Христијаните во Ирак десеткувани од насилство и страв

Некои избегале по американската инвазија, некои за време на секташкото крвопролевање, а некои по џихадистичките напади. Насилството кое ги одбележа изминатите две децении во Ирак ја десеткуваше ирачката христијанска заедница која таму живее два милениуми.

EPA-EFE

Населувајќи се првично покрај реката Ниниве, а потоа во Багадад, повеќе од милион христијани во современо време се протерани со воени конфликти кои се редат еден по друг.

„До својата 24 година веќе доживеав и преживеав три војни“, вели Сали Фавзи, ирачка калдејска христијанка, која ја напуштила својата земја пред повеќе од десет години и сега живее во Тексас.

Некои членови на историската ирачка христијанска заедница избегале во блискиот автономен курдски регион, други во соседен Јордан чекале дозвола за емиграција во земји како далечната Австралија.

Многумина одамна изгубиле надеж за својата татковина, но посетата на папата Франциско која почнува утре, првата посета на некој папа во Ирак, ја сметаат за важна прилика тој да го крене својот глас за да привлече меѓународна поддршка за Ирачаните од неговата вера.

Иранската христијанска заедница е една од најстарите и најразновидните во светот и ги опфаќа калдејската, ерменската православна, протестантската и други гранки на христијанството.

До 2003 година, кога беше урнат тогашниот диктатор Садам Хусеин, во земјата од 25 милиони жители имаше 1,5 милиони христијани или околу шест отсто од популацијата.

Но како растеше ирачкото население, процентот на малцинството се намали.

Денес во мнозински муслиманската земја од 40 милиони жители останаа само околу 400.000 христијани, кажа Вилијам Варда, коосновач на невладината организација Хамураби хјуман рајтс организејшн.

Меѓу оние кои заминале, речиси половина милион отишле во Соединетите Американски Држави. Другите се населиле по Канада, Австралија, Норвешка и други делови на Европа.

Првиот бран

40-годишната Рана Саид се обидела на секој начин да остане во земјата.

Нејзините вујко и вујна загинале во 2007 кога американски војници на слепо пукале по улиците на Мосул по нападите во главниот град на северната покраина Ниниве.

Но таа останала во градот со сопругот Амар ал Кас, 41-годишен ветеран.

Следната година, кога Ирак го зафати секташкото крвопролевање, низата убиства, вклучувајќи ги христијаните, го присилиле семејството Кас да се пресели во ирачки Курдистан каде било релативно безбедно.

Но до 2013 регионот стануваше сè понебезбеден.

Брачната двојка на крајот го напуштила родниот Ирак каде живееле со генерации и се преселиле во Австралија каде се вработиле и пораснале три ќерки.

Девојчињата никогаш не биле во Ирак, иако дома зборуваат арапски и модерен дијалект на асирискиот.

Една година откако се преселиле, џихадистите на ИСИС го опустошиле нивниот град. Семејството тоа го гледало од другиот крај на светот.

„Не ни беше лесно да го гледаме падот на Мосул“, се сеќава Амар, особено уништувањето на црквата на Богородица стара 1200 години.

„Таму се венча мојот татко. Срамнета е со земја“, вели тој.

„Знаев да имам кошмари за тоа дека Исламска држава доаѓа, убива и го силува моето семејство. Тој страшен сон се повторуваше“, вели Рана, зборувајќи за џихадистите кои правеа сексуални робинки од жените од верските малцинства.

Од крвопролевање до банкрот

Додека младите семејства бегаат од Ирак, често зад себе ги оставаат постарите роднини, вели Варда од организацијата за човекови права Хамураби.

„Христијанското семејство имаше обично пет члена. Сега има три“, вели тој.

Во Багдад некогаш просперитетната заедница од 750.000 христијани се намалила за 90 отсто.

Меѓу нив е Џунан ал Фарид, свештеник кој останал во Багдад дури и откако братот му емигрирал во Канада а сестрата во САД.

Бидејќи има помалку верници „30 отсто од ирачките цркви се затворени“, вели тој.

По речиси две децении крвопролевање и бомбашки напади, Ирак влезе во период на релативно затишје по поразот на Исламска држава на крајот на 2017.

Но тоа не го сопре бегањето на малцинствата.

„Луѓето продолжуваат да заминуваат. Христијаните само се трудат да заштедат доволно пари и да емигрираат што побрзо“, вели тој.

Уништената економија е главниот придвижувач на емиграцијата, велат христијаните низ земјата.

Пандемијата предизвика светска рецесија, а Ирак се соочи со дополнителниот предизвик на падот на цените на нафтата, што ги намали приходите на државата.

Тоа доведе до доцнење и намалување на платите во јавниот сектор во Ирак и во автономниот Курдистан, каде живеат многу христијани.

„Плата добивам едвај секој втор месец и понекогаш не цела“, вели Хавал Емануел, калдејски државен службеник со потекло од северен Ирак. „Штом добијам плата, морам да ги платам долговите од претходните недели и ништо не ми останува“.

Ангели и демони

Емануел пораснал во јужниот град Басра, се оженил и живеел во Багдад до 2004, кога бомба експлодирала пред училиштето на неговите деца.

Сега возрасна, неговата единствена ќерка емигрирала во Норвешка со сопругот, а неговите брат и сестра се преселиле со семејствата во Либан.

Емануел, неговата жена и трите сина живеат тешко во Ербил и чекаат одговор на барањата за емиграција.

„Се задушуваме: нема социјална помош, нема здравствена заштита, нема јавни школи, нема работа“, вели тој во својот скромен дом кај зградата на Калдејската надбискупија.

Му пречат недостигот од јавни услуги во со нафта богатата Басра, купиштата ѓубре на историската улица Рашид во Багдад и плакатите на иранскиот врховен лидер Хомеини на улиците и продавниците на југот на Ирак.

„Тоа би требало да биде јавен простор, а се чувствувам како местото да не ми е тука“, вели Емануел.

„Кога би отвориле сè, ви гарантирам дека до утре тука веќе не би имало ниту еден христијанин. Во странство конечно ќе чувствуваме дека нè почитуваат како луѓе“.

А папата не може многу од тоа да смени.

„Папата е како ангел кој се спушта во Ирак, но колку тука ќе начека демони? Човек на мирот во посета на група воени лидери – како тој би можел да ги смени?“, прашува.

Емануел, чија ќерка ќе пее во хорот кој ќе го пречека папата кога ќе стигне во Ербил, со горчина вели:

„Го чекаме папата. Но не очекуваме премногу од неговата посета“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе