ГАРДИЈАН

Идната прва дама Меланија Трамп излезе од сенката (ВИДЕО)

Иако се обиде да остане во сенка за време на кампањата, Меланија не успеа да избега од центарот на вниманието. Сега таа е решена да остане таму, вели Гардијан.

Поголем дел од претседателската кампања Меланија Трамп повеќе ќе ја памтиме по тоа што не го кажа отколку по тоа што го кажа. Кога конечно прозборе на републиканската конвенција во јули, излезе дека нејзините зборови се делумно позајмени од жената што таа сега ќе ја наследи во Белата куќа, Мишел Обама.

Меланија наводно била ужасена од грешката, а во поголем дел од кампањата што следуваше, претпочиташе да остане во мермерната удобност на Трамп-кулата, наместо да јуриша низ земјата што нејзиниот сопруг сега се подготвува да ја води.

Помалку од една недела пред денот на изборите, таа се појави со говор во Бервин, Честер Каунти, Пенсилванија.

Во контекст на објавената лента од емисијата „Аксес Холивуд“ на која се слуша како Трамп се фали дека ги граба жените, како и многубројните последователни наводи за сексуална злоупотреба и напади, на предизборните анкети Трамп доби лош рејтинг кај жените.

Говорот на Меланија Трамп во Бервин беше најавен како обид да се омекне грубата слика на нејзиниот сопруг кај белите жени од предградијата. Во вторникот тој загуби во Честер Каунти. Но ја освои Пенсилванија, држава што уште од 1992 година гласа за демократите. На национално ниво повеќето бели жени гласаа за него.

 

Која е Меланија Трамп?

Меланија Трамп е родена на 26 април 1970 година во Севница, Словенија. Мајка ѝ била шивачка, а татко ѝ работник во фабрика за автомобили. Таа своето детство го опишува како идилично, опкружено со шуми и реки. Не се знаат многу детали: во септември голем број од жителите на Севница за Гардијан рекоа дека воопшто не се сеќаваат на младата Меланија.

„Во социјалистичките денови сите бевме исти“, рекла една жена, на отприлика иста возраст како Меланија Трамп.

Станала модел, а кариерата ја однела од Љубљана во Милано и Париз, а во 1996 година и во Њујорк, каде што две години подоцна го запознала Доналд. Според неа, таа прво го одбила бизнисменот, 24 години постар од неа, бидејќи дошол со друга жена, а и затоа што нешто пред тоа се разделил од својата втора сопруга, Марла Мејплс.

Трамп бил упорен. Накратко раскинале во 2000 година, во времето кога Трамп размислувал да се кандидира за претседател како кандидат на Реформската партија. На тогашното прашање каква прва дама би била, Меланија одговори: „Би била многу традиционална - како Бети Форд или Џеки Кенеди. Би го поддржала.“

Тие се венчаа во 2005 година, во неговото одморалиште Ма-а-лаго клуб во Палм Бич, Флорида, поканувајќи 450 гости, меѓу кои и Бил и Хилари Клинтон и поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, сега близок советник и сурогат на Трамп. Барон, кој има 10 години, им е единственото дете.

Во својот говор во Пенсилванија Меланија го опиша исцрпувачкиот 10-годишен процес на добивање американско државјанство како „најголема привилегија во светот“.

„Јас сум имигрант и дозволете ми да ви кажам дека никој не ја цени слободата и шансите во Америка повеќе од мене“, рече таа.

Нејзиниот сопруг ја почна својата кампања со повици на оружје против нелегалната имиграција и во неколку наврати повика на депортација на луѓето што ги прекршуваат условите на својот имиграционен статус.

Една недела пред изборите, Асошиејтед прес објави дека на Меланија Трамп ѝ биле платени вкупно 20.056 долари на 10 работни места како модел во САД, сето тоа седум недели пред да добие законска дозвола да работи во земјата. Адвокатот на Трамп категорично ги отфрли информациите.

Во септември адвокатите на Меланија го тужеа Дејли мејл барајќи 150 милиони поради објава на слични информации за нејзиното минато.

 

„Ќе кажам сè“

Како што покажуваат приказните за нејзиниот имиграциски статус, иако се обиде да остане во сенка, Меланија не успеа да избега од центарот на вниманието во една од најжестоките кампањи во историјата.

Во август, откако на интернет повторно се појавија голи фотографии од неа, нејзиниот сопруг погрешно го обвини својот противник Тед Круз за вмешаност во објавата и во знак на одмазда се закани дека ќе „каже сè“ за самата сопруга на Круз.

Меланија Трамп беше принудена и да издаде соопштение во кое вели дека го прифатила извинувањето од својот сопруг по неговите шовинистички изјави во „Аксес Холивуд“ во 2005, кои ги кажал веднаш откако се венчале.

Во интервју за Си-ен-ен Меланија Трамп ги нарече последователните обвинувања против нејзиниот сопруг „лаги“, „дел од координирана кампања тој да се оцрни“. Таа рече дека зборовите што тој ги кажува на снимката се „момчешки муабет“ и дека тој бил наведен да го каже сето тоа од водителот на „Аксес Холивуд“ Били Буш.

Анкетата на јавното мислење направена во август, по конвенцијата на републиканците, покажа дека Меланија Трамп е многу помалку популарна од Мишел Обама или од нејзиниот колега во трката во 2016 година, Бил Клинтон: 38% од Американците ја гледаат позитивно, 42% ја гледаат негативно, а 20% рекле дека или никогаш не слушнале за неа или немаат став.

Анкетата на Галуп покажа дека популарноста на Трамп се зголемила за 10 поени по ударниот говор на конвенцијата, но и дека тој ги разгорел и контроверзиите околу неговата содржина.

Имено, во својот говор во Бервин, без трошка иронија, Меланија Трамп изјави дека како прва дама, таа ќе работи на борбата против онлајн-малтретирањето и вознемирувањето. Во текот на кампањата нејзиниот сопруг го користеше Твитер за да се кара, да ги напаѓа и да ги малтретира политичките опоненти, критичарите, жените, малцинствата и секој што ќе го испровоцира.

Сепак, Меланија Трамп рече: „Нашата култура стана премногу злобна и премногу груба, особено за децата и тинејџерите. Апсолутно е неприфатливо кога тоа го прави некој безимен што се крие на интернет.“

Во октомври таа на Андерсон Купер на Си-ен-ен му рече дека не се срамела да го посоветува својот сопруг да се „откаже од твитувањето“.

Во Пенсилванија, на крај, таа рече: „Јас ќе бидам таму за да помогнам во напорите на мојот сопруг да им помогне на сите Американци, кога ќе стане претседател. Доналд Трамп ќе ја направи Америка праведна. Тој ќе ја направи Америка безбедна. Тој ќе ја направи Америка просперитетна. Тој ќе ја направи Америка горда. И да, овој човек што јас го знам толку добро, Доналд Трамп, со ваша помош и со божја милост, ќе ја направи Америка повторно голема.“

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе