Како крадците на власт ја користат короната

Во Унгарија наскоро би можел да исчезне еден од ретките медиуми што известуваат и за она што Орбан не сака да го чуе. Такви вести има многу во времето на корона, на пример, за тоа каде исчезнуваат европските пари, вели Дојче веле.

Фото: ЕПА

„Клубрадио“ е едно од најпопуларните радиостаници во Будимпешта, а сега е еден од ретките медиуми што сè уште се осмелуваат да кажат нешто критично за унгарската влада. Но неговата концесија истекува за три месеци и властите досега не покажаа нималку волја да ја продолжат.

„Повеќето медиуми во Унгарија робовски ги следат зборовите на владата. За многу Унгарци, ова е единствената форма на информации што им доаѓаат. 'Клубрадио' никогаш не комуницирал така. Ние сме, така да се каже, пречка за постепеното перење мозок на Унгарците“, вели Андрас Арато, директорот на оваа станица.

А таквиот независен глас во ова време е потребен повеќе од кога било досега: пандемијата на корона што беснее низ целата земја е и шанса за унгарскиот премиер Виктор Орбан да зграпчи уште поголема моќ, тврдат неговите критичари.

Даниел Добренти е вработен во Унгарското здружение за граѓански права. Таа невладина организација неодамна објави извештај што покажува како пандемијата довела до уште поголема корупција во земјата.

 

Вентилатори од злато?

Само еден пример за тоа е набавката на вентилатори купени од унгарското Министерство за надворешни работи: „Вентилаторите беа купени во големи количества и по значително повисока цена од вообичаеното. Само некои од нив веројатно ќе бидат употребени на одделите за интензивна нега и како заштита од епидемијата. Тоа пак е уште еден проблем, покрај тоа што беа купени по многу повисока цена“.

Еден од ретките што барем начелно имаат и политички мандат да ја испитаат корупцијата на највисоко ниво е Акос Хаџи, независен пратеник во унгарскиот парламент. Тој нè уверува дека владата на Орбан е проткаена со корупција и дека е крајно време Европската Унија да направи нешто во врска со тоа: „На еден или друг начин, тоа мора да се реши. Владата не може да продолжи да краде или да троши средства од ЕУ целосно без контрола. Орбан ги користи тие пари за да им плати на своите луѓе и тоа е начинот на кој тој го одржува во живот овој криминален систем на измама“.

Но Орбан постојано ја повторува истата приказна: тој ги отфрла сите обвинувања, но ги отфрла и плановите на ЕУ за финансиска поддршка на некоја членка што треба да биде поврзана со почитување на владеењето на правото во таа земја. Побаравме разговор на овие теми со портпарол на унгарскиот премиер, вели Дојче веле, но тој го откажа интервјуто непосредно пред нашиот термин.

Новинарите на „Клубрадио“ сè уште се потпираат само на меѓународната поддршка. Тие се решени да ја продолжат својата работа, дури и ако сè уште се присутни само преку интернет. Но тоа редовно е несреќа и смртна казна за таквите мали и независни медиуми: така тие повеќе нема да имаат приход од реклами затоа што публиката ќе биде помала. Ним не им треба многу: би им била доволна и вредноста на неколку вентилатори на унгарското министерство, кои најверојатно биле набавени со европски пари.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе