Атлантик

Каде го снема Доналд Трамп?

Само неколку месеци по напуштањето на функцијата, поранешниот претседател комплетно исчезна.

Кога заминуваше од функцијата, претседателот инсистираше: „Ние не одиме никаде“. Тоа беше турбулентен крај на претседателството - импичмент, ужасни помилувања и долг спор околу исходот на претседателските избори - но знаеше дека има посветени следбеници и имаше намера да остане политичка сила. И не само тој: неговото семејство беше желно да го искешира неговиот изборен успех. Обично поранешните претседатели седат мирни некое време по напуштањето на функцијата. Тој рече дека нема да седи мирен. Ќе остане политичка сила и доминантна фигура во својата партија.

Но планот не одеше добро. Претседателот седеше во својот нов дом (ја напушти својата долгогодишна матична држава) голтајќи диетални кока-коли и им ѕвонеше на пријателите за бесно да им раскажува колку неправедно се однесувале кон него и да им се жали за премногу ревносните обвинители. „Се уморуваш од слушање на тоа“, призна еден негов пријател.

Годината беше 2001 година, а дотогашен претседател беше Бил Клинтон. „Кога претседателот ќе ја напушти функцијата, очекуваме да исчезне некое време, да му ја отстапи сцената на новиот човек, дајте ни малку време да заборавиме зошто не ни беше жал што си оди“, изрецитира Тајм.

Малку е веројатно дека Доналд Трамп ќе му се јави на Бил Клинтон да му се жали, и не дека Клинтон би му кренал слушалка. Но ако некако се поврзат, тие двајца може да откријат дека имаат за што да разговараат. Иако давањето какви било изјави за релативната неважност на Трамп звучи како примамлива судбина, тој остана неочекувано мирен по напуштањето на функцијата. Не, не си го замислувате тоа. Филип Бамп од Вашингтон пост неодамна покажа дека интересот за пребарување по Гугл и сликите од вестите за Трамп се вратил приближно таму каде што беше пред да се кандидира за претседател. Само споменувањето на вестите останува значително големо, но дури и тоа нагло опадна.

Еден испад за време на викендот - зборувајќи пред полна соба републикански функционери и донатори, Трамп го нарече најмоќниот избран републиканец во нацијата „глупав кучкин син“ – го истакнува неговото бледнеење. Говорот привлече одредено внимание, но не многу. Времето кога „ковфефе“ можеше со денови да ја обзема нацијата, за среќа, е минато.

Една заедничка теорија за исчезнувањето на Трамп е дека неговата забрана за објавување на Твитер (и други страници на социјалните медиуми) нагло ја поништи неговата способност да допре до широка публика. Со твитер-профилот на дофат на прстите, тој можеше пред милиони следбеници да ја тресне која било мисла или жолчна критика што ќе му паднеше на ум; печатот должно ќе известуваше за последниот испад и за реакциите околу него. Додавајќи ѝ кредибилитет на теоријата, Трамповото исчезнување се чини дека почна околу 8 јануари, кога Твитер ја објави забраната.

На Трамп очигледно му недостига чувството на твитувањето и добивањето непосреден фидбек. Сега е принуден соопштенијата да ги испраќа по мејл - понекогаш и неколку пати на ден - до новинарите, веројатно со надеж дека тие ќе ги објават на Твитер, но не е исто. Како прво, ослободен од ограничувањата на 280 карактери, тој има нагон недоследно да брбори, што се гледа на неговите митинзи. Како второ, чувствата што добиваа одредена разбирливост на социјалните мрежи се чувствуваат бестелесно и бесмислено кога ќе дојдат во моето сандаче. (Зошто точно Трамп ја испраќа оваа изјава со пофалби за Стивен Милер? Јас ли сум пропуштил нешто, или тој? Или обајцата?)

Но и Твитер-теоријата има недостатоци. Твитовите на Трамп сè уште можеа да ги стресуваат државните службеници, но веќе почнаа да ја губат моќта кон 2019 година. Помалку луѓе реагираа на нив, а обидите на Трамп да го надополни тој пад со почесто твитување дополнително го намалија ефектот. Нацијата се чинеше презаситена (за среќа или за жал) од најшокантните коментари на претседателот.

Покрај тоа, на некој што е славен колку Трамп не му треба профил на Твитер. Како бунтовнички претседателски кандидат во 2015 година, Трамп откри дека профилот дава корисен начин на насочување на разговорот, иако отпрвин мал број новинари или политичари сериозно ја сфатија неговата кандидатура. Но кога веќе стана претседател, Трамп имаше многу други начини да го привлече вниманието на медиумите: прес-конференции, формални интервјуа, обраќања од Овалната канцеларија.

Иако понекогаш ги избегнуваше овие методи како претседател – се немаше обратено во Овална канцеларија скоро две години по почетокот на неговиот мандат - тој сега ги користи оние што му остануваат достапни. Во периодот што почна по 6-јануарскиот обид за пуч, Трамп некарактеристично молчеше, очигледно слушајќи ги советите на соработниците што му сугерираа дека треба да ја држи главата наведната додека Сенатот сè уште размислува за неговиот импичмент. Откако Сенатот не успеа да го осуди, Трамп стана погласен. Тој продолжи да дава јавни коментари, вклучително и на собирот на Републичкиот национален комитет минатиот викенд и да дава интервјуа за неколку од своите омилени кабелски оператори. Тој исто така даде најмалку десетина интервјуа за книги за неговото претседателствување, вели Дејвид А. Греам за Атлантик.

Дури и додека ја губи контролата над вестите, кај Трамп останува контролата на Републиканската партија. Големо малцинство од населението сè уште го поддржува. На врвот е на анкетите на гласачите на ГОП за претседателски кандидати за 2024. Водечките републиканци како Кевин Мекарти и Стив Скализ одат на аџилак во Мар-а-Лаго за да ги засилат своите позиции. Комитетот за кампањи на републиканците во Сенатот се чини измислил награда само за да му ја даде на Трамп. Дури и ликови како Мич Меконел и Ники Хејли, кои жестоко го критикуваа Трамп во врска со пучот, будалесто изјавија дека ќе го поддржат ако биде номиниран за 2024 година.

Но она што го кочи Трамп е негативната моќ - моќта да го торпедира републиканецот што нема да остане во чекор со него. (Теоретски барем; допрва ќе видиме.) Тој изгуби најголем дел од својата позитивна моќ - можноста да ги остварува работите, да дели задачи и помилувања, да ги турка каузите. Основниот проблем за Трамп е што, и покрај неговите најдобронамери и најзлонамерни напори, тој повеќе не е претседател. Едноставно, тој сега не е толку важен.

Ова застарување му се случува на секој претседател откако ќе ја напушти функцијата - дури и на оние како Бил Клинтон, кои ја напуштаат функцијата релативно популарни, што Трамп никогаш не беше. Во текот на целата негова политичка кариера, Трамп се однесуваше како да е имун не само на правните последици за своите постапки, туку и на сите конвенционални правила на политиката, и успеа да убеди многу експерти дека тоа е вистина. Досега тој беше успешен во заобиколувањето на законот, но прописите веќе го стигнаа.

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе