Хамас: милитантната исламистичка група што му пркоси на Израел додека Палестинците гинат

Хамас и Израел повторно се во оружен судир што се заканува да прерасне во војна, четврта откако организацијата ја презеде власта во палестинскиот појас Газа, а Израел ја прекина окупацијата - но не и блокадата - на тоа парче земја по должината на Средоземно Море, на кое, на 365 квадратни километри, живеат околу два милиони Палестинци.

Фото: ЕПА

Но што е всушност Хамас? Тие самите се декларираат како исламско движење на отпорот (Хамас е токму кратенка од тоа име), при што под отпор, секако, се подразбира отпорот кон израелската окупација на палестинската територија што трае од 1967 година до денес. Како и многу други милитантни организации, Хамас е истовремено и партија - која дури и владее со Газа од 2007 година - како и паравоена или терористичка група.

Додека Израел, САД, Европската Унија и Јапонија го прогласија Хамас како целина за терористичка организација, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и Парагвај како терористичка организација го означија само неговото воено крило. Генералното собрание на Обединетите нации во резолуцијата предложена од САД во 2018 година имаше можност да го прогласи Хамас и за терористичка група, но предлогот беше одбиен при гласањето.

Во секој случај, оваа милитантна палестинска исламистичка група се појави во 1987 година по почетокот на првата палестинска интифада, или востание против израелската окупација на Западниот брег и појасот Газа, како ривал на секуларно настроената палестинска ослободителна организација (ПЛО), односно нејзината водечка фракција Фатах, која ја предводеше Јасер Арафат.

Хамас во својата оригинална повелба веднаш јасно ја истакна својата крајна цел - уништување на Израел како држава на која ѝ го негира правото да постои и во целина ја смета за окупаторски „ционистички ентитет“. Хамас првично имаше двојна цел да спроведе оружена борба против Израел - предводена од неговото воено крило, бригадите Изединал-Касам - и да обезбеди програми за социјална помош.

Но од 2005 година, кога Израел ги повлече своите трупи и доселеници од Газа, Хамас се вклучи и во палестинскиот политички процес. Тој победи на парламентарните избори во 2006 година, пред следната година да ја зајакне својата моќ во Газа со соборување на ривалското движење Фатах на претседателот Махмуд Абас.

Оттогаш, милитантите во Газа водеа три војни и неколку помали оружени конфликти со Израел, кој заедно со Египет одржуваше блокада на обете страни на Газа за да го изолира Хамас и да изврши притисок врз него да ги запре нападите, пишува Би-би-си. Во тие судири беа убиени илјадници Палестинци и, благодарение на израелската воена супериорност и досегашната релативна слабост на арсеналот на Хамас, многу помалку Израелци.

Самоубиствени напади

По првата интифада, Хамас се истакна како главна палестинска група што се противи на мировниот договор од Осло, потпишан во 1992 година меѓу Израел и ПЛО, телото претставник на мнозинството Палестинци. И покрај многубројните израелски операции против него и обидите за сузбивање од страна на Палестинската самоуправа (главното автономно управно тело на Палестинците), Хамас брзо утврди дека има своевидна крвава моќ на вето врз мировниот процес со вршење самоубиствени терористички напади.

Во февруари и март 1996 година, Хамас изврши неколку самоубиствени бомбашки напади, убивајќи скоро 60 Израелци, како одмазда за атентатот врз неговиот производител на бомби, Јахја Ајаш, во декември 1995 година. Се верува дека токму овие бомбашки напади ги одвратија Израелците од мировниот процес и помогнаа да дојде на власт Бенјамин Нетанјаху - решителен противник на Договорот од Осло. Нетанјаху сѐ уште е премиер на Израел, иако во моментов дури ни по четири круга избори не успева да формира мнозинство.

А откако амбициозниот палестинско-израелски самит инициран од американскиот претседател Бил Клинтон во Камп Дејвид во 2000 година заврши без договор и по втората интифада што следеше кратко потоа, Хамас добиваше сѐ поголема моќ и влијание меѓу Палестинците. Израел во тоа време ѝ се нафрли на Палестинската управа, која ја обвинуваше за спонзорирање на смртоносните напади за време на втората интифада, која траеше од 2000 до 2008 година.

Хамас организираше клиники и училишта и така ги освои симпатиите на Палестинците, кои се чувствуваа изневерени од корумпираната и неспособна палестинска власт во која доминираше фракцијата Фатах.

Многу Палестинци отворено им се радуваа на бранот самоубиствени напади на Хамас во раните години на втората интифада. Самоубиствените операции на „мачеништво“ тие ги гледаа како одмазда за сопствените загуби и израелската изградба на населба на Западниот брег, територија што ќе ѝ биде доделена на идната палестинска држава, според резолуциите на ООН.

Израел се обиде да го обезглави Хамас со ракетен напад во март и април 2004 година, во кој беа убиени духовниот водач на Хамас, шеикот Ахмед Јасин, и неговиот наследник, Абдул Азиз ал-Рантиси.

Со смртта на лидерот Арафат во ноември 2004 година, на чело на Палестинската самоуправа дојде Махмуд Абас, кој се противеше на бомбашките и ракетните напади на Хамас врз Израелците.

А потоа во 2006 година Хамас победи на првите и последни палестински парламентарни избори. Следуваше горчлива борба за моќ со Фатах. Хамас упорно одбиваше да ги потпише претходните палестински договори со Израел, да го признае легитимитетот на државата Израел и да се откаже од насилството.

Повелбата од 1988

Повелбата на Хамас ја дефинира историската Палестина - вклучително и денешен Израел - како исламска земја и ја исклучува можноста за каков било траен мир со еврејската држава. Документот, исто така, постојано ги напаѓа Евреите како народ, потврдувајќи ги обвинувањата за Хамас како антисемитско движење.

Сепак, Хамас во 2017 година издаде нова повелба, во која дел од неговите екстремни ставови беше омекнат и се користеше поумерена реторика.

Повторно не се признаваше Израел, но формално беше прифатено создавање привремена палестинска држава во Газа, Западниот брег и Источен Ерусалим - познато како линија на разграничување пред Шестдневната војна во 1967 година, по што Израел ги окупираше палестинските територии дотогаш контролирани од Јордан и Египет.

Во документот исто така се нагласува дека борбата на Хамас не е борба против Евреите, туку против „окупаторскиот ционистички агресор“. Израел ја отфрли новата повелба, тврдејќи дека групата „се обидува да го измами светот“.

Санкции

Како резултат на тоа, новата влада под раководство на Хамас беше подложена на остри економски и дипломатски санкции од Израел и неговите сојузници на Западот.

Откако Хамас во 2007 година ги избрка од Газа силите лојални на Фатах, Израел ја засили блокадата на територијата, а палестинското ракетирање и израелските воздушни напади продолжија.

Израел го смета Хамас за одговорен за сите напади што произлегуваат од појасот Газа и изврши три големи воени офанзиви во Газа на кои им претходеше прекугранична размена на оган.

Фото: ЕПА

Во декември 2008 година, израелската војска ја почна операцијата „Леано олово“ за да ги запре ракетните напади. Повеќе од 1.300 Палестинци и 13 Израелци беа убиени за време на 22-дневниот конфликт.

Од истата причина, во ноември 2012 година Израел ја почна операцијата „Столб на одбраната“, која почна со воздушен напад во кој беше убиен Ахмед Џабари, командантот на бригадите Касам. Околу 170 Палестинци - претежно цивили - и шест Израелци беа убиени во осумдневните борби.

Од обата судири Хамас излезе воено оштетен, но со обновена поддршка од Палестинците бидејќи се соочил со Израел и преживеал.

Во средината на јуни 2014 повторно зачестија ракетните напади од Газа, кога Израел уапси голем број членови на Хамас низ целиот Западен брег додека трагаше по тројца убиени израелски тинејџери. Во почетокот на јули, Хамас отворено ја презеде одговорноста за испукувањето ракети врз Израел, првпат по две години. Следниот ден, израелската војска почна голема офанзива наречена Операција Нескршлива карпа за да ги уништи ракетите и прекуграничните подземни тунели што ги користеа милитантите.

Најмалку 2.251 Палестинец, меѓу кои и 1.462 цивили, беа убиени за време на 50-дневната војна. Од израелска страна беа убиени 67 војници и шест цивили.

Од 2014 имаше редовни избувнувања на насилство што завршуваа со примирја постигнати со посредство на Египет, Катар и ООН и не прераснаа во вистинска војна.

И покрај притисокот од блокадата, Хамас се одржа на власт во Газа и продолжи да го подобрува својот арсенал ракети. Обидите за помирување со Фатах исто така не успеаја.

Во меѓувреме, хуманитарната состојба на двата милиони Палестинци во Газа се влоши. Економијата на појасот пропадна, а има и недостиг од вода, струја и лекови.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе