Хонг Конг – последната шанса за кинеска демократија (ВИДЕО)

Хонг Конг во неделата го имаше најголемиот протест во последните неколку децении. Според процените, околу милион луѓе излегоа на улиците на автономниот град-држава со седум и пол милиони жители, противејќи се на новиот закон за екстрадиција во Кина.

По неделниот, главно мирен протест, во понеделникот следеше многу помал протест, при кој дојде до судири со полицијата пред зградата на парламентот.

Главното прашање кое сега се поставува е како владата на Хонг Конг ќе одговори на барањето на демонстрантите, кога веќе јасно даде до знаење дека нема да ја повлече својата одлука. Протестите покажаа дека демократијата на Хонг Конг е во добри раце, изјави премиерката Кери Лам. „Правата и слободите на поединците, новинарите и другите се целосно заштитени“.

Лам ја отфрли загриженоста на повеќе од милион демонстранти дека екстрадицијата во Кина ќе го наруши владеењето на правото. „Овој закон не го иницираше Централната народна влада (во Пекинг). Јас не добив никакви инструкции од Пекинг“, инсистира Лам.

Протестите, како што пишува Слејт, се ДНК-то на овој милионски град-држава. Помалите протести се редовна појава, а големите се организираат на неколку години, главно за одбрана на тешко изборената политичка независност од Пекинг.

И додека критичарите тврдат дека законот ќе го изложи секој жител на Хонг Конг на репресијата на кинеските власти, или од политички причини или поради бизнис престапи, властите во Хонг Конг го бранат законот, тврдејќи дека со него ќе се затворат дупките во досегашниот закон и ќе се овозможи за секој случај на екстрадиција да се одлучува посебно. Тоа се однесува на државите со кои Хонг Конг нема договор за меѓусебна екстрадиција, а една од тие држави е токму Кина.

Властите инсистираа дека нема да се екстрадираат обвинетите на кои им се заканува мачење или смртна казна, ниту оние кои се обвинети за престапи кои не се нелегални во Хонг Конг.

Организаторите на протестите, меѓутоа, предупредуваат дека екстрадицијата на граѓаните на Хонг Конг на Кина би ги стишило критичарите на кинескиот режим во моментално најслободниот кинески град, поранешната британска колонија, а сега специјален административен регион на Кина со голема автономија и поинаков политички и економски систем, според таканаречениот принцип „една земја, два системи“.

Иако Хонг Конг не е технички независен, ни властите во Хонг Конг ни во Пекинг не го сметаат за дел од Кина, а жителите на Хонг Конг целосно се идентификуваат како Хонгконжани, а не како Кинези. Благодарение на економската и политичка слобода, Хонг Конг стана глобален финансиски центар.

Но, од 1997 година, кога Британија ѝ го врати формалниот суверенитет над Хонг Конг на Кина, притисокот сѐ повеќе расте. Неговиот специјален административен статус, според претходниот договор, завршува во 2047, но изгледа дека Пекинг сака да ја преземе контролата врз Хонг Конг и пред тоа.

Масовните протести, пак, покажуваат дека жителите на Хонг Конг не мислат да се помират со тоа. Во 2014 година движењето Окјупај централ, наречен по протестите против нееднаквоста во САД, го окупираше финансискиот центар на градот протестирајќи против нов изборен закон со кој кинеската изборна комисија би ги проверувала кандидатите за премиерската функција во Хонг Конг.

„Нема праведно судење, нема гаранции за хумана казна во Кина“, истакнува една од организаторките на протестите Клаудија Мо. Историјата исто така покажува дека активистите од Хонг Конг имаат причина за загриженост. Пет трговци со книги кои продавале книги со критики кон кинескиот режим исчезнаа во Хонг Конг во 2015 и потоа се појавија во Кина каде, според мислењето на многумина, признаа нелегално дистрибуирање книги забранети во Кина.

Кинеската влада дополнително ги засилува стравувањата со цензура на известувањето или коментирањето на протестите во Хонг Конг на социјалните мрежи. Во исто време, некои кинески државни медиуми сугерираа дека САД на некој начин се вмешани во протестите, а сѐ поради трговската војна меѓу Кина и САД.

На предложениот закон му се противат „радикални сили“, активистите се во „заговор со Западот“ и во изминатите неколку месеци биле во САД, Британија, Германија и во Канада по инструкции, а не е случајно и тоа што претседателката на американскиот Конгрес Ненси Пелоси и државниот секретар Мајк Помпео го критикувале законот, пишува кинескиот весник Глобал тајмс. Хонг Конг, според Глобал тајмс, станал „засолниште за криминалци“.

Порталот на англиски јазик Чајна дејли исто така застана во одбрана на „разумниот закон кој ќе го зајакне владеењето на правото во Хонг Конг“ и обвинија дека „некои странски сили ја искористиле шансата да ја унапредат својата стратегија на нанесување штета на Кина со создавањето немири во Хонг Конг“.

Кинескиот режим, според Слејт, често ја оправдува својата авторитарност тврдејќи дека демократијата и граѓанските слободи се западни вредности кои не се соодветни на кинеската култура. Но Хонг Конг, како и независен Тајван, се жив доказ дека тоа не е вистина. Интересно е тоа што младата генерација на Хонгконжани уште повеќе му се противи на Пекинг од своите родители. Прашањето е колку долго ќе може овој град-држава да ѝ се спротивставува на суперсилата чиј дел всушност е.

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе