Намалувањето и стареењето на популацијата е голем проблем за стагнирачката економија каква што е таа во Италија, бидејќи тоа, меѓу другото, директно се одразува на падот на производството, изостанувањето на иновации и на поголемите издатоци за социјална помош.
„Oд 1 јануари 2022 година, според првите прелиминарни податоци, бројот на жителите падна на 58 милиони и 983 илјади жители“, кажа претседателот на Истат Џанкарло Бланџардо на парламентарното сослушување во Рим.
Бланџардо, реномиран експерт во областа на демографијата, кажа дека бројот на жителите паѓа од 2014 година, и дека вкупниот пад оттогаш надмина 1,36 милиони жители.
„Демографската слика на нашата земја ја карактеризира значителен пораст на очекуваниот животен век и исто толку изразен пад на наталитетот, што резултира со мошне побрзо стареење на населението во споредба со остатокот на Европа“, рече тој.
Во септември Истат предвиде дека Италија би можела да изгуби речиси петтина од своето население, со прогноза дека бројот на жителите ќе падне од 59,2 милиони во 2021-ва, на 54,2 милиони во 2050-та и на 47,7 милиони во 2070-та година.
Пресвртот на тој тренд и поддршката на семејствата се претставени како приоритети на новата десничарска влада на премиерката Џорџа Мелони. Во буџетот за 2023 година се предлага намалување на данокот на производите наменети за бебињата, како и зголемување на надоместокот за децата.