Гардијан

Како Крит ја избрка Златна зора: „За нивните идеи нема место тука“

На другите места во Грција, вели Гардијан, екстремната десница повторно е во подем. Спорот на Грција со Македонија поради нејзиното име ги поттикна националистичките нагони, а имаше и насилни напади врз политичари и баратели на азил.

Алишта висат од балконите на еден скромен станбен блок на улицата Иродоту во Хераклион, главниот град на Крит. Надвор деца возат велосипеди, а старци играат карти во кафуле. Но пред минатиот мај оваа зграда изгледаше прилично поинаку. На знак закачен надвор пишуваше: „Златна зора, регион Хераклион“. Ултранационалистичката, екстремнодесничарска грчка партија ја користеше оваа улица како своја локална база.

Локалните учители биле тие што први го забележале нејзиното влијание. „Двајца од моите 13-годишни ученици имаа семејни проблеми“, се сеќава Марија Оикономаки, 50. „Златна зора им приоѓаше во кафулиња и во вежбалници, претставувајќи се како семејство и како заштитници. Ги однесоа на кафе и им даваа лекции за грчката историја.“

Потоа дојде насилството, вклучувајќи и прободување двајца пакистански работници. „Си помислив: 'Боже, што се случува во оваа населба?'“, вели Оикономаки.

Марија Оикономаки

И покрај нападите, Златна зора можеби ќе си го зачувала местото во Хераклион - или уште повеќе ќе го зацврстела - ако жителите на градот не одлучеле да возвратат.

Златна зора беше формирана во 1980 година и остана маргинална партија сè додека не почна катастрофалната финансиска криза во Грција во 2009 година. Бидејќи вербата во големите политички партии бледнееше, наративот на некогаш големата нација уништена од миграцијата погоди „во жичка“ некои разочарани гласачи. Освен што стана трета по големина партија во грчкиот парламент, таа, исто така, воспостави улично паравоено крило, кое редовно ги напаѓаше имигрантите и политичките противници.

„Бидејќи (Златна зора) е грасрут-движење, локалната поддршка е од клучно значење за нејзиниот успех“, вели Дафне Халикиопулу, вонреден професор на Универзитетот Ридинг и експерт за Златна зора. „Нејзина цел беа областите каде што знаеше дека може да создаде добра основа и значително да ја прошири својата организација“.

Областа што ја избра во Хераклион беше источното предградие на Неа Аликарнасос. Населба со работничка класа, има долга историја на имиграција од Мала Азија и Источна Европа. Многу жители се вработени во градежништвото и ги загубија своите работни места за време на кризата. Златна зора тивко си отвори канцеларија тука во 2011 година.

Антифашистичкото движење на Крит отпрвин со мака возвраќаше на борбата.

„Нашата филозофија е дека никогаш ја пушташ екстремната десница да освои јавен простор“, вели Константинос (не е неговото вистинско име), милитантен антифашист во своите рани 20-ти години. „Во потоплите земји како Грција, јавниот простор е местото каде што работничката класа го поминува својот живот. Секаде каде што се присутни фашистите, мора да се почувствува и вашето присуство.“

Така, кога дознале за новата канцеларија, Константинос и другите активисти организирале собир на населбата. „Сите беа согласни дека не ја сакаат Златна зора во областа“, вели тој, „но не дојдоа доволно луѓе за да го поддржат собирот. Сфативме дека не може да сме постојано присутни во областа. Се обидовме да ги држиме на око, но не можевме да направиме нешто посебно.“

Во септември 2012 година сè се смени. Во злосторство што ја шокира земјата, познатиот рапер-антифашист Павлос Фисас беше убиен по наредба на Златна зора. Избија огромни протести, а 69 члена на партијата, вклучувајќи го и лидерот Николаос Михалолиакос и 18 пратеници, беа уапсени и обвинети за водење криминална организација. Нивното судење е во тек.

„Пред тоа, многу луѓе имаа став 'Не се плашиме од Златна зора, само треба да ги едуцираме'“, вели Харис Зафиропулос, 27-годишен активист на „Нова лева струја“, коалиција на левичарски групи.

Активистите како Зафиропулос почнаа со нова стратегија: да излезат на улиците и да се впуштат во директни разговори за фашизмот и зошто треба луѓето да му се спротивстават.

„Секој викенд одевме низ маалото и зборувавме со луѓе“, вели Зафиропулос. „Крит многу страдаше од нацистите во Втората светска војна, цели села беа палени. Се обидовме да ги потсетиме луѓето што се случуваше претходно и што се случува сега.“

Во меѓувреме, низ целиот Крит, наставниците почнале да протестираат за радикализацијата што се вршела во училиштата. „Начинот на кој фашистите се движеа меѓу учениците беше толку паметен и толку подол, што ние во почетокот не сфативме што се случува“, вели Фотис Бичакис, основач на Критската лига на антифашистички наставници. „Лесно беше да се манипулираат младите ученици што се чувствуваа фрустрирано“.

Наставниците се организирале за да подготват наставни планови според кои историјата се учи на помалку националистички начин и ги објасниле фашистичките идеологии. Следната пролет, 56 училишта соработувале на антифашистички фестивал.

„Ние ја славиме културата на сите миграциски групи на островот, ја споделуваме нивната музика, нивните традиции, приказните за тоа како дошле во Грција“, вели Бичакис од сега веќе годишниот фестивал. „Ние ја усвоивме филозофијата на собирање на што е можно повеќе луѓе - родители, наставници, ученици, студенти. Се обидовме да ѝ покажеме на Златна зора дека за нејзините идеи нема место во нашиот регион. И токму така победивме“.

Оикономаки вели дека верува оти оваа стратегија спречила се радикализираат повеќе нејзини ученици. „Имавме ученици од Албанија, Романија, Бугарија“, вели таа. „Ќе им кажев на учениците: 'Златна зора вели дека другите луѓе се инфериорни во однос на Грците. Дали навистина го мислите тоа за вашиот пријател Џон до кого седите секој ден?'“

Милитантните активисти, исто така, донеле контроверзна одлука насилно да ѝ се спротивстават на групата. Во април 2018 година Константинос и околу 70 други антифашисти организирале ноќен напад врз канцеларијата во Хераклион. „Уништивме сè што беше вредно - подовите, таваните, климите“, вели тој. „Мислиме дека тоа им беше последната капка“.

Навистина, две недели подоцна Златна зора се спакувала и заминала.

„Можеби нема да можеме да спречиме Златна зора да стане славна во медиумите“, вели Константин, „но можеме да ги спречиме да ги шират своите корени во грчкото општество. Крит е првиот голем регион во Грција во кој Златна зора не е присутна... Успешно ги спречивме да добијат простор за репродукција.“

На другите места во Грција, вели Гардијан, екстремната десница повторно е во подем. Спорот на земјата со Македонија поради нејзиното име ги поттикна националистичките нагони, а имаше и насилни напади врз политичари и баратели на азил. Халикиопулу верува дека антифашистичкиот активизам од типот на оној на Крит може да функционира „на локално ниво. Но отпорот не може и не треба да биде ограничен на антифашистичката левица. Ни треба нешто поорганизирано, на масовно ниво.“

Оикономаки претпазливо избегнува да каже дека битката е завршена. „Би можеле лесно да се разбереме кои беа Златна зора и зошто беа лоши“, вели таа. „Но кризата не е завршена, а луѓето сè уште сакаат вината да ја стават на нечиј грб. Скриениот фашизам е речиси поопасен.“

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе