Во посткарантинскиот свет

Како ќе изгледа глобалното патување пред вакцината

Лежалки за сонце одвоени со плексиглас. Тестови на крв и прскања со средства за дезинфекција пред летовите. Ова можеби звучи екстремно, но тоа се реалните мерки што некои во патувачката индустрија ги разгледуваат за да ја гарантираат безбедноста на туристите во посткарантинскиот свет.

Премногу е рано да се каже кога може повторно да почнат меѓународните патувања - на пример, Аргентина ги продолжи забраните за летање до септември, а еден британски министер рече дека нема наскоро да уплаќа за летен одмор.

Но како ќе изгледаат патувањата во странство кога ќе бидат повторно овозможени?

Еве што може да очекувате.

 

На аеродромот

Многу аеродроми веќе воведоа одредени мерки според владините упатства: оддалеченост помеѓу еден или два метри во секој момент (со исклучок на луѓето што живеат заедно), делење рачни дезифициенти низ аеродромот и рамномерна распореденост на патниците низ терминалите.

Во САД, Управата за транспортна безбедност (ТСА) соопшти дека патниците треба да ги мијат рацете 20 секунди - во согласност со официјалните упатства - пред и по процесот на безбедносна проверка.

Но на меѓународниот аеродром во Хонг Конг се врши тестирање со уред за дезинфекција на целото тело. Ова, велат од аеродромот, може да ги дезинфицира корисниците во рок од 40 секунди, користејќи спрејови што ги убиваат бактериите и вирусите на кожата и на облеката.

Аеродромот исто така испробува автономни роботи-чистачи што шетаат убивајќи ги микробите со ултравиолетова светлина. Слични роботи беа тестирани во импровизирани болнички соби.

Аеродромите што имаат електронски киосци за чекирање ги охрабруваат патниците да ги користат нив кога е можно за да избегнат непотребна интеракција.

Во повеќето ќе има закачено плакати што ги објаснуваат насоките и упатствата низ нивните згради.

Џејмс Торнтон, главен извршен директор на патничката група Интрепид, вели дека процесот на минување низ аеродромите веројатно ќе трае подолго поради построгите проверки.

Претходно годинава неколку аеродроми објавија дека воведуваат „скрининг за термичко детектирање“ во обид да го спречат натамошното ширење на вирусот во странство.

Сепак, оваа постапка ги подели експертите во однос на нејзината ефикасност, бидејќи се вели дека некои луѓе се асимптоматски, па многу аеродроми нема да ја воведуваат.

Сепак, некои отидоа и подалеку, па Емиратите им нудат на патниците брз тест на крвта за ковид-19 пред да се качат на терминалите на аеродромите во Дубаи. Емиратите соопштија дека тестовите даваат резултати во рок од 10 минути.

 

Во авионот

Додека се сместувате на своето седиште, ќе мора само да си ги замислувате вообичаените насмевки од стјуардесите, кои најверојатно ќе носат маски.

Можеби ќе посакате и вие да им се насмевнете, но веројатно и вие ќе носите маска - бидејќи сè повеќе земји ја препорачуваат нивната употреба.

Вашиот ум, сепак, би требало да биде спокоен знаејќи дека повеќето главни авиокомпании ќе ги засилат процедурите за чистење и санитација, па вашата масичка, потпирач и безбедносен ремен ќе бидат соодветно дезинфицирани.

Ако сте резервирале лет со „Кореан ер“, не се вознемирувајте ако ви се појават луѓе облечени во целосна лична заштитна опрема (ППЕ), бидејќи авиокомпанијата вели дека планира екипажот да работи со наметки, нараквици и маски за очи.

Исто така, добро е и тоа што нема да имате близок контакт со ниеден од другите патници, бидејќи повеќето авиокомпании велат дека летовите нема да бидат комплетно резервирани и дека средните седишта ќе бидат празни (барем за почеток).

Но некои велат дека иако одвојувањето на патниците низ авионот има смисла во однос на упатствата за растојание, тоа може да се покаже претерано скапо.

„Губењето третина од местата значи или дека авиокомпаниите летаат со загуба, или дека се враќаме во старите добри денови кога повратен билет од Париз до Ница чинеше 1.145 евра во денешни пари“.

Земјите што многу зависат од туризмот веќе контактираат со операторите. „Верувам дека ќе има благо враќање на летовите до избраните дестинации кон крајот на сезоната“.

 

На вашата дестинација

Како ви звучи одмор на италијанска плажа? Е па додека барате место во сенка на песокот, може да се фатите како се пробивате низ лавиринт од плексиглас, кој служи за одвојување на туристите.

„Видов цртежи“, вели Улф Сонтаг од Институтот за истражување на туризмот во Северна Европа, „тие сериозно го разгледуваат ова како идеја во Италија“.

Сонтаг вели дека европските дестинации исто така бараат начини да ги сместат гостите во хотелите, меѓу кои и да дозволат отворање на секој втор хотел или секоја втора соба во хотелот.

„Ако главната цел е социјалното дистанцирање, треба да работат на тоа. Не ми личи дека ќе може да се отворат базените во медитеранските одморалишта“, додава тој.

Додека рестораните планираат да ги раздвојат масите на поголема далечина, еден португалски хотелски синџир, Вила Гале, вели дека „трупа резерви на рачни средства за дезинфекција“ и „подготвува менија на посебни јадења во замена за шведските маси“.

Николаос Сипсас, професор по медицина во Атина, се согласува дека шведските маси се голем ризик, заедно со базените, баровите и плажите.

„За грчките плажи мислам дека ќе бидат со ретки посетители; со други зборови ќе има капачи, но тие нема да бидат блиску едни до други. Нема веднаш да го имаме феноменот на организирани плажи со густо послани пешкири“, вели тој.

Другите европски земји разговараат за „туристички коридори“ за да ги поврзат областите и земјите-членки најмалку погодени од ковид-19.

На пример, Хрватска веќе рече дека ова лето можеби ќе им даде на туристите од Чешка и Словачка специјален пристап до своите плажи.

 

Дали ова засекогаш ќе ја промени иднината на патувањата?

Можеби овој хипотетички одмор во странство не ви изгледа многу примамливо. И веројатно не сте сами во тоа. Факт е дека повеќе одмори во иднина веројатно ќе се поминуваат дома.

„Луѓето веројатно ќе патуваат помалку на меѓународно ниво, домашниот одмор ќе се промени и може да стане норма“, вели Енди Радерфорд, основач на тур-операторот „Фреш ајз“ со седиште во Велика Британија.

Веднаш по глобалната пандемија, бродовите за крстосување, скијачките одмори и далечните летови може да ја загубат својот привлечност, особено затоа што фокусот се враќа на зелената технологија и на начините за справување со климатската криза, вели Радерфорд. „Нашата заложба кон патувањето мора да биде заснована врз заемно почитување, солидарност и одговорност“.

Сонтаг се согласува дека пандемијата може да резултира во промена на навиките: „Домашните патувања може да ги натераат луѓето да сфатат дека не мора секогаш да патувате толку далеку“.

Едно неодамнешно истражување на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА) откри дека откако ќе се победи коронавирусот, 60% од испитаниците ќе чекаат два месеци пред да резервираат летови - 40% изјавиле дека ќе чекаат најмалку шест месеци, пренесува Би-би-си.

Боинг, кој отпушти 10% од својата глобална работна сила поради ковид-19, рече дека не очекува воздушниот сообраќај да се врати на нивоата од 2019 година барем до 2023 година.

ИАГ, матичната компанија на „Бритиш ервејс“, рече дека тоа може да трае „неколку години“.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе