Атлантик

Како ќе заврши пандемијата

Пред три месеци никој не знаеше дека САРС-КоВ-2 постои. Сега вирусот се рашири скоро во секоја земја, заразувајќи речиси 550.000 луѓе за кои знаеме, а многу други за кои не знаеме.

Ги урна економиите и ги сруши здравствените системи, ги наполни болниците и ги испразни јавните места. Ги одвои луѓето од нивните работни места и од нивните пријатели. Го наруши модерното општество во обем што повеќето живи луѓе никогаш не го доживеале. Наскоро, повеќето во САД ќе знаат некого што е заразен. Како Втората светска војна или нападите од 11/09, оваа пандемија веќе се всади во психата на нацијата.

Една глобална пандемија со ваков обем беше неизбежна. Во последниве години, стотици здравствени експерти напишаа книги, бели книги и колумни во кои предупредуваа на можноста. Бил Гејтс им кажуваше на сите што го слушаа. Во октомври, центарот за здравствена безбедност Џон Хопкинс предвиде што може да се случи ако нов коронавирус го зафати светот. И потоа го зафати. Претпоставките станаа реалност. „Што ако?“ стана „А сега што?“

И, сега што? Во доцните часови од минатата среда, што сега изгледа како далечно минато, зборував за пандемијата со една бремена пријателка, која за неколку дена требаше да се породи. Сфативме дека нејзиното дете може да биде едно од првите од новата група луѓе што се раѓаат во општество длабоко изменето од ковид-19. Решивме да ги наречеме Генерација К.

Како што ќе видиме, животот на Генерацијата К ќе биде оформен од одлуките донесени во наредните недели и од загубите што ќе ги претрпиме како резултат на нив.

Но прво, едно кратко потсетување. На Глобалниот индекс за здравствена безбедност, кој ја оценува подготвеноста за пандемија на секоја земја, САД имаат оценка од 83,5 - највисока во светот. Богата, силна, развиена, Америка треба да биде најспремна од сите нации. Таа илузија сега е разнишана. И покрај неколкумесечното предупредување, додека вирусот се ширеше во други земји, кога Америка конечно беше тестирана за ковид-19, таа падна на испитот.

„Без оглед на сè, еден вирус (како САРС-КоВ-2) е тест за отпорноста дури и на најдобро опремените здравствени системи“, вели Нахид Баделиа, лекар за заразни болести на Медицинскиот факултет во Бостон. Полесно пренослив и посмртоносен од сезонскиот грип, новиот коронавирус е и поневидлив и од еден домаќин до друг може да се шири неколку дена пред да предизвика видливи симптоми. За да го спречат ширењето на еден таков патоген, државите мора да развијат тест и да го користат за да ги идентификуваат заразените лица, да ги изолираат и да ги следат оние со кои тие имале контакт. Тоа е она што го направија Јужна Кореја, Сингапур и Хонг Конг со огромен ефект. Тоа е она што САД не го сторија, вели Атлантик.

Фијаското со тестирањето беше првиот грев на пандемијата во Америка, првиот пропуст што ја поткопа секоја друга противмерка...

Системот за здравствена заштита, кој веќе е близу до полн капацитет, а кој веќе беше зафатен со тешка сезона на грип, одеднаш се соочи со вирус што беше оставен да се шири, неконтролиран, низ заедниците низ целата земја. Преоптоварените болници се преполнија. Основната заштитна опрема, како што се маски, наметки и ракавици, почна да ја снемува. Наскоро следни ќе бидат креветите, како и вентилаторите што обезбедуваат кислород за пациентите чии бели дробови се зафатени од вирусот.

Делумно, тоа е затоа што во Белата куќа не остана ни трошка научна експертиза. Канцеларијата за подготвеност за пандемии, која беше дел од Советот за национална безбедност, беше распуштена во 2018 година. На 28 јануари, Лусијана Борио, која беше дел од тој тим, ја повика владата „да дејствува веднаш за да спречи американска епидемија“, и особено да работи со приватниот сектор за да се развијат брзи, лесни дијагностички тестови. Но бидејќи канцеларијата беше затворена, тие предупредувања беа објавени во Волстрит џурнал, наместо да му бидат кажани на претседателот. Наместо да се втурне во акција, Америка губеше време.

Обезглавена, ослепена, летаргична и некоординирана, Америка во кризата со ковид-19 ја утна работата до значително полош степен од она од што се плашеа здравствените експерти. „Многу полошо“, рече Рон Клајн, кој го координираше американскиот одговор на западноафриканската епидемија на ебола во 2014 година. „Надвор од сите наши очекувања“, рече Лорен Сауер, која работи на подготвеност за катастрофи во „Џон Хопкинс“. „Како Американец, јас сум ужаснат“, рече Сет Беркли, кој ја предводи Гави, Алијансата за вакцини. „Соединетите Држави може да завршат со најлошата епидемија во индустријализираниот свет“.

 

I. Наредниве месеци

Италија и Шпанија даваат мрачни слики за иднината. Болниците немаат место, материјал и персонал. Не можејќи да ги лекуваат или да ги спасат сите, лекарите се принудени на незамисливото: да ги згрижуваат пациентите за кои е најверојатно дека ќе преживеат, а да ги оставаат другите да умрат, вели Атлантик.

САД имаат помалку болнички кревети по жител од Италија. Една студија објавена од тим на Кралскиот колеџ во Лондон заклучува дека ако пандемијата остане неконтролирана, сите легла ќе бидат полни до крајот на април. До крајот на јуни, за секој достапен кревет за здравствена заштита ќе има приближно 15 пациенти со ковид-19 на кои ќе им треба кревет. До крајот на летото, пандемијата директно ќе убие 2,2 милиони Американци, без оние што ќе умрат индиректно затоа што болниците нема да бидат во состојба да ги примат болните со вообичаените срцеви напади, мозочни удари и сообраќајни несреќи. Ова е најлошото сценарио. За да се избегне тоа, треба да се случат неколку работи - и тоа брзо.

Првата и најважна е брзо да се произведат маски, ракавици и друга опрема за лична заштита. Ако здравствените работници не можат да останат здрави, сите други напори ќе пропаднат. На некои места, залихите веќе се толку ниски што лекарите повторно ги употребуваат истите маски помеѓу пациентите, повикуваат на донации од јавноста или сами си шијат маски дома. До овие недостатоци доаѓа затоа што медицинските материјали се прават по нарачка и зависат од комплицираните меѓународни синџири на снабдување, кои во моментов се пренапрегнати и пукаат. Провинцијата Хубеи во Кина, епицентарот на пандемијата, исто така, стана производствен центар на медицински маски.

Агенцијата за одбранбена логистика, вели Атлантик, група од 26.000 лица што ја подготвува американската војска за прекуокеанските операции и која помогна во минатите здравствени кризи, вклучително и појава на ебола во 2014 година, може да ја координира втората итна потреба: масовно тестирање за ковид-19. Ова тестирање се одвива бавно поради недостигот од друга опрема и персонал.

На 6 март Трамп рече дека „секој што сака тест ќе добие тест“. Тоа беше (и сè уште е) невистинито, а неговите официјални претставници побрзаа да го исправат. Без оглед на тоа, вознемирените луѓе ги преплавија болниците, барајќи ги тестовите што ги немаше.

За овие мерки ќе треба време, во кој период пандемијата или ќе забрза над капацитетот на здравствениот систем или ќе забави до подносливи нивоа. Нејзиниот тек - и судбината на нацијата - сега зависат од третата потреба, која е социјално дистанцирање. Размислете вака: сега има само две групи Американци. Во групата А се сите што учествуваат во медицинските активности, без разлика дали тоа е лекување пациенти, вршење тестови или производство на материјали. Групата Б ги вклучува сите други, а нивната работа е да ѝ купат повеќе време на групата А. Групата Б сега мора да ја „израмни кривата“ со физичко изолирање од другите луѓе за да го прекине синџирот на пренос. Со оглед на бавното потпалување на ковид-19, за да се спречи идниот колапс на здравствениот систем, овие навидум драстични чекори мора да се преземат веднаш, пред да бидат почувствувани како потребни, и мора да траат неколку недели.

Убедувањето на една земја доброволно да остане дома не е лесно, па без јасни упатства од Белата куќа, градоначалниците, гувернерите и сопствениците на деловни фирми се принудени да преземат свои сопствени чекори.

Важноста на социјалното дистанцирање, вели Атлантик, мора да биде врежана во умот на јавноста, која мора да биде и убедена и информирана. Наместо тоа, Трамп во неколку наврати рече дека проблемот и не е толку голем, велејќи ѝ на Америка дека „многу добро го контролираме ова“, а не го контролираат, и дека случаите „ќе се спуштат до нулата“, а тие се зголемуваат. Во некои случаи, исто како и со неговите тврдења за масовното тестирање, неговите гафови ја продлабочија кризата. Тој дури се залагаше за неодобрени лекови.

Но Трамп во последните неколку дена сигнализираше дека сака да ги укине правилата за социјално дистанцирање во обид да ја заштити економијата, вели веб-сајтот и додава дека една неодамнешна анализа од Универзитетот во Пенсилванија проценила дека дури и ако мерките за социјално дистанцирање можат да ги намалат стапките на инфекција за 95 проценти, сепак на 960.000 Американци ќе им треба интензивна нега. Постојат само околу 180.000 вентилатори во САД и, уште поважно, доволно респираторни терапии и персонал за критична нега за безбедно да се грижат за само 100.000 пациенти со вентилација. Укинувањето на социјалното дистанцирање би било глупаво. Укинувањето сега, кога тестовите и заштитната опрема сè уште се оскудни, би било катастрофално.

 

II. Епилогот

Под сегашниве услови, вели Атлантик, постојат три можни епилози:

еден многу малку веројатен,

еден многу опасен и

еден многу долг.

Првиот е секоја нација да успее истовремено да го покори вирусот, како и со оригиналниот САРС во 2003 година. Со оглед на тоа колку е распространета пандемијата на коронавирус и колку лошо се справуваат многу земји, шансите за синхронизирана контрола низ целиот свет се чини дека се мали до никакви.

Вториот епилог е вирусот да го направи она што го направија минатите пандемии на грип: да се разгори низ светот и зад себе да остави доволно имуни преживеани, па на крај да се мачи да најде одржлив домаќин. Ова сценарио за „групен имунитет“ би било брзо, па затоа е и примамливо. Но тоа исто така ќе нанесе страшна цена: САРС-КоВ-2 е попренослив и посмртоносен од грипот, и веројатно зад себе ќе остави многу милиони трупови и уништени здравствени системи. Обединетото Кралство првично се чинеше дека ја разгледува оваа стратегија на групен имунитет, но се повлече кога моделите ги открија сериозните последици. Сега се чини дека и САД размислуваат за неа.

Третото сценарио е светот да игра долготрајна игра со вирусот, наизменично задушувајќи ги епидемиите онаму каде што ќе се разгорат сè додека не се добие вакцина. Ова е најдобрата опција, но исто така и најдолгата и најкомплицирана.

Прво, зависи од правењето вакцина. Ако ова беше пандемија на грип, ќе беше полесно. Светот е искусен во правењето вакцини против грип и ги прават секоја година. Но не постојат вакцини за коронавируси - сè досега овие вируси предизвикуваа благи или ретки заболувања - затоа истражувачите мора да почнат од нула. Првите чекори беа импресивно брзи, вели Атлантик, но додава дека за секоја безбедна вакцина ќе бидат потребни 12 до 18 месеци, па и подолго, за да се направи, достави и инјектира во рамото на човекот, вели Атлантик.

Многу работи во годините што доаѓаат, вклучувајќи ја и фреквенцијата, времетраењето и периодите на карантин, зависат од две својства на вирусот, обете во моментов непознати.

Прво: сезоналноста.

Коронавирусите имаат тенденција да бидат зимски инфекции, кои бледнеат или исчезнуваат во текот на летото. Ова може да биде точно и за САРС-КоВ-2, но сезонските варијации можеби нема доволно да го забават вирусот кога има толку многу имунолошки наивни домаќини за заразување. „Голем дел од светот со нетрпение чека да види што ќе му направи летото на пренесувањето на вирусот во Северната хемисфера, ако воопшто му направи нешто“, вели Маја Маџумдер од Медицинскиот факултет на Харвард и Детската болница во Бостон.

Второ: времетраењето на имуноста.

Кога луѓето се заразуваат со поблагите човечки коронавируси што предизвикуваат симптоми на настинка, тие остануваат имуни помалку од една година. Спротивно на тоа, малкутемина што беа заразени од оригиналниот вирус САРС, кој беше далеку потежок, останаа имуни многу подолго. Под претпоставка дека САРС-КоВ-2 лежи некаде во средината, луѓето што оздравуваат од него може да бидат заштитени неколку години. За да го потврдат тоа, научниците ќе треба да развијат точни серолошки тестови, кои ги бараат антителата што го даваат имунитетот. Исто така, ќе треба да потврдат дека ваквите антитела всушност ги спречуваат луѓето да го добиваат или да го шират вирусот. Доколку е така, имуните граѓани може да се вратат на работа, да се грижат за ранливите и да ја зацврстат економијата за време на периоди на карантин.

Дали преку насобирање групен имунитет или со долгоочекуваното пристигнување на вакцината, на вирусот ќе му биде сè потешко да се шири експлозивно. Малку е веројатно дека целосно ќе исчезне. Вакцината можеби ќе треба да се надградува додека вирусот се менува и луѓето можеби ќе треба редовно да се ревакцинираат, како што во моментов прават за грипот. Моделите сугерираат дека вирусот може да талка низ целиот свет, предизвикувајќи епидемии на секои неколку години. „Но мојата надеж и очекување е дека сериозноста ќе се намали и ќе има помалку социјални дистанцирања“, вели Кислер. Во таа иднина, ковид-19 може да стане како грипот денес - периодичен проблем на зимата. Можеби на крајот ќе стане толку вообичаен што дури и ако постои вакцина, голем број од Генерацијата К воопшто нема да се мачат да се вакцинираат, заборавајќи колку драматично беше преобликуван нивниот свет кога ја немавме неа.

 

III. Последиците

Цената за достигнување на таа точка, со што е можно помалку смртни случаи, ќе биде огромна. Економијата доживува шок поненадеен и посериозен отколку што некој жив некогаш доживеал. Американците ги губат работните места, вели Атлантик. Хотелите се празни. Авиокомпаниите не летаат. Рестораните и другите мали фирми се затвораат. Нееднаквостите ќе се прошират: луѓето со мали приходи ќе бидат најтешко погодени од мерките за социјално дистанцирање и најверојатно ќе имаат хронични здравствени состојби што го зголемуваат ризикот од сериозни инфекции.

Откако инфекциите ќе почнат да паѓаат, ќе следува секундарна пандемија на ментално-здравствени проблеми. Во момент на длабока страв и неизвесност, луѓето се отсечени од смирувачкиот човечки контакт. Прегратките, ракувањата и други социјални ритуали сега значат опасност. Луѓето со анксиозност или опсесивно-компулсивно нарушување страдаат. Од постарите лица, кои веќе се исклучени од голем дел од јавниот живот, се бара уште повеќе да се дистанцираат, што ја продлабочува нивната осаменост. Азијците трпат расистички навреди, поттикнати од претседател што инсистира на етикетирање на новиот коронавирус како „кинески вирус“. Инцидентите на семејно насилство и злоупотреба на деца најверојатно ќе растат, бидејќи луѓето се принудени да останат во небезбедни домови. Децата, чии тела претежно се поштедени од вирусот, може да трпат ментална траума што ќе им премине и во возрасниот период.

По пандемијата, луѓето што ќе оздрават од ковид-19 може да бидат избегнувани и стигматизирани, исто како преживеаните од ебола, САРС и ХИВ. На здравствените работници ќе им треба време за да закрепнат: една до две години откако САРС го погоди Торонто, луѓето што се справуваа со епидемијата сè уште беа помалку продуктивни и со поголема веројатност дека доживеале исцрпување и посттрауматски стрес. Луѓето што минале низ долги периоди на карантин ќе носат лузни од своето искуство. „Моите колеги во Вухан забележуваат дека некои луѓе сега одбиваат да ги напуштат своите домови и развиле агорафобија“, вели Стивен Тејлор од Универзитетот во Британска Колумбија, кој ја напиша „Психологијата на пандемиите“.

Но „постои и потенцијал за еден многу подобар свет откако ќе ја поминеме оваа траума“, вели Ричард Данзиг од Центарот за ново американско обезбедување. Заедниците веќе наоѓаат нови начини на здружување, дури и покрај тоа што мора да се држат подалеку. Ставовите кон здравјето исто така може да се променат на подобро. Подемот на ХИВ и СИДА „целосно го смени сексуалното однесување кај младите луѓе што во екот на епидемијата созреваа сексуално“, вели Конис. „Употребата на кондоми се нормализира. Тестирањето за сексуално преносливи болести стана вообичаено“. Слично на тоа, миењето раце 20 секунди, навика што во минатото беше тешко да се постигне дури и во болниците, „може да биде едно од оние однесувања на коишто до толку сме се навикнале во текот на оваа епидемија што веќе не ни размислуваме за нив“, додава Конис.

Пандемиите исто така може да предизвикаат социјални промени. Луѓето, деловните субјекти и установите неверојатно брзо усвоија или повикаа на практики што порано би им биле тешки, вклучително и работа од дома, состаноци со конференциски повици за лицата со посебни потреби, соодветно боледување и флексибилни договори за грижа за децата. „Ова е прв пат во мојот живот да слушнам некој да рече: 'О, ако си болна, седи дома', вели Адиа Бентон, антрополог на Северозападниот универзитет.

Можеби нацијата ќе научи дека подготвеноста не се однесува само на маски, вакцини и тестови, туку и на праведна трудова политика и стабилен и еднаков систем на здравствена заштита. Можеби ќе цениме дека здравствените работници и специјалистите за јавно здравје го составуваат социјалниот имунолошки систем на Америка и дека овој систем е задушен.

Пандемијата на ковид-19 влијае директно на сите, вели Атлантик, менувајќи ја природата на нивниот секојдневен живот. Тоа го разликува не само од другите болести, туку и од другите системски предизвици на нашето време. Кога администрацијата ги негира климатските промени, ефектите нема да се почувствуваат со години, па дури и тогаш ќе биде тешко да се анализираат. Друго е кога претседателот вели дека секој може да добие тест, а наредниот ден не може секој. Пандемиите се демократски искуства. Луѓето чија привилегија и моќ обично би ги заштитиле од криза сега се соочуваат со карантини, се заразуваат и ги губат најблиските. Сенаторите се разболуваат. Последиците од кратењето на парите на јавноздравствените агенции, губењето на експертизата и оптоварените болници веќе не се манифестираат како гневни колумни, туку како заболени бели дробови.

По 11 септември, светот се фокусираше на борбата против тероризмот. По ковид-19 вниманието може да се префрли на јавното здравство. Очекувајте скок во финансирањето за вирусологија и вакцинологија, наплив на студенти што аплицираат за јавноздравствени програми и поголемо домашно производство на медицински материјали. Очекувајте пандемиите да дојдат на врвот на агендата на Генералното собрание на Обединетите нации. Ентони Фаучи сега е познато име. „Обичните луѓе, кои добро знаат што работат полицаецот или пожарникарот, конечно дознаваат што работи епидемиологот“, вели Моника Шох-Спана, медицински антрополог во Центарот за здравствена безбедност Џон Хопкинс.

Ваквите промени, сами по себе, можат да го заштитат светот од следната неизбежна болест. „Земјите што го преживеаја САРС имаа јавна свест за ова, што им овозможи да скокнат во акција“, рече Рон Клин, поранешен координатор за еболата. „Најчестата реченица во Америка во моментов е 'никогаш досега не сум видел вакво нешто'. Таква реченица не можеше да се слушне во Хонг Конг“. За САД и за светот, обилно и прецизно е јасно што може да направи пандемијата, вели Атлантик.

Објавено

Петок, Март 27, 2020 - 15:00

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе