„Ова се вистинските Американци“

Илјадници луѓе парадираа со пушки во Америка (ФОТО+ВИДЕО)

Насобрани со пушки со долги цевки, па дури и со панцири и шлемови – а не се ни војници ни полицајци. Во некоја друга развиена земја тоа би било неверојатна глетка, но во Америка е речиси дел од фолклорот.

Станува збор, нормално, за сопствениците на огнено оружје и активистите што се против регулацијата на правото на поседување и носење на тоа оружје, вклучувајќи ги полуавтоматските пушки, кои се посоодветни за војна или антитерористички акции, отколку за цивилна употреба.

„Ју-ес-еј, Ју-ес-еј!“, скандираа неделава во Ричмонд, во Вирџинија, илјадниците насобрани демонстранти со полуавтоматски пушки во рацете или закачени на рамо. Во Америка се познати како бранители на Вториот амандман на американскиот устав кој го гарантира правото на носење оружје.

„Нема компромис, воопшто. Вториот амандман вели: „Правото нема да биде нарушено“. Не вели „може да ја имате оваа пушка или не може да ја имате онаа пушка““, кажа една активистка за Би-би-си.

„Ако ги немате своите права од Вториот амандман, ако тоа прво отиде, што е следното?“, праша друг демонстрант.

Протестот во неделата беше организиран со цел сопирање на неодамна изгласаните закони кои треба да ги усложнат продажбата и поседувањето на огненото оружје во оваа јужњачка сојузна држава, во која минатата година на власт дојдоа демократите предводени од гувернерот Ралф Нортам. Десничарските демонстранти, пак, дојдоа од целата земја.

„Како што гледате, ние масовно ја поддржуваме Вирџинија, она зад што граѓаните стојат, зад своите уставни права. Тука сме да ја покажеме поддршката на целата држава“, објасни еден од присутните и вооружени демонстранти, облечен во маскирно и со американско знаме на рамото, како оние на војниците.

Гувернерот Нортам прогласи вонредна состојба пред протестот и забрани носење оружје на просторот пред зградата на државниот Конгрес.

Според Вашингтон пост, во центарот на Ричмонд се собраа околу 6 илјади демонстранти кои мораа да минат низ детектори на метал, додека многу повеќе луѓе останаа надвор, каде непречено можеа да ги носат своите јуришни пушки АР-15, сачмарките и другото огнено оружје.

И покрај најавите дека на протестот ќе учествуваат белечки екстремисти и неонацисти и стравувањата дека протестот може да стане насилен и да дојде до реприза на протестот на екстремната десница во Шарлотсвил, Вирџинија во 2017, кога беше убиена левичарска контрадемонстрантка, овој настан мина мирно.

Неколку дена претходно тројца неонацисти кои наводно сакале да учествуваат на протестот беа уапсени под сомнеж дека планирале убиство на антифашистички активисти, а припаѓале на неонацистичката организација „База“, јави Асошиејтед прес.

„Овие луѓе се одговорни сопственици на оружје. Тие се вистинските, полнокрвните Американци. И не сретнав никого кој му се закануваше на кого било“, изјави за Фокс њуз демонстрант, поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите републиканци.

На крајот и гувернерот Нортам, од кого демонстрантите бараа оставка, искоментира дека протестот „покажа дека, и кога не се сложуваат луѓето, тоа можат да го направат мирно“.

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе