Хаотична политичка ситуација проследена со насилни протести

Хаос во Боливија по оставката на Моралес (ВИДЕО)

Ево Моралес политичката кариера ја почна во Чапаре, рурален регион во кој се одгледува кока во централна Боливија. Тој во 2006 година стана првиот боливиски претседател од домородечко потекло и три пати победи на изборите, главно благодарение на неговите напори да ја намали сиромаштијата. Меѓутоа, тој во неделата се врати во Чапаре за да објави дека поднесува оставка и јасно даде до знаење дека не го прави тоа своеволно. Навести дека мрачни сили се обидуваат да ја уништат боливиската демократија, и кажа дека е жртва на државен удар.

По неговата оставка настана хаотична политичка од која не се наѕира излезот. Боливија три недела ја тресат насилни протести кои избија по изборите на 20 октомври и доказите дека биле наместени. На тие избори Моралес избегна во вториот круг да се соочи со Карлос Меса, својот најголем ривал, благодарение на предноста од само 35.000 гласови од вкупно 5,9 милиони.

Наместо да им стави крај на протестите, вжештената реторика со која Моралес објави дека поднесува оставка само го влоши насилството.

Грабежи, судири и блокади на патиштата ја парализираа вчера Боливија, а со заминувањето на Моралес настана вакуум во водењето на земјата.

Во текот на ноќта, банди пустошеа по престолнината и во другите, нападнати беа фирми, а поддржуваните на спротивставените политички фракции се судираа. Училиштата и продавниците вчера беа главно затворени, додека јавниот превоз беше сопрен а патиштата блокирани.

„Се плашам што ќе се случи, сѐ е во хаос. Избиваат судири меѓу соседи“, вели Патрисија Паредес, 24-годишна секретарка во Ла Паз.

Во општиот хаос, угледниот опозиционер и академик Валдо Абарасин објави на Твитер дека неговата куќа била запалена од поддржувачите на Моралес.

На социјалните мрежи вчера беше објавена и снимка на која се прикажани луѓе во куќата на Моралес чија внатрешност е исшарана со графити.

„Се обидуваат да создадат хаос“, вели Едгар Торес, 40-годишен администратор во Ла Паз истакнувајќи дека и политичарите и криминалците ја користат ситуацијата.

Организацијата на американски држави, која ги отфрли изборните манипулации, испрати повик до боливиските пратеници итно да се сретнат за да ја решат кризата.

Моралес, последниот од бранот левичарски лидери кои дојдоа на власт во Јужна Америка пред две децении, во неделата, откако војската му го сврте грбот, објави дека поднесува оставка за да стави крај на насилствата. Меѓутоа, тој повеќе пати ги повтори обвинувањата дека е жртва на политички заговор на политичките непријатели вклучувајќи ги Карлос Меса и лидерот на протестите Луис Фернандо Камачо.

„Светот и нашите боливиски сонародници го осудуваат пучот“, објави Моралес на Твитер. „Ме трогнаа до солзи. Никогаш не ме напуштија. Ни јас нема да ги напуштам нив“.

Со Моралес заминаа и неговиот заменик и многу сојузници во владата поради што настана вакуум, а опозициската политичарка и втора потпретседателка на Сенатот Жанин Ањез дојде во престолнината и кажа дека е спремна привремено да ја преземе контролата до новите избори.

На конференција за новинарите, Меса побара од полицијата и мобилизираните граѓански групи да го гарантираат пристигнувањето на пратениците од сите политички партии за да ја официјализираат оставката на Моралес и да организираат нови избори.

„Врз пратениците почива демократијата и стабилноста на нашата земја“, кажа тој.

Боливија за време на владеењето на Моралес имаше една од најголемите стапки на економски раст во регионот, а стапката на сиромаштија беше преполовена, но неговата решителност да остане на власт и да дојде до четврти мандат оддалечи многу сојузници, дури и оние во староседелските заедници.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе