„Сега повеќе ни треба страв отколку надеж“

Атлантик: Иран има далеку повеќе случаи на коронавирус отколку што пријавува

Изненадувачкиот број на иранските владини претставници што се заразија со ковид-19 навестува дека болеста е далеку пораспространета отколку што укажува официјалната статистика, вели Греем Вуд за Атлантик.

До завчера, според ресурсниот центар за коронавирусот на Универзитетот Џон Хопкинс, Иран има пријавено 6.566 случаи на ковид-19, или околу еден на секои 12.000 жители.

Првиот случај се појави на 19 февруари. Вчера Иран беше трет зад Кина (80.695) и Јужна Кореја (7.314) и веднаш пред Италија (5.883). Но официјалниот ирански број речиси сигурно е намален за јавноста, веројатно поради обидот на иранската влада да ја скрие очајната ситуација за која е делумно одговорна.

Првиот знак дека се лаже се појави на 28 февруари, кога Масуме Ебтекар, една од потпретседателите на земјата, соопшти дека го има вирусот. Наскоро имаше тројца други високи функционери што не само што се заразија од вирусот, туку и починаа од него: Мохамед Мирмохамади, член на вишиот совет на врховниот лидер на Иран, и Хусеин Шеихолеслам и Хади Косрошахи, двајцата поранешни високи дипломати. Мохамад Садр, друг член на советот, соопшти дека е заразен минатата недела, како и колегата на Ебтекар од кабинетот, Реза Рахмани. Неодамна, спикерот на парламентот рече дека 23 од неговите сопартијци се позитивни на вирусот. Двајца од нив, Мохамед Али Рамазани (29 февруари) и Фатемех Рехбер (7 март) починаа.

Официјалниот број на случаи е 6.566. Сепак, разни други знаци укажуваат дека многу повеќе луѓе во Иран се заразиле:

Во еден научен труд на универзитетот во Торонто авторите велат дека до 23 февруари заразени со иранско потекло се појавиле во Канада, Либан и Обединетите Арапски Емирати. Со оглед на обемот на воздушните патувања меѓу Иран и овие земји, авторите процениле колку случаи на ковид-19 мора да има Иран за да се произведе по еден заразен во овие други земји. Нивната процена до 23 февруари: 18.300.

Бидејќи епидемијата достигна 100 кумулативни случаи, официјалните броеви се зголемуваа приближно на секои три дена. Доколку се одржи таа стапка, денешната процена би изнесувала 586.000.

На 3 март заболеа 23 од 290 члена на парламентот - околу 7,9 проценти. (За разлика од обичните луѓе, овие пратеници веројатно имале сигурен пристап до дијагностичките служби. Државните медиуми инсистираа дека тие не се заразиле едни од други, туку од нивните матични области.) Стапката на заразеност на парламентарците, доколку се примени на вкупното население во Иран, доаѓа до 6,4 милиони случаи, вели Атлантик.

На 4 и 5 март, на два авиони за евакуација на кинеските граѓани им беше дозволено да го напуштат Техеран и да се упатат кон кинеската провинција Гансу. Кинеските власти секако од претпазливост не сакаа да примат дополнителни преносители на коронавирусот во земјата, па затоа ги тестираа патниците и пронајдоа 11 случаи на ковид-19 од 311 патник. Ако Кинезите во Иран ја добивале болеста со иста стапка како и Иранците, тоа сугерира стапка од 3,5 проценти за вкупно 5,7 милиони во времето на летот, вели американскиот весник.

На 8 март, здравствените власти во провинцијата Голастан соопштија дека тамошните болници се полни. Голастан има околу 2,2 проценти од населението во Иран, и ако претпоставиме дека има ист процент болнички кревети, покраината треба да има 2.600 болнички легла. Да претпоставиме дека барем некои луѓе со други заболувања веќе се во тие кревети и дека околу 2.000 кревети сега се полни со пациенти со ковид-19. Околу 15% од пациентите со ковид-19 имаат потреба од престој во болница. Ова укажува дека 13.000 луѓе - или околу 0,8 проценти од населението во покраината - имаат ковид-19 во Голастан. Ако таа стапка се примени на целата земја, тоа носи 610.000 заразени, што сугерира кумулативно вкупно околу 1 милион заразени - ако ги вклучиме и оние што веќе се опоравиле. Конечно, бидејќи хоспитализациите се показател за мината состојба, удвојте го тој број за да го додадете растот во изминатата недела: 2 милиони.

Значи, просекот од овие процени е околу 2 милиони, што е околу 250 пати повеќе од официјалниот број и 15 пати од вкупните случаи признаени низ светот.

Дали Иран навистина има 2 милиони граѓани со ковид-19? Можеби политичарите поминуваат повеќе време во јавноста и затоа се поподложни на инфекција; доколку е така, некои од горенаведените процени го пумпаат бројот на случаите. Потоа, исто така е можно дека тие рано станале свесни за епидемијата и презеле мерки на претпазливост. Во тој случај, овие процени би го намалиле бројот на случаите. Потоа, вели Атлантик, многу ирански политичари се стари лица - просечната старост на членовите на советот е 70 години - кои затоа веројатно се најподложни на симптоми на ковид-19, што доведува до поголем удел на заболени во политичките кругови отколку кај општата популација. Исто така е можно - можеби и веројатно - овие бројки да се точни само за Техеран и Ком, двата града зафатени со епидемијата. Ковид-19 го има во секоја иранска провинција, но некои провинции се во порани фази од другите.

Дури и ако овие процени се многу погрешни, тие сепак откриваат дека епидемијата е целосно надвор од контрола, над капацитетот на Иран или можеби и на која било друга земја за да се справи со нив, вели Атлантик.

Дејвид Н. Фисман од Универзитетот во Торонто забележува дека вирусот наводно се проширил откако жителите на Ком и Техеран панично избегале во помалите градови, со тоа сеејќи го ковид-19 низ целата земја. На социјалните медиуми кружат информации дека некои провинции, како што е Мазандаран, поставиле блокади на патиштата за да спречат уште повеќе заразени да навалат на нивна територија.

Ситуацијата што лекарите ја опишуваат е очајна: медицинските сестри се обвиткуваат во чаршафи бидејќи веќе одамна им снемало соодветна опрема. Тие се колнат дека официјалните броеви се погрешни. „Само останете преку ноќ во болницата за да сфатите за што зборувам“, напиша еден. Или, ако ви се живее, одете дома и не излегувајте додека не помине чумата. „На нашето општество сега повеќе му треба страв отколку надеж“.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе