол толку долго, Ле Дријан одговорил: „Ги чекавме вашите победи“.

Изворот објаснил дека Французинот мислел на генераловата кампања за освојување на југот од земјата претходно оваа година. По Хафтаровото напредување кон Триполи, Египќанецот Сиси ја истакна потребата од итна меѓународна акција за да се спречи влошување на ситуацијата, не именувајќи ја офанзивата на ЛНА. Владите на Франција, Италија, Обединетите Арапски Емирати, Велика Британија и САД во заедничкото соопштение рекоа дека се длабоко загрижени поради конфликтот.

Ле Дријан во вторникот им рече на пратениците дека Франција се плаши од посериозен конфликт, додавајќи дека Хафтар и Сераџ мора да договорат примирје пред да го продолжат дијалогот.

Сераџовата слаба влада, поддржана од САД и од милициите во западниот дел на Либија, го управува Триполи од 2016 година, според договорот постигнат со посредство на ОН, кој Хафтар го бојкотира.

Хафтар, наводно, го поддржува и Русија, а ЛНА контролира најголем дел од нафтените полиња во источна Либија.

Битката за главниот град сè уште беснее и ништо не е сигурно.

Во меѓувреме, неговата молскавична акција ги обедини противниците во западна Либија, кои долго време не разговараа, но сега ги здружија силите.

„Иако ниту еден од странските спонзори на Хафтар не е задоволен со драматичното влошување, тие немаат друг избор освен да продолжат да го поддржуваат“, рече Џалел Харчауи од Институтот за меѓународни односи во Клингендал во Хаг. „Нивниот влог речиси половина деценија беше главно концентриран на една клучна фигура. Од тоа не може да се отстапи преку ноќ“.

 

Го спасила ЦИА

Хафтар беше еден од офицерите што му помогнаа на Гадафи да ја освои власта во 1969 година, но се разидоа за време на либиската војна со Чад од 1980-тите. Чад го зароби Хафтар и мораше да го спасува ЦИА, бидејќи таа од Чад работеше на соборување на Гадафи.

Во американската држава Вирџинија живееше околу 20 години, а во 2011 година се врати дома и им се придружи на други бунтовници во бунтот со кој беше соборен Гадафи.

По три години Хафтар ја почна кампањата во Бенгази.

Тогаш имаше собрано само околу 200 војници и 13 хеликоптери под знамето на ЛНА, рече Харчауи.

Сепак, Хафтар брзо привлекол други војници, како елитната единица Саика (Молња), како и членови на племиња.

Ројтерс пишува дека не постојат сигурни податоци за моменталната големина на ЛНА, иако аналитичарите велат дека ги има неколку илјади. Само Саика има 3.500 члена, а Хафтаровите синови исто така имаат добро опремени единици.

Силите на Хафтар се повеќебројни од противниците, расфрлани низ разни западни градови, но покрај јадрото од поранешни војници на Гадафи, тој ја наполни својата војска со помалку обучени членови на племиња и салафистички борци и странски платеници, велат аналитичарите.

По Бенгази, Хафтар постепено ја освои цела источна Либија, пред да го сврти вниманието кон југот. Сепак, според британската агенција, офанзивата во Триполи е неговата игра со досега највисок влог. Поголем дел од силите помести на запад и ја остави источната база изложена, со што речиси си го оневозможи повлекувањето без да го загуби угледот и кај пријателите и кај непријателите.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе