Форин аферс

Како би изгледала американската воена интервенција во Венецуела?

Америка има јасна цел во Венецуела: смена на режимот и наводно обновување на демократијата и владеењето на законите. Досега таа цел се обиде да ја оствари со економски санкции, меѓународна дипломатска изолација и внатрешен притисок врз власта на Николас Мадуро, преку соработка со опозицијата, предводена од претседателот на собранието Хуан Гуаидо, кој во меѓувреме се прогласи за привремен претседател. Ништо од тоа досега не го урна Мадуро.

Вашингтон во меѓувреме во повеќе наврати алудираше на можноста за воена интервенција во Венецуела. „Сите опции се на маса“, кажа американскиот претседател Доналд Трамп, па и воената, иако таквата опција е исклучително контроверзна, и поради веројатните цивилни жртви и поради прашањето на легалноста на таквата акција. Во меѓувреме и самиот Гуаидо најави дека би можел да побара меѓународна интервенција кога прогласи вонредна состојба во земјата, откако поголем дел од Венецуела месецов остана без струја.

Двата веројатни начини на кои САД би можеле да употребат воени сили во Венецуела, пишува Форин аферс, е кампања на прецизно бомбардирање и целосна инвазија. Двете сценарија би морале да бидат проследени со накнадно стаблизирање на земјата и воспоставување цивилна влада. За ова би можеле да бидат потребни години, а не месеци, имајќи ги предвид големината и воената сила на Венецуела, која има 33 милиони жители и територија двојно поголема од Ирак.

Венецуелската војска има 160 илјади припадници, а левичарските паравоени групи кои го поддржуваат Мадуро, таканаречените колективос, заедно имаат повеќе од 100 илјади припадници. Дури и ако воената интервенција почне добро, американските трупи веројатно со години би заглавиле во обидите да го одржат мирот и да ги обезбедат државните институции.

Што се однесува до кампањата со прецизни воздушни и ракетни напади, тие би требало да ја уништат венецуелската воена, безбедносна и економска инфраструктура. Целта би била да се елиминира способноста на режимот на Мадуро да врши репресија врз својот народ, но и да се присили венецуелската војска да го напушти Мадуро.

Прецизните удари често се претставуваат како брза, евтина, безбедна и ефикасна алтернатива на поширока воена акција со војници на терен. Но двете американски кампањи со воздушни напади – во Либија во 2011 и во Србија во 1999 – можат да послужат како предупредување дека станува збор за непредвидлив метод кој има ограничена способност за обликување на саканите политички резултати, пишува Форин аферс.

Во Либија нападите, со кои беа сопрени операциите на режимот на Моамер Гадафи врз бунтовниците, траеја седум месеци. Интервенцијата ја оствари својата директна цел – уривање на режимот на Гадафи, но ја остави земјата во хаос. Во Србија тримесечната кампања со бомбардирање беше поуспешна, ја деградираше способноста на тогашната југословенска војска да врши репресија врз Албанците на Косово и помогна во воспоставувањето на политичка рамка во тогашната српска покраина, а подоцна независната држава Косово. Целта на таа интервенција, меѓутоа, не беше уривање на режимот на Слободан Милошевиќ, тврди Форин аферс.

Прецизна воена интервенција во Венецуела би барала операции во воздух, на море, но и во сајбер-просторот. Американската морнарица би морала да стационира свој носач на авиони покрај венецуелскиот брег за да воспостави зона на забранети летови и да изврши удари врз воени цели и клучната инфраструктура. Морнарицата, покрај носач на авиони, би морала да испрати и борбена група воени бродови, а можеби и подморници кои би можеле континуирано да испукуваат крстосувачки проектили врз воздухопловните бази, противвоздушната одбрана, комуникациските и командни центри и други цели.

Што се однесува до авијацијата, САД би користеле борбени авиони и дронови, или од носач на авиони или од околните сојузнички држави кои би дозволиле такви операции од своја територија. На крајот, американските сили веројатно би користеле сајбер-оружје за да ја манипулираат, деградираат и уништат венецуелската одбрана.

Во најдоброто сценарио за САД, војската на Венецуела би ја променила страната веќе по првиот испукан „томахавк“, за да избегне ескалација на конфликтот. Меѓутоа, по дводецениската деградација и кадрирање на режимските лојалисти под Мадуро и Хуго Чавез, војската може да не биде во состојба да го одржи редот во земјата и да ги разоружи колективосите кои би продолжиле да го поддржуваат режимот.

Што би се случило во најлошото сценарио: воздушните напади би траеле со месеци, би загинале илјадници цивили, би се уништиле остатоците на и онака упропастената венецуелска економија и би се елиминирале венецуелските безбедносни сили. резултатот би бил анархија – прорежимските милитанти и вооружени банди би пустошеле по градовите. Хаосот во земјата најверојатно би ја натерал Америка да испрати војници на терен да го докусурат режимот, или ако воопшто успеале да го урнат во меѓувреме, да го одржуваат редот.

Сценариото во кое венецуелската војска целосно би се распаднала под американските напади е најверојатното можно, смета Форин полиси. САД тогаш не би имале друг избор освен да испратат војска да ги неутрализира венецуелските паравоени групи и да го обнови мирот додека се формира нова власт. Колку долго би траела ваквата окупација, тешко е да се каже. Но, комплексната географија на Венецуела и комплицираноста на самиот потфат сугерираат дека американските војници би останале во Венецуела многу подолго од неколку месеци. Најверојатно со години.

Наместо да почне со воздушни напади и подоцна да биде вовлечена во копнена војна, Америка би можела веднаш да почне со копнена инвазија. Таквата интервенција, со воздушни и други напади, би барала барем 150 илјади војници кои би ги обезбедиле или уништиле аеродромите, пристаништата, нафтените полиња, електроцентралите, командните и контролните центри, комуникациската инфраструктура и другите битни државни објекти, вклучувајќи ја претседателската палата Мирафлорес.

Последните американски воени окупации од тој тип, во Авганистан во 2001 и во Ирак 2003, на почетокот беа успешни, но американските трупи мораа да останат во земјите речиси 20 години по инвазиите. Само до 2017 година во двете интервенции учествуваа вкупно два милиони припадници на американските сили, а цената се искачи на над 1,8 илјади милијарди долари. повеќе од седум илјади американски војници се убиени во Авганистан и Ирак. Нормално, околностите се значително поинакви и Венецуела не е толку поделена по верска и етничка основа како Ирак, но тоа не значи дека загубите и финансиските трошоци нема да бидат драматични.

Последната јужноамериканска земја во која САД извршија инвазија беше Панама во 1989. Тогаш повеќе од 27 илјади американски војници, со поддршка од над 300 авиони, брзо ги скршија панамските одбранбени сили со помалку од 20 илјади војници. Но, иако оваа инвазија на земја далеку помала од Венецуела траеше само 42 дена, американското воено присуство таму траеше уште четири и пол години.

Во најдобро сценарио, освен тоа што венецуелската војска брзо би се предала, и Мадуро со својот најтесен круг би избегале од земјата, по што и неговите колективос би се откажале од борба. Кубанските и руските безбедносни служби кои се исто така присутни во земјата би ја напуштиле Венецуела, а народот би ги дочекал американските војници со раширени раце. Американците би морале во земјата да остават само мал број војници кои би им помогнале на венецуелските сили да ги обноват редот и мирот во земјата.

Во најлошото сценарио американската војска брзо би ја поразила венецуелската, но потоа би заглавила во асиметричен конфликт со поранешните припадници на војската, колективосите и другите паравоени групи, а можеби и со колумбиските левичарски герилци – со активна помош од Куба и, што е поважно, Русија. Американците би морале да останат во Венецуела со години.

Најреалното сценарио е некаде меѓу овие две. По американската инвазија венецуелската војска брзо би се предала, режимот би се урнал, а повеќето кубански и руски агенти, војници и платеници брзо би ја напуштиле земјата. Но, делови од војската и паравоените групи кои би му останале лојални на Мадуро уште долго би останале скриени, а американските трупи сепак со години би морале да останат таму.

Не постои воена интервенција без ризик. Но во овој случај, општествената, економска и безбедносна цена на интервенцијата би била далеку поголема од ќарот, заклучува Форин аферс. Без оглед на тоа дали САД ќе се одлучат на воздушни напади или копнена инвазија, би биле вовлечени во долга и тешка кампања за стабилизација на Венецуела. Освен цената во животи и милијарди долари, интервенцијата долгорочно би ѝ наштетила и на репутацијата на САД во Јужна Америка, со експлозија на антиамериканизмот во регионот и светот.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе