Хрватите ќе се опремуваат со француски тенкови

На Хрватска за заокружување на системот на воената индустрија ѝ недостига сопствено производство на муниција од помал и поголем калибар, пишува Пословни дневник.

EPA-EFE

Некои назнаки на таков проект се појавиле кога била актуелна набавката на авионите ловци Ф-16 „барак“ од Израел, кој наводно бил спремен да влезе во таков проект.

Сега се појавил нов играч по истиот принцип. Имено, Хрватска кон крајот на минатата година избра, а оваа година потпиша и договор за купување ескадрила од 12 ловци „рафал“ од Франција во зделка која ќе ја чини околу 1,1 милијарди евра.

Иако, за разлика од понудата на Израел, а и шведската понуда за „грипени“ и американската за нови Ф-16, француската понуда и понатаму е таинствена околу тоа што сè опфаќа во темелната и пошироката економска рамка, изгледа дека француската воена индустрија на голема врата влегува во Хрватска.

Франција по САД и Русија е глобално трет по големина произведувач и извозник на вооружување и опрема. Освен што може да понуди заокружен систем на авионите „рафал“ и целосно вооружување за нив во сопствен аранжман, таа земја има адути и околу прашањето на оклопните средства и вооружувањето, како и морнарицата.

Токму во таа насока е и неодамнешната делегација на француската национална фабрика за оружје и муниција Некстер груп на Хрватска, инаку произведувач на повеќето француски оклопни возила и главниот борбен тенк „леклер“.

Иако француската делегација на крајот на февруари и почетокот на март беше во оваа земја за да ги претстави своите софистицирани проектили за хрватските хаубици ПзХ 2000 кои овозможуваат ова, најсовремено и најопасно офанзивно оружје во хрватскиот арсенал, да пука проектили со зголемен дострел на далечина од речиси 50 километри, Пословни дневник дознава дека имало и разговори за можноста Хрватска да се опреми со француски тенкови „леклер“.

Хаубиците ПзХ 2000 во системот на Хрватската војска се наоѓаат веќе пет години, а сега Хрватска планира да ги испрати во НАТО мисии во Полска и Унгарија, па е нужна нивна максимална оперативност со најнови далекусежни проектили.

Компанијата Некстер во производниот асортиман освен артилериските проектили произведува различни борбени системи кои се дел од вооружувањето на авионите „рафал“, бројни борбени возила и хеликоптери, и поморско оружје на воените бродови на многу земји во ЕУ, а тенкот „леклер“ ја претставува круната на производниот потенцијал на Некстер.

Иако конкретни официјални детали на плановите на Некстер за Хрватска поради објективни причини не може да се добијат, Пословни дневник дознава дека тие се многу амбициозни и дека би можеле да имаат голем опсег и стратегиско значење.

Освен што е извесно дека Некстер ќе испорача проектили за ПзХ 2000, исто така ќе ги опремува со муниција и ракети и хрватските „рафали“. Во вториот чекор не се исклучуваат и посериозни проекти за инвестиции како отворање заеднички производни капацитети за производство на муниција во Хрватска, а се спомнува и проектот на тенкот „леклер“ во Хрватска.

Во моментов хрватските оклопни сили имаат 75, барем според пописот, застарени тенкови М-84 и јасно е дека е потребно, особено во светло на конфронтацијата на Русија и НАТО, да се размислува за модернизација на тој сегмент.

Пред 10-тина години хрватската војска беше опремена со 126 квалитетни борбени возила за пешадијата „патрија“, а нивното вооружување е веќе подолго од деценија рак рана на хрватската воена оперативност. Неодамна беше донесена одлука за прифаќање на американска донација од 80-тина борбени возила бредли М2.

Тука е и одреден број постари оклопни возила од времето на Југославија со сомнителна оперативност. Останува проблемот со тенковите, а на Хрватска ѝ се потребни стотина.

На европскиот пазар големите земји по правило имаат сопствени тенкови, или пак наследени од Русија, а помалите главно го купуваат германскиот леопард 2. Полска неодамна нарача 250 американски тенкови абрамс, со 250 лепоради 2 кои веќе ги има или чека да бидат испорачани.

Земјите од ЕУ, пред сè Франција и Германија, почнаа развој на заеднички концепт на тенк на иднината МГЦС. За проектот, сега за сега само како набљудувачи, заинтересирани се и Италија, Шпанија, Британија и Холандија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе