Како Израел доби повеќе вакцини отколку што му требаат

Минатата година Израел жестоко се натпреваруваше со многу поголеми земји да обезбеди залихи од вакцините од глобалните производители додека беснееше пандемијата на коронавирусот. Сега спроведува еден од најбрзите процеси на вакцинација во светот и има повеќе вакцини отколку што ќе му бидат потребни.

Фото: ЕПА

Одговорот на прашањето како земја со едвај девет милиони жители ги убедила компаниите што им се додворуваат на пазарите со стотици милиони потенцијални купувачи прво да ги исполнат нејзините нарачки лежи во 17 разговори помеѓу Алберт Бурла, извршен директор на Фајзер, Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Израел, и Јулиј Еделстин, министерот за здравство, пишува Фајненшл тајмс.

Двајцата израелски политичари ветиле дека ќе почнат еден од најбрзите процеси на вакцинација во светот и ќе ги споделат податоците за нејзиното влијание врз пандемијата, сè додека снабдувањето е изобилно и непрекинато. Фајзер се согласил и испораките почнаа во средината на декември.

„Компанијата ќе може да се фали со тоа, да профитира од тоа и да го објави“, рече Еделстин во интервју за Фајненшл тајмс. „Без тоа, ниту една компанија не би ни погледнала во наш правец, туку би барала сто пати поголеми пазари.“

Израел очекува нови испораки и до март ќе има вишок вакцини од сите три главни производители.

Врз основа на договорот со Фајзер, испораките на вакцини од Бајонтек / Фајзер пристигнуваа во Тел Авив со авион скоро секоја недела.

Земјите низ целиот свет, тежнеејќи да си ги закрепнат економиите и до летото да продолжат да патуваат, го поздравија брзото производство на вакцини како најдобра шанса да ѝ се стави крај на пандемијата од која починаа над 2,1 милиони луѓе.

Сепак, во Европската Унија, на пример, вакцинацијата е бавна во споредба со земјите во некои други региони и е полна со проблеми, особено со прекини во синџирите на снабдување.

Во Израел, повеќе од 2,6 милиони луѓе ја примија првата доза на вакцината, а нешто повеќе од 1,1 милиони, главно постари од 60 години, ја примија втората доза.

„Нашето темпо на вакцинација е десет пати побрзо отколку во САД“, рече во неделата Нетанјаху, ветувајќи милион нови вакцини оваа недела. Ниту една држава не го постигна тоа што го постигнавме ние.“

Тој договор и молскавичната ефикасност на иницијативата за вакцинација го зголемија политичкиот рејтинг на премиерот Нетанјаху, кој на крајот на март ќе се обиде да освои уште еден мандат. Тој ги посетува центрите за вакцинација, ги пречекува авионите на аеродромот, го врамува шприцот со кој е вакциниран, фалејќи се за успехот во спроведувањето на националниот потфат што го нарече Враќање во живот.

Испораките на однапред нарачаната вакцина на Модерна ќе бидат забрзани во март, а на пат се и милиони дози од вакцината на АстраЗенека. Израел планира дотогаш да имунизира поголем дел од возрасната популација со вакцината Фајзер. Не е познато што ќе стори Израел со вишокот, рече министерот за здравство. Израелските медиуми објавија дека некои сојузници во ЕУ, како Кипар, побарале од Нетанјаху дополнителни залихи, но Елдестин го негираше тоа.

„Нема да тргуваме со вишокот вакцини. Ние сакаме да се осигуриме дека имаме доволно за нас и, доколку има, ќе видиме што можеме да сториме за нашите најблиски соседи - фактот дека Палестинците во моментов стојат лошо не е во интерес на Израел“, рече министерот.

Палестинските власти сè уште ги чекаат залихите од руската Спутник V и иницијативата Ковакс на Светската здравствена организација за дистрибуција на вакцини.

Болниците низ Израел веќе собираат податоци за бројот на антителата кај персоналот и за падот на инфекцијата кај оние што ја примиле втората доза. Овие податоци покажуваат дека и покрај најбрзото темпо на светот - 40 проценти од Израелците веќе добиле барем една доза - пандемијата сè уште не е ставена под контрола.

Министерството за здравство вели дека неуспехот да се запре ширењето на коронавирусот се должи на високо преносливите варијанти што доаѓаат од странство. Една недела по почетокот на вакцинацијата, властите воведоа трет национален карантин, кој може да се продолжи до февруари. Сепак, Израелците минатиот четврток објавија дека бројот на репродукциите - познат како Р - е помал од еден, што значи дека епидемијата повеќе не расте, објави Ројтерс.

На стапката на инфекција во Израел влијаеше и фактот дека на Нетанјаху не му беше лесно да го убеди ултраортодоксното население, чии водачи ја поддржуваат неговата коалиција, да седи во карантин, вели ФТ.

Позаразната форма, варијантата Б.1.1.7, која првпат беше откриена во Велика Британија, исто така се шири меѓу оние што сè уште не се вакцинирани, па затоа приемите во болница и бројот на новите случаи се близу до рекордните нивоа. Рекорден број пациенти моментално се на апарати за дишење.

„Во главата имам слика од два тркачки автомобили - лево е автомобилот со вакцина, а десно растечкиот број на заразени лица. Само се надевам дека автомобилот со вакцината прв ќе стигне до целта“, рече Еделстин.

Компанијата Фајзер објави дека „епидемиолошката анализа со Министерството за здравство во Израел е единствена по тоа што ќе овозможи процена дали одредена стапка на вакцинација довела до имунитет на стадо покрај директната заштита“. Тоа ќе разјасни дали намалувањето на бројот на случаите може да ѝ се припише на вакцината или на имунитетот на стадо, изјави портпаролот на таа компанија.

Елдестин рече дека досега немало ништо што може официјално да се сподели со Фајзер затоа што Израел сè уште не стекнал колективен имунитет преку вакцинацијата. Министрите за здравство во други земји му завидуваат на Израел.

Моите колеги во други земји ми велат дека можеби сум единствениот министер за здравство во светот што во моментов се смее, изјави Елдестин за ФТ.

„Јас им велам дека тоа повеќе личи на актерите во грчката митологија - половина од моето лице се смее, а другата половина плаче.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе