Како ЕУ го поткопа Ковакс

Минатиот април, на почетокот на пандемијата на ковид-19, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја приклучи Европа на глобалните напори за рамноправен пристап до вакцини, за кои кажа дека ќе бидат испратени „во секое ќоше на светот“.

EPA-EFE

Меѓутоа, и покрај тоа што одредија милијарди евра за механизмот што го формираше Светската здравствена организација и јавно го поддржаа, функционерите на ЕУ и државите членки упорно носат одлуки кои ја поткопуваат таа кампања, покажуваат разговори со функционери и дипломати на ЕУ и интерни документи во кои Ројтерс имал увид.

Една година по претставувањето на механизмот, Европа и остатокот од светот сè уште не донираа ниедна доза за програмата, која е дел од досега невидени напори за дистрибуција на вакцини, тестови и лекови во борбата против пандемијата. Дипломатите тврдат дека европската амбивалентност делумно е резултат на слабите резерви и лошиот почеток на глобалната кампања за вакцинирање, но и стравувањата дека напорите на ЕУ минале незабележано во дипломатската војна со вакцините каде на сите ѕвона рекламираните ветувања на Кина и Русија доминираат, дури и во нејзиниот двор.

Програмата, со која управуваат меѓународни агенции и Глобалната алијанса за вакцини и имунизација (ГАВИ), всушност е платформа за масовно купување вакцини за дозите да се распределат низ светот. Меѓутоа, бидејќи администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ѝ го сврте грбот на СЗО, планот наречен Ковакс тешко добиваше поддршка и се фокусираше само на употреба на фондовите од богатите држави за купување дози за помалку развиените земји.

Фон дер Лајен европската поддршка на Ковакс ја претстави како гест на меѓународното единство. Приватно, функционерите на ЕУ целите на блокот кога станува збор за вакцините ги претставуваат на помалку алтруистичен начин.

„Јасно е дека станува збор за видливоста“, односно за односите со јавноста, кажала Илзе Јухансоне, генералната секретарка на Европската комисија на состанок со амбасадорите во Брисел во февруари, се наведува во дипломатска белешка во која Ројтерс имал увид.

Еден висок дипломат за британската агенција кажал дека многумина на тој состанок помислиле дека Европа, која е далеку најголем извозник на вакцини на Западот, всушност има цели со на кои повеќе би им одело во прилог лепењето ознаки „со сини знаменца со жолти ѕвезди“ на пратките вакцини и директната дистрибуција наместо преку Ковакс.

Брисел, кој ги координира договорите за вакцините со државите членки, резервираше огромно количество – 2,6 милијарди дози за популација од 450 милиони. Вети речиси 2,5 милијарди евра за поддршка на Ковакс. Тоа ЕУ ја направи најголем финансиер додека претседателот на САД Џо Бајден годинава не вети четири милијарди долари за планот, чија цел е дистрибуција на две милијарди дози до крајот на годината.

Меѓутоа, резервите за европската популација доцнат и покрај определените средства, ЕУ и 27 влади го поткопаа Ковакс на повеќе начини. Како другите богати држави, ЕУ членките решија да не купуваат за себе вакцини преку Ковакс, и се натпреваруваа со него кога немаше доволно резерви. Сите освен Германија понудија за програмата помалку пари отколку што беше побарано.

Европа дури промовираше паралелен систем на донација на вакцини со кој самата управуваше, за да го унапреди профилот на ЕУ. „Постои огромно незадоволство бидејќи сега има чувство дека трката почнала а ние всушност и понатаму сме на стартните позиции“, кажа за Ројтерс еден висок дипломат.

„Трошиме пари на Ковакс, а за возврат во смисла на политичка видливост не добиваме ништо“.

Русија сака државите директно да ги снабдува со вакцини. Кина вети поддршка на Ковакс. Меѓутоа и Москва и Пекинг имаат посебни договори за испорака на над милијарда дози на Африка, Јужна Америка и на ЕУ партнерите како Турција, Египет, Мароко и балканските држави кои се кандидати за членство во блокот.

За испораката на поголемиот дел дози ќе биде потребно време, но Русија и Кина веќе извезоа два пати повеќе од Ковакс.

Шефот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус упорно ги повикува богатите држави да ги остават на страна националистичките импулси и да ги споделат вакцините со останатите, нарекувајќи ја актуелната ситуација „шокантна нерамнотежа“. Британија, која не е членка на ЕУ на пример на своите граѓани веќе им даде отприлика исто толку дози колку што Ковакс испорача во над 100 држави.

Службеници на Ковакс за Ројтерс кажале дека добиле доволно средства на крајот на минатата година, но дека пристигнале подоцна од што очекувале.

Портпаролката на ГАВИ, сојузот кој управува со програмата и зборува во име на Ковакс, кажа дека поддршката на ЕУ била „недвосмислена“ и дека очекува дозите наскоро да бидат донирани. СЗО додаде дека личната поддршка од Фон дер Лајен била „непроценлива“.

Портпаролот на Комисијата кажал за Ројтерс дека Ковакс е многу успешен во создавањето глобална соработка и обезбедувањето милиони дози. Тој програмата ја нарекол „нашиот најдобар инструмент да пружиме резултати на полето на меѓународната солидарност во поглед на вакцините“ и „главен канал на ЕУ за делење вакцини“.

Чекајќи го Ковакс

Проблемите со кои се соочува Ковакс делумно се од структурна природа. Набрзо откако беше основан, богатите држави склучија нарачки со фармацевтските компании за да обезбедат дози штом бидат достапни. Програмата за вакцинација секогаш зависеше од богатите држави во смисла на парите, а тие не брза да ги дадат.

Ковакс требаше да биде платформа на државите за купување вакцини, што би му дало моќ за ценкање и би му овозможило да ги распореди дозите на оние кои им се потребни низ светот. Признавајќи дека резерви нема да има доволно, почетната цел беше дистрибуција на дози за најмалку 20 отсто од популацијата во секоја држава за да се покријат лицата кои се најизложени на ризик.

На затворена средба минатиот јули, еден функционер на ЕК им кажал на амбасадорите на државите членки дека не треба да купуваат вакцини преку Ковакс бидејќи тие ќе стигнуваат преспоро, се наведува во дипломатските белешки.

Комисијата подоцна постави цел да вакцинира 70 отсто од возрасните во ЕУ до крајот на септември.

Ковакс смени некои од условите следниот месец за да се обиде да ги убеди богатите држави да се придружат, но ниедна членка на ЕУ не се пријави да ја користи платформата за вакцинација. ЕУ му даде на Ковакс финансиски гаранции за плаќање на вакцините, но и му отежна да го направи тоа, договарајќи купување на многу поголемо количество вакцини отколку што вистински му требаат на блокот.

Во ноември ЕУ вети повеќе пари за Ковакс но дури откако самата потпиша договори со произведувачите на вакцини за речиси 1,5 милијарди дози – повеќе од половина на тогашната проценка на Брисел за глобалните капацитети на производство за оваа година, покажуваат интерните документи.

Иако Европа резервираше толку големо количество, Комисијата на состанок со дипломатите месецов наведе дека Ковакс е преспор во набавката на возите. Тогаш Комисијата ја отвори можноста за формирање сопствен механизам за испраќање вакцини во сиромашните држави надвор од ЕУ.

Европската комесарка за здравје Стела Киријакидес кажа кон средината на јануари дека планот на ЕУ ќе бидфе спроведен – бидејќи Ковакс не е целосно оперативен. Државите на кои ќе се фокусираат се оние од Западниот Балкан, јужните и источните соседи на ЕУ и Африка.

Следниот месец бидејќи резервираа повеќе од две милијарди дози, но испораката доцнеше поради проблеми во производството, ЕУ го удвои финансирањето на Ковакс на милијарда евра. Русија и Кина веќе имаа испорачано милиони дози низ светот, Ковакс сè уште немаше испорачано ништо, а францускиот претседател Емануел Макрон веќе го губеше трпението.

„Европа и САД треба брзо да испратат доволно вакцини во Африка и да ги имунизираат здравствените работници на тој континент или ризикуваат да го изгубат влијанието од Русија и Кина“, кажа Макрон за време на една безбедносна конференција но не кажа како тие донации да се спроведат.

Бројките на Уницеф, кој соработува со Ковакс во испораката на вакцините, покажаа дека Русија има договори за испорака на 600 милиони дози, а меѓу нарачателите се и држави на ЕУ. Кина договорила продажба на 800 милиони дози, вклучувајќи договори со европски држави како Србија, Украина и Албанија.

Нешто подоцна шефот на европската дипломатија Жосеп Борел изнесе искрен став: „ЕУ е голем придвижувач на Ковакс“, напиша тој на 26 март. „Меѓутоа, ние не добиваме признание какво што добиваат државите кои се служат со билатерална дипломатија на вакцини“.

Членките на ЕУ не ги набавуваа вакцините преку Ковакс, а блокот дури и се натпреваруваше со програмата во набавката, заклучува Ројтерс.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе