Препознатлива архитектура

Југословенскиот брутализам е магнет за туристите

На патот од белградскиот аеродром кон центарот на градот, не можете да ја утнете кулата „Генекс“.

Двата солитери, поврзани со мост, со одамна затворениот ротирачки ресторан кој личи на вселенска капсула на врвот, претставуваат толку необична глетка што градбата од 1977 година стана магнет за туристите, и покрај тоа што е запуштена, пишува Ројтерс.

Агенцијата пишува дека кулата е еден од најзначајните примери на брутализмот – архитектонскиот стил популарен во 1950-те и 1960-те години, базиран врз груби бетонски форми во вид на блокови.

Брутализмот беше популарен низ целиот источен блок, но поранешна Југославија го присвои и го искористи за да го изгради својот визуелен идентитет, распната меѓу истокот и западот.

Интересот за тој стил расте, особено од изложбата во њујоршкиот Музеј на модерна уметност (МоМА) во 2018 година под називот „Бетонска утопија: архитектурата во Југославија 1948-1980“.

„Десетици луѓе секоја недела сакаат да ги посетат знаменитостите  во Белград изградени меѓу 50-тите и 80-тите години“, вели Војин Мунцин, менаџер на агенцијата Југотур, која туристите по престолнината на Србија ги води во легендарниот автомобил „југо“.

„Кулата „Генекс“ е меѓу најинтересните за разгледување. Луѓето ја гледаат на патот кон аеродромот и таа веднаш привлекува внимание“, вели Мунцин за Ројтерс.

Денес еден од столбовите на кулата е празен, додека другиот служи како станбена зграда. Ротирачкиот ресторан е затворен во деведесеттите години.

Настојувајќи да профитираат од овој интерес, градските власти размислуваат за јавноста да отворат делови од уште едно ремек-дело на југословенскиот брутализам, владината зграда Палата Србија, која се отвора само еднаш годишно.

Ројтерс пишува дека по Втората светска војна, социјалистичка Југославија, предводена од Јосип Броз Тито, почна со обнова на земјата уништена во борбите. Низ земјата никнаа станбени блокови, хотели, граѓански центри и споменици, изградени од бетон.

Таквата архитектура требаше да ја покаже силата на државата меѓу двата света – западната демократија и комунистичкиот исток, која се обидува да изгради сопствен пат и да создаде социјалистичка утопија, додава британската агенција.

Меѓутоа, по Титовата смрт во 1980 и економската криза која следеше, новите елити почнаа да се дистанцираат од социјалистичкиот режим, вклучувајќи ја и неговата архитектура.

„Сега мина доволно време (од распадот на државата) и луѓето почнаа да ја ценат архитектурата на Југославија“, вели Алан Браун, предавач на загребскиот Архитектонски факултет.

Тој додава дека тој стил е единствен поради видливото влијание од западот, и дека ја одразува единствената позиција на Југославија.

Ројтерс пишува дека било планирано станбените блокови да имаат доволно паркови, кино-сали, базени, па дури и паркинзи.

Во Палата Србија, позната по претходниот назив Палата на Федерацијата и колокцијалниот назив СИВ (Сојузен извршен совет) во 1961 година беше одржана Првата конференција на Неврзаните земји, а во текот на следните години во неа беа примени голем број странски државници и делегации.

Секоја од поранешните југословенски републики имаше свој салон, со централна просторија која се викаше сала Југославија.

Од деведесеттите до денес, во зградата се наоѓаше седиштето на владата на СРЈ, потоа седиштето на Советот на министри на Државната заедница на Србија и Црна Гора, а денес е во надлежност на владата на Србија.

Мебелот и теписите се правени по мерка, а сликите и мозаиците ги работеле некои од најславните уметници. Надворешниот дел од зградата е од бетон, но внатрешноста е од мермер. Централното место го има кристалниот лустер, тежок повеќе од девет тони, кој виси под куполата висока 19 метри.

„Штета е такво ремек-дело да биде далеку од очите на јавноста“, вели Сандра Весиќ Тесла, кустос на зградата.

Ројтерс пишува дека останатите примери на југословенскиот брутализам вклучуваат монументални споменици во знак на сеќавање на борбата на Титовите партизани против фашизмот, кои често се поставени во драматично рурален амбиент.

Многу од тие дела се запуштени, како споменикот на востанието против фашизмот на Петрова гора во Хрватска.

Меѓутоа, меморијалниот центар на Тјентиште, посветен на 7.000 луѓе кои ги убиле нацистите, беше реновиран минатата година, потсетува Ројтерс.

91-годишниот Миодраг Живковиќ, скулпторот што го изградил споменикот на Тјентиште висок 19 метри, бил меѓу првите уметници во поранешна Југославија кои користеле бетон.

„Тоа е стабилен материјал, личи на камен, но со него е полесно да се работи. За секој проект во тоа време, постоеше конкурс на кој можеа да се јават уметници од целата земја, и таквиот натпревар носеше квалитет“, вели Живковиќ.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе