Легендарниот југословенски народен херој

И денес е потребен духот на Валтер што го бранеше Сараево

На 6 април 1945 година загина Владимир Периќ Валтер, легендарниот илегалец и народен херој на Југославија.

Шести април е Ден на градот Сараево - на тој ден во 1945 година градот беше ослободен, а на истиот датум во 1992 година почна опсадата. На оној првиот датум загина и Владимир Периќ Валтер, легендарниот илегалец и народен херој на Југославија.

Приказната на сараевскиот илегалец Валтер, еден од најдобрите разузнавачи на партизанското движење за време на Втората светска војна, е раскажана многу пати, но секогаш е актуелна поради силното симболично значење на сето она што Валтер и денес го претставува - симбол на борбата на доброто против злото.

Валтер беше секретар на Месниот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во Сараево и еден од организаторите на отпорот во главниот град на Босна и Херцеговина. Роден е во 1919 година во Пријепоље, а загина на 6 април 1945 година во завршните борби за ослободување на Сараево. Беше постхумно одликуван со Орден на народен херој на Југославија.

„Валтер во завршните борби за ослободување на Сараево успеа да ја спаси Електричната централа, која Германците сакаа да ја уништат... Непријателот ги запали и Фабриката за тутун, фабриката Кључ и уште некои клучни објекти, но тие најважните сепак се зачувани. Зачувана е и Електричната централа, во чија одбрана беше убиен Валтер“, рече во еден разговор за Дојче веле Надја Бисер-Тасо, која била со првата група партизани што влегле во Сараево во април 1945 година.

 

„Го гледате овој град? Тоа е Валтер“

Во меѓувреме беше снимен филмот „Валтер го брани Сараево“ во режија на Хајрудин Шиба Крвавац. Филмот беше прикажуван на Телевизија Сараево речиси на секој 6 април од 1972 година, што приказната за сараевскиот илегалец и симбол на отпорот од главниот град на Босна и Херцеговина ја пренесе низ цела поранешна Југославија, па сè до далечната Кина, каде што стана најгледан филм во историјата, а Бата Живоиновиќ, кој ја играше главната улога, општо познат лик.

Свесни дека приказната за Валтер надалеку ги надминува локалните граници, тимот на Филмскиот центар Сараево, предводен од директорот Јасмин Дураковиќ, го основа филмскиот и мултимедијален музеј „Валтер го брани Сараево“.

„Историјата на Балканот често се врти во круг и е полна со парадокси. Иако музејот 'Валтер го брани Сараево' е чиста и потребна приказна за големите моменти на кинематографијата во овој регион, тој со себе носи и сериозни историски димензии“, рече Дураковиќ за Дојче веле.

Дураковиќ појаснува и дека поради приказната за славниот член на отпорот и антифашист Валтер, Музејот ја развива културата на сеќавање, потсетува на мракот на фашизмот и на борбата против ова зло. Но и на она зло од 1992 година, кога шести април уште еднаш беше запишан во историјата на Сараево.

„За време на опсадата на Сараево, агресорите гаѓаа и објекти на културата, како поранешното Филмско студио Јагомир, а на нишан беа и филмовите, па и филмот 'Валтер го брани Сараево'. За среќа, благодарение на филмските работници што останаа во градот, беа спасени во последен момент“, вели Дураковиќ.

„Умберто Еко не толку одамна напиша дека 'идејата на фашизмот сè уште живее и единствениот начин постојано да ѝ се спротивставуваме е идејата на антифашизмот'. Освен со сè друго, и поради ова овој музеј му е потребен на Сараево и на овој дел од Европа и светот“, рече Дураковиќ.

 

Духот на Валтер не е целосно протеран

Сепак, иако многу битки за антифашизмот и неговото значење во овој град се загубени, вели новинарот на Ослобоѓење Ѓорѓе Крајишник, мора да се каже дека духот на Валтер Периќ не е целосно протеран од Сараево.

„Духот на Валтер е маргинализиран, но тој, како чувство за правда и склоност кон свет заснован на вистинските слободарски идеи, каква што е антифашизмот, живее во голем број од жителите на овој град. Поточно, без оглед колку работите изгледаат лошо, во Сараево сè уште постојат доволно алтернативни простори, групи и поединци способни да создадат паралелен субверзивен универзум спротивен на ревизионистичките атавизми“.

„Валтеровиот дух ни е потребен. Можеби можеме да се лажеме дека приказната за антифашизмот е минато и дека е нешто надминато, на што не треба да се осврнуваме, но реалноста сè појасно ни кажува дека треба да бидеме будни во овие турбулентни времиња“, заклучува Крајишник.

 

Валтер се врати во Сараево

Во спомен на еден од најпопуларните партизански филмови, денеска во Сараево е отворен Музејот „Валтер го брани Сараево“.

Филмот ја имаше својата премиера во 1972 година на Фестивалот на југословенскиот филм во Пула, каде што режисерот Крвавац доби Сребрена арена за режија. Филмот имаше голем успех кај публиката во тогашна Југославија и брзо беше продаден за кинодистрибуција во многу земји од светот.

Најголем успех доживеа во Кина, каде што стана најгледаниот филм во историјата. Се проценува дека досега филмот во Кина е гледан повеќе од 10 милијарди пати.

Затоа овој филм, продуциран во земја со богата филмска историја и големи режисери, кои ги добиваа сите најголеми светски награди - Златна палма, лавови, мечки и Оскари, денес во Босна и Херцеговина има статус на најпопуларниот филм во историјата, вели Радио Сараево.

Жанровски означен како партизански шпагети вестерн со елементи на криминалистички филм, тој своите извори ги црпи од најдобрите традиции на светскиот воен акционен филм, како и од самиот партизански филм, па ова е единствениот автентичен филмски жанр создаден во поранешна Југославија. Јасната и чиста нарација, добрите ликови и актерската поделба, концизните дијалози, ефектните акциони сцени, добро градената атмосфера на напнатост, како и одличната употреба на музиката во филмот - создадоа од овој филм чист култ и дело што може засекогаш да се гледа.

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе