Меѓу анкетираните, 45 отсто се за членство во Европската Унија и тоа главно високообразовани лица и анкетираните од градските средини. Спротивен став имаат 43 отсто, додека 12,3 отсто се неодлучни во оценката дали Србија треба да ѝ се придружи на Унијата.
Во јули 2016 година повеќе од половина анкетирани (55 отсто) го поддржувале членството на Србија во економскиот блок, против биле 39 отсто, додека 6 отсто се воздржале од оценка.
Србија во последните месеци се наоѓа под притисок на Западот, Вашингтон и Брисел, да им се придружи на западните земји во осудата на руската инвазија на Украина и да ѝ воведе санкции на Москва. На Белград му се испраќаат сè поотворени пораки дека треба да избере страна и дека повеќе не може да седи на две столчиња, одржувајќи блиски политички врски со Москва.
Србија на Генералното собрание на ОН поддржа две резолуции со кои се осудува руската инвазија на Украина и се поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет. Институтот за европски прашања со денешните резултати укажува дека европскиот наратив слабее, меѓу другото и поради притисоците трајно да се решат односите со Косово како услов за евроинтеграциите.
Поддршката на членството е најниска во споредба со досегашните истражувања, додека расте просечната оценка на односите на Србија и ЕУ, констатира Институтот истакнувајќи истовремено дека повеќе од половина од анкетираните веруваат дека Србија има корист од соработката со Унијата. Меѓу земјите членки на Унијата во Србија како најголеми пријатели се гледаат Грција и Унгарија.
Повеќето анкетирани сметаат дека Србија не треба да го напушти патот кон членството во ЕУ, а ако утре се одржи референдум, Србија би станала членка на Унијата, но со најголем број противници на членството некогаш забележан во досегашните истражувања.
Ако утре се одржи референдум за членството на Србија во Европската Унија, 41 отсто анкетирани наведуваат дека би гласале „за“, 39 имаат спротивен став, а 7 отсто не би излегле на гласање, додека 13 отсто не знаат како би гласале.
Половина сметаат дека Србија не би требало да се откаже од членството во ЕУ, додека 35 отсто веруваат во спротивното, а 15 отсто одговориле дека не знаат. Србија официјално барање за членство испрати во декември 2009 година, а кандидат за пристапување во ЕУ официјално стана во 2012 година.