За неколку недели вакцинирани 18 милиони луѓе

Како Југославија ги победи големите сипаници

И додека балканските земји некако се справуваат со коронавирусната криза, постарите генерации таа ги потсети дека веќе искусиле карантин и следење контакти - кога нивната поранешна комунистичка татковина Југославија пред 50 години ја совлада последната европска зараза - големите сипаници.

Југословенските здравствени власти тогаш успеаја за само неколку недели да вакцинираат 18 милиони луѓе и да го задржат бројот на мртвите под 40.

За некои, ваквата ефикасност поттикна носталгија по социјалистичкото време, особено што ерата на коронавирусот се совпадна со 40-годишнината од смртта на Јосип Броз Тито.

Многу луѓе се сеќаваат на добро организираниот и бесплатен здравствен систем, кој во многу работи го надминуваше сегашниов, кој изгуби години развој во војните во 90-тите.

Денес болниците во регионот се мачат да ги задржат висококвалитетните лекари и медицински сестри, кои подобрите плати и професионалните можности ги намамуваат во странство.

„Некои го сакаа социјализмот, некои не, но сите веруваа во здравствениот систем“, вели српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ, кој работел на сузбивање на заразата на сипаниците во 1972 година. „Никој не ги доведуваше во прашање одлуките на лекарите и сите сакаа да се вакцинираат“, додава тој.

Денес, довербата во медицината ја поткопува сè пораширеното „антиваксерско“ движење, кое во последно време го поддржа и тениската суперѕвезда Новак Ѓоковиќ. Тој неодамна се спротивстави на вакцинацијата против коронавирусот како услов за учество на тениските турнири, а шокираните епидемиолози брзо се обидоа да ја поправат штетата.

 

Вакцинација со грамофонски игли

Невакцинирањето не беше опција во времето на Тито. Тој беше на чело на Југославија кога еден косовски Албанец се заразил на пат кон Ирак и ги донел сипаниците во земјата.

Бидејќи тој вирус не бил виден уште од 1930 година, локалните лекари не ги поврзале веднаш симптомите треска, главоболка, замор, осип и пликови со сипаници.

Кога се откри за што се работи, комунистичката државна машинерија на Тито тргна во акција. Властите воспоставија карантин во хотели и во кампови и наредија масовна вакцинација на населението.

„Војската, полицијата и сите лекари беа вклучени“ во потрагата по заразените и во вакцинирањето, се сеќава пензионираната лекарка вирусолог Ана Глигиќ.

Некои лекари што останале без инјекции се снаоѓале така што пациентите ги вакцинирале со грамофонски игли натопени во вакцината.

Гордана Вукмировиќ, 75-годишна пензионирана економистка, се сеќава како медицински тим од локалната болница дошол во нејзината канцеларија за да ги вакцинира сите вработени.

„И покрај тоа, животот беше нормален, одевме на работа, градскиот превоз функционираше, работеа продавниците“, рече таа.

Следењето на контактите исто така било масовно. Само во Белград биле интервјуирани повеќе од 3.000 лица, според податоците на Светската здравствена организација.

 

Титовото одобрување

По три месеци битката беше добиена. Вкупно имаше 175 заразени, а 35 починаа. Заразата не се прелеа преку југословенските граници.

Изолирани во своите домови, многумина од подрачјето на поранешна Југославија сега повторно го погледнаа филмот „Вариола вера“ на режисерот Горан Марковиќ со Раде Шербеџија во главната улога.

Гледајќи наназад, лекарите го пофалија Тито дека не се појавувал често во јавноста за време на кризата. Но, како и во другите работи, тој ги носел одлуките.

„Тито беше оној што требаше да одобри јавно да прогласиме епидемија и му беа потребни три дена да го стори тоа“, рече Радовановиќ.

„Во меѓувреме ние ги стававме луѓето во карантин, но не смеевме да им кажеме зошто“, додаде тој.

Индекс

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе