Индиската влада ја укина автономијата на Кашмир. Зошто е тоа важно? (ВИДЕО)

Индиската влада ја фали својата одлука со која на покраините Џаму и Кашмир им ја одзема автономијата по седум децении, опишувајќи го својот потег како поправање на „историската грешка“. Би-би-си ја анализира важноста на оваа одлука.

Што го прави регионот Кашмир контроверзен?

Кашмир е хималајски регион кој го присвојуваат Индија и Пакистан.

Некогаш беше кнежевство наречено Џаму и Кашмир пред да се приклучи на Индија во 1947 година, кога потконтинентот беше поделен под британска власт.

Индија и Пакистан војуваа за правото на регионот и двете заземаа одредени делови од неговата територија пред да биде прогласен прекин на огнот.

Последните 30 години беа обележани со насилство и напади на сепаратистите во индискиот дел на регионот.

Што се случи неодамна?

Во првите денови на август во Кашмир беше бурно.

Беа испратени десетици илјади индиски војници, на верниците им беше забранет аџилакот, училиштата и универзитетите се затворени, на туристите им беше наредено да ја напуштат земјата, телефонските и интернет услугите се привремено блокирани, а регионалните политички лидери се во домашен притвор.

Претпоставката беше дека индиската влада ќе го поништи членот на уставот 35А со кој на народот од регионот му беа дадени големи привилегии.

Меѓутоа, владата ги шокираше сите откако објави дека ќе го поништи целиот член 370, од кој членот 35А е мал дел, а ја сочинуваше основата на комплексниот однос на регионот со Индија во последните 70 години.

Колку е важен членот 370?

Членот на регионот му додели голем степен на автономија – сопствен устав, знаме и законодавство, додека надворешните работи, одбраната и комуникациите останаа во надлежност на владата во Делхи.

Како резултат на тоа, Џаму и Кашмир имаа право да воведуваат сопствени правила околу државјанството, посредувањето на приватната сопственост и основните права. Така на Индијците надвор од регион от им беше забрането правото на сопственост и доселување.

Промената на уставот дополнително го разниша ионака климавиот статус на Кашмир како единствен мнозински муслимански регион во Индија.

Зошто владата го направи тоа?

Премиерот Нарендра Моди и неговата хиндуска националистичка партија Баратија џаната долго време се противат на членот 370 и ветија негово поништување во рамки на кампањата за годинешните избори.

Тие тврдеа дека е нужно да се интегрира Кашмир и да се изедначи со правата со остатокот од Индија, а тоа и го направија брзо по изборите.

Критичарите тврдат дека владата го направи овој потег за да се одвлече вниманието од економската криза во која во моментов се наоѓа земјата.

Голем број жители на регионот веруваат дека целта е да се овозможи населување луѓе од другите делови на Индија за регионот да престане да биде мнозински муслимански дел од Индија.

Иако владата за овој потег се подготвуваше некое време, повеќето Индијци беа изненадени.

Што конкретно се промени?

Кашмир повеќе нема да има сопствен устав, туку, како и останатите региони, ќе мора да се придржува до централниот устав на Индија.

Сите индиски закони автоматски ќе почнат да се применуваат во Кашмир и луѓето од другите делови на Индија ќе можат во Кашмир да стекнат приватна сопственост.

Владата тврди дека овој потег позитивно ќе влијае на регионот во економска смисла.

„Сакам на луѓето да им кажам каква штета на регионот му нанесуваа членовите 370 и 35А. Поради нив демократијата не можеше целосно да се спроведува, имаше пораст на корупцијата и немаше економски напредок“, кажа индискиот министер за домашни прашања Амит Шах.

Државата ќе го подели регионот на две помали територии, една која ќе го опфаќа мнозински муслиманскиот Кашмир и мнозински индуистичката Џама, и втор кој ќе го опфаќа мнозински будистичкиот Ладак.

Лидерот на опозицијата Пи Чидамбарам наведениот потег го опиша како „катастрофален чекор“ кој ќе има сериозни последици.

„Можеби мислите дека сте во право, но историјата ќе покаже дека грешите и идните генерации ќе бидат свесни за вашата грешка“, кажа тој.

Дали е сето ова легално?

Според индискиот устав, членот 370 може да биде променет само со согласност на покраинската влада, а Џаму и Кашмир веќе една година немаат стабилна власт.

Во јуни минатата година Индија ја наметна сојузната власт во покраината откако владата на тогашната премиерка Мехбоба Муфти беше сведена на малцинска и со тоа беше овозможено за наметнување на законите да се бара само одобрување од гувернерот.

Владата тврди дека има право да ги воведува промените што индиските власти веќе ги воведувале во минатото.

Меѓутоа, мислењата на експертите се длабоко поделени.

Експертот за устав Субхаш Кашјап кажа дека одлуката на индиските власти е „праведна и дека во неа не може да се најдат отстапувања од законот или уставот“.

Друг експерт, АГ Нурани изјави дека станува збор за нелегална одлука која се граничи со измама и дека нејзината неуставност ќе ја потврди Врховниот суд.

Опозициските партии постапуваат внимателно кога станува збор за критиките бидејќи проблемот со Кашмир предизвикува емоции кај повеќето Индијци и противењето на одлуката може да ги чини гласови на изборите.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе