Судирите ги поттикнуваат надворешни сили

Интензивирање на борбите во Либија за време на пандемијата

Борбите на спротивставените страни во Либија се интензивираа во последните денови додека расте стравот од последиците на ширењето на коронавирусот во земјата во која речиси десетгодишните конфликти ја уништија медицинската инфраструктура, пишува Радио слободна Европа.

Агенциите наведуваат дека судирите ги поттикнуваат надворешни сили, но и отсуството на силна американска политика што ѝ овозможи на Русија да стане клучен играч во Либија.

Силите на побунетиот генерал Калифа Хафтар го нападнаа со ракети Триполи во вторникот наутро откако борците лојални на владата на национално единство ги избркаа од низа градови западно од престолнината, пишува Франс прес.

Владата на национално единство призната од ОН ги обвини силите на Хафтар дека му се одмаздуваат на населението на Триполи откако во понеделникот ја изгубија контролата над градовите Сорман и Сабрата, како и неколку места во внатрешноста.

Либија е во речиси децениски конфликт откако НАТО го урна диктаторот Моамер Гадафи во 2011, кој беше убиен во бунтот.ОН наведуваат дека стотици луѓе се убиени, додека над 200.000 се раселени откако Хафтар ја почна офанзивата на Триполи минатата година.

По протерувањето од градовите западно од престолнината таканаречената Либиска национална армија на Хафтар е за првпат во дефанзива откако тргна на Триполи пред една година, пишува Тајмс, оценувајќи дека Хафтар, кого го поддржува Русија, претрпел значаен пораз.

Поразот, според Тајмс, е понижувачки удар за Хафтар кој едно време даваше впечаток дека е непобедлив, откако од почетокот на своите операции пред пет години го зазеде истокот и поголемиот дел од југот на Либија.

Покрај Русија, Хафтар со години го поддржуваат Обединетите Арапски Емирати и Египет сметајќи дека им одговара на нивните напори во борбата против политичкиот ислам и Муслиманското братство низ Блискиот Исток, укажува британскиот весник, додавајќи дека групите и милициите повразни со Братството се меѓу главните поддржувачи на владата во Триполи.

Либија е соочена со голем недостиг од медицински персонал и опрема за спречување на ширење на која било болест, а особено пандемијата на ковид-19, додека оружјето продолжува да пристигнува во таа земја, укажува Вашингтон пост.

ОН, САД и други земји  побараа од спротивставените страни „хуманитарна пауза“ за да се спречи ширењето на коронавирусот, но изгледа дека двете страни решиле да го искористат меѓународниот фокус на пандемијата и се обидуваат да добијат поголема територија, оценува весникот и укажува дека по почетниот договор за „пауза“ се вратиле на борбите во рок од неколку дена.

Функционери на ОН велат дека на Либија ѝ недостигаат изолациски единици, лабораториска опрема за тестови, заштитна опрема и обучени здравствени работници.

Од ковид-19 во Либија до вчера, според официјалните податоци, умрело едно лице, додека 35 се заразени.

До минатиот месец, според ОН, 27 здравствени објекти биле оштетени во борбите, вклучувајќи и 14 затворени. Една од најголемите болници во Триполи беше затворена минатата недела по три дена гранатирање во кое беше ранет еден медицински работник. Таа болница со 400 кревети беше одредена за пациенти со коронавирусот.

Најлошата ескалација на насилствата од бунтот против Гадафи во 2011 и интервенцијата на НАТО, истакнува весникот, делумно ја разгоруваат надворешните сили, кои и покрај ембаргото на ОН продолжуваат да доставуваат огромни количества оружје и платеници на двете страни.

Русија сака поголемо влијание врз Хафтар, што Белата куќа го овозможи со ужасната граѓанска војна, истакнува Њујорк тајмс, со оценка дека Москва ги искористила нејасните потези на администрацијата на Доналд Трамп за да стане клучен играч во Либија, геополитичка награда со огромни енергетски резерви и стратегиска позиција на Средоземјето.

Минатиот април Хафтар во телефонски разговор со тогашниот советник на Белата куќа за национална безбедност Џон Болтон побара благослов за ненадејниот напад врз Трипили, тврди весникот, додавајќи дека според тврдењата на три западни дипломатски извори Болтон одговорил дека ако сака да го нападне Триполи, да го направи тоа брзо.

Нападот на Хафтар не успеа, но внесе нова нестабилност во регионот и сериозно го намали влијанието на Вашингтон, а како победник, оценува Њујорк тајмс, излезе Кремљ.

Неконсистентната позиција на Вашингтон во Либија, со официјална поддршка на мировниот процес, додека Белата куќа навести дека Трамп му е наклонет на Хафтар, одигра голема улога во продолжувањето на војната, истакнува весникот, додавајќи дека отстуството на силна американската политика ја отвори вратата за мешање на конкурентските американски партнери, вклучувајќи ги Турција, Египет и ОАЕ.

Кампањата Белата куќа да застане зад Хафтар почна веднаш откако Трамп беше избран, наведува весникот повикувајќи се на извори. За Хафтар се залагаа и престолонаследникот на ОАЕ Мохамед бин Заед и претседателот на Египет Абдел Фатах ел Сиси кого Трамп, тврдејќи дека владата во Триполи е безнадежно слаба и исполнета со исламисти и дека само Хафтар може да спречи доаѓање на исламистите на власт во Либија.

Од друга страна, Русија настапува со ладнокрвен цинизам, оценува Њујорк тајмс. Пред разговорот на Хафтар со Болтон, приватни руски оперативци во Либија ја информирале Москва дека Хафтар е фаличен лидер кој нема да успее да ја заземе престолнината, но сугерирале дека Русија може да добие влијание над генералот со испраќање платеници.

Истовремено, како што наведува американскиот весник, руската војска работела зад кулисите да го опкружи Хафтар со старите партнери од безбедносните сили на Гадафи, додека оперативците му порачале на Кремљ да биде во сојуз и со Сеиф ал Ислам Гадафи, најстариот син на поранешниот диктатор. Сеиф ал Ислам Гадафи, според западните дипломати запознаени со разузнавачки извештаи, планира враќање во земјата.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе