Како една реченица го заживеа моделот на „двете Германии“ за Косово

Во отсуство на какви било назнаки во кој правец би можел да почне дијалогот меѓу Белград и Приштина, кога ќе биде продолжен, една реченица на специјалниот претставник на американскиот Стејт департмент Метју Палмер ја даде насоката.

Изјавата на Палмер повторно во игра го врати моделот на „двете Германии“ како потенцијално решение за статусот на Косово и Метохија, јавуваат српските медиуми.

Палмер, во интервју за Радио телевизија Војводина, до крај ја разбрка маглата околу ставот на САД и прецизираше дека за нив независноста на Косово не е спорна, ниту е предмет на дијалогот на Белград и Приштина.

„Што се однесува до САД, нашиот поглед е дека заедничко признавање е идеалното решение. Меѓутоа, можеби постојат одредени нешта, кои се можеби поедноставни за страните да ги договорат во моментов и тоа ќе ја подобри сегашната ситуација, но тоа не е моја работа да го одлучам. Мораат тие самите да одлучат и да се договорат меѓусебно“.

Потоа кажа:

„Да повторам. Ставот на САД е да видиме обострано признавање како идеална основа за нормализација. Тоа не значи дека тоа е единственото можно решение за овие разговори. Сосема е возможно Белград и Приштина да седнат на преговарачката маса и да разговараат за предизвиците кои им претстојат во тој однос и да работат на решение кое е прифатливо за двете страни, кое се однесува на проблемот на Белград и Косово и кое би можело да не биде целосно меѓусебно признавање, што не е идеално, но е подобро од ова што сега го имаме“.

Единственото „нецелосно меѓусебно признавање“ кое, меѓутоа, подразбира државност на двете страни е  - моделот на двете Германии, инаку, според оценките на аналитичарите, омилениот план на Западот.

Моделот на „двете Германии“ се повикува на политичкиот договор на Западна и Источна Германија, државите создадени по Втората светска војна, во времето на блоковската поделба на светот, кои меѓусебно не се признаваа, но беа членки на Обединетите нации и на тој пат меѓусебно не се блокираа.

Овој модел се појави во јавноста уште во 2007, кога го изнесе претставникот на ЕУ во посредничката тројка во преговорите за Косово Волфганг Ишингер, а сега сѐ почесто се слуша од западните политичари и експертите за Балканот.

Последното во низата повикувања на тој модел, главно во медиумите, беше пред средбата во Берлин, која ја иницираа Германија и Франција, на крајот на април.

Овој модел, меѓутоа, никогаш не наиде на претерано одушевување на Белград.

Професорот на Правниот факултет во Белград Бојан Милисављевиќ смета дека моделот на „двете Германии“ е неприменлив во решавањето на косовскиот проблем бидејќи, како што вели, тоа бил случај суи генерис (единствен) во времето на Студената војна.

„Тој модел се однесуваше на случај каде овие творби, Источна и Западна Германија, сакаа една држава, а во нашиот случај тоа го сака само Србија. Покрај тоа, Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово“, прецизираше професорот за Танјуг.

Тој смета и дека ситуацијата околу косовскиот проблем постепено се менува во Српска корист, бидејќи значителен број држави го повлекуваат признавањето.

Поради тоа, како што смета, и дошло до вклучување на САД во процесот на преговорите, за да се обиде забрзување на процесот на независност.

„Сѐ додека Косово и Метохија е надвор од ОН, нема заокружена држава. Во случајот на двете Германии имаше заеднички прием во ОН. Сето тоа е неприменливо на нашиот случај“, истакна Милисављевиќ.

Западна Германија, која никогаш не ја призна Источна Германија, и Источна Германија се договорија во 1972, повеќе од две децении по крајот на Втората светска војна, двете, како самостојни држави, да станат полноправни членки на ОН.

Меѓутоа, Западна Германија многу брзо стана незадоволна кога разни земји почнаа да ја признаваат Источна Германија.

Договорот за две Германии беше окарактеризиран со привременост, додека истиот народ не се обедини и не ја обнови единствена Германија, што се случи на 3 октомври 1990 година.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе