„И мојот живот е важен“: Африканските бегалци гледаат со копнеж додека САД топло ги пречекуваат Украинците

Што ќе се случеше ако милионите Украинци што бегаат од таа источноевропска нација беа со поинаква нијанса на кожата?

Фото: ЕПА

Вилфред Тебах не им замерува на САД што брзо им дадоа хуманитарна заштита на Украинците што избегаа од руската разорна инвазија на нивната татковина.

Но 27-годишникот, кој побегнал од Камерун од тековниот конфликт, не може да не се запраша што ќе се случеше ако милионите што бегаат од таа источноевропска нација беа со поинаква нијанса на кожата.

Додека САД се подготвуваат да пречекаат десетици илјади Украинци што бегаат од војната, продолжуваат да депортираат голем број бегалци од Африка и Карибите назад во нестабилните и насилни татковини каде што се соочиле со силување, тортура, произволно апсење и други злоупотреби.

„Ним не им е гајле за црнецот“, вели жителот на Колумбус, Охајо, мислејќи на американските политичари. „Разликата е навистина јасна. Тие знаат што се случува таму, и решија да ги затворат очите и ушите“.

Загриженоста на Тебах е одглас на незадоволството од брзото протерување на бегалците од Хаити што летово ја преминаа границата без шанса да побараат азил, а да не зборуваме за студениот прием со кој се соочија бегалците од Африка и Блискиот Исток во Западна Европа во споредба со тоа колку ентузијастички тие нации ги прифатија раселените Украинци, вели Асошиејтед прес.

Во март, кога претседателот Џо Бајден неколку пати им посака добредојде на 100.000 украински бегалци, им додели привремен заштитен статус на уште 30.000 што веќе беа во САД и ги прекина депортациите назад во Украина, двајца демократски пратеници го искористија моментот и повикаа на сличен хуманитарен однос кон Хаиќаните.

„Ги има сите причини и тие да го добијат истото сочувство“, ѝ напишаа на владата американските претставници Ајана Пресли од Масачусетс и Мондер Џонс од Њујорк, истакнувајќи дека повеќе од 20.000 Хаиќани се депортирани и покрај континуираната нестабилност по убиството на претседателот на Хаити и силниот земјотрес летово.

Застапниците на Камерунците на сличен начин ги засилија своите повици за хуманитарна помош, протестирајќи пред резиденцијата на секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас во Вашингтон и пред канцелариите на водечките членови на Конгресот овој месец.

Нивните повици доаѓаат откако стотици илјади луѓе во Камерун беа раселени во последниве години поради граѓанската војна во земјата меѓу владата говорител на францускиот и сепаратистите говорители на англискиот јазик, нападите од терористичката група Боко Харам и други регионални конфликти.

Групата Хјуман рајтс воч, во извештајот од февруари, откри дека многу Камерунци депортирани од САД претрпеле прогон и кршење на човековите права по враќањето таму.

Тебах, кој е водечки член на Камерунскиот американски совет, застапничка група што организира протести овој месец, рече дека тоа е судбина што се надева дека ќе ја избегне.

По потекло од северозападниот дел на земјата, каде што се зборува англиски, тој рече дека бил означен како сепаратист и уапсен од владата поради неговиот активизам како студент. Тебах рече дека успеал да побегне, како и многу Камерунци, летајќи до Латинска Америка, пешачејќи по копно до границата меѓу САД и Мексико и поднесувајќи барање за азил во 2019 година.

„Ќе ме држат во затвор, ќе ме измачуваат, па дури и ќе ме убијат доколку бидам депортиран“, рече тој. „Многу сум исплашен. Како човек, и мојот живот е важен“.

Одделот за домашна безбедност, кој ги надгледува заштитниот статус и другите хуманитарни програми, одби да одговори на поплаките за расизам во американската политика за имиграција. Исто така, одби да каже дали размислува за доделување заштитен статус на Камерунците или други африкански државјани, велејќи во писмена изјава само дека „ќе продолжи да ги следи условите во различни земји“.

Меѓутоа, агенцијата забележа дека неодамна издала заштитен статус за Хаити, Сомалија, Судан и Јужен Судан - африкански или карипски нации - како и за повеќе од 75.000 Авганистанци што живеат во САД откако власта во таа централноазиска земја ја презедоа талибанците. Хаиќаните се меѓу најголемите и најдолги корисници на заштитен статус, а во моментов го имаат повеќе од 40.000.

Други земји со таков статус се Бурма, Хондурас, Непал, Никарагва, Сирија, Венецуела и Јемен, како и поголем дел од скоро 320.000 имигранти со привремен заштитен статус што потекнуваат од Ел Салвадор.

Лиза Паризио, која помогна во покренувањето на програмата Католиците против расизмот во имиграцијата, тврди дека програмата лесно може да помогне во заштитата на уште милиони бегалци што бегаат од опасност, но дека одамна е недоволно искористена и преполитизирана.

Привремениот заштитен статус, кој обезбедува работна дозвола и спречува депортација до 18 месеци, нема ограничувања за тоа на колку земји или луѓе може да им биде доделен, рече Паризио.

Барем во случајот со Украина, вели АП, Бајден изгледа мотивиран од пошироки надворешнополитички цели во Европа, наместо од расна пристрасност, сугерира Марија Кристина Гарсија, професорка по историја на Универзитетот Корнел во Итака, Њујорк, фокусирана на бегалците и имигрантите.

Но Том Вонг, основачки директор на Центарот за имиграциска политика на САД на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, вели дека расните разлики сега се највидливи.

„САД без двоумење ја проширија хуманитарната заштита на претежно белите и европските бегалци“, рече тој. „За сето тоа време, претежно обоените луѓе од Африка, Блискиот Исток и Азија продолжуваат да страдаат“.

Покрај Камерун, застапниците на имигрантите исто така тврдат дека Конго и Етиопија треба да се квалификуваат за хуманитарна помош поради нивните тековни конфликти, како и Мавританија, бидејќи таму сè уште се практикува ропство.

И тие се жалат дека украинските баратели на азил се ослободени од мерките за азил воведени да го спречат ширењето на ковид-19, додека оние од другите нации се одбивани.

„Болката на црните и црнечките страдања не го добиваат истото внимание“, вели Силви Бело, основач на Камерунскиот американски совет со седиште во Вашингтон. „Истиот антицрнечки однос што проникнува во американскиот живот, проникнува и во американската имиграциска политика“.

Вера Арнот, Украинка во Бостон што размислува да побара привремен заштитен статус, вели дека не знаела многу за статусот сѐ додека не почнала војната и не била свесна за загриженоста на обоените имигранти. Но оваа студентка на Музичкиот колеџ Беркли се надева дека олеснувачките правила може да се прошират и на другите нации што го заслужуваат тоа.

Арнот вели дека привремениот заштитен статус може да ѝ помогне да бара работа надвор од кампусот со подобра плата, за да не мора да бара пари од своето семејство, бидејќи повеќето луѓе во Украина поради војната ги загубија своите работни места.

„Украинците како народ не се навикнати да бараат помош едни од други“, рече таа. „Ние сакаме да работиме. Ние не сакаме социјална помош“.

На Тебах, кој престојува кај роднини во Охајо, привремениот заштитен статус би му олеснил да отвори банкарска сметка, да добие возачка дозвола и да бара подобро вработување додека ја чека одлуката за азил.

„Ќе продолжиме да молиме, да преколнуваме“, рече Тебах. „Ние сме во опасност. Сакам да го истакнам тоа. А само привремениот заштитен статус за Камерун ќе ни помогне да се извлечеме од таа опасност. Тоа е многу неопходно.”

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе