Хакерите од Кремљ: сите руски сајбер-напади

Почнувајќи од 2007 година, Русите прво ги нападнаа поранешните советски држави како Естонија, Грузија и Украина, а потоа се свртеа кон западните нации како САД и Германија.

Британските, американските и канадските безбедносни агенции рекоа дека руски хакери ги таргетираат организациите што се обидуваат да развијат вакцина против коронавирусот. Тие, како што е наведено, ги користат софтверските недостатоци за да пристапат до ранливите компјутерски системи, наводно користејќи малициозен софтвер за вчитување и преземање датотеки од заразените машини.

Официјален Кремљ многу брзо и остро го негираше тоа.

Ен-би-си њуз од американски разузнавачки извори објави целосен преглед на сајбер-нападите во кои тие мислат дека била вмешана Русија.

Стратегија и пропаганда

Така, досега руската влада организираше повеќе десетици значајни сајбер-напади врз странски земји, понекогаш за да му наштети на одреден политички кандидат, а честопати и за да предизвика хаос, но секогаш за да се проектира руската моќ на светската сцена.

Почнувајќи од 2007 година, Русите прво ги нападнаа поранешните советски држави како Естонија, Грузија и Украина, а потоа се свртеа кон западните нации како САД и Германија.

Американски разузнавачи и сајбер-експерти велат дека стратегијата со која хакерските напади се спојуваат со онлајн-пропагандата ја покрена руската разузнавачка служба пред повеќе од една деценија и дека од тогаш таа е само усовршена и проширена, се разбира, со благослов на Путин.

Хронологија на руските сајбер-напади

Прегледот на досегашните хакерски упади во режија на руската влада досега покажува дека Москва била вмешана во неколку важни политички настани низ целиот свет.

Април-мај 2007 година: Естонија, мала балтичка држава што до 1991 година беше дел од Советскиот Сојуз, ја налути Москва со тоа што планираше да го премести рускиот меморијал од Втората светска војна и гробовите на руските војници. Русија се одмазди со привремено онеспособување на интернетот низ целата земја, што беше голем удар за најефикасната светска економија, која е целосно зависна од интернетот. Нападот со ускратување на оваа услуга се фокусираше на владините канцеларии и финансиските институции, нарушувајќи ја комуникацијата меѓу нив.

Јуни 2008 година: Во сличен напад Русија казни уште еден поранешен посед на Балтикот. Кога литванската влада забрани да се прикажуваат советските симболи, руските хакери ги преплавија владините веб-страници со срп и чекан и слики од советските знамиња.

Август 2008 година: Откако беше воспоставена прозападната влада на Грузија, руските копнени, водени и воздушни единици ја нападнаа земјата, додека руските хакери го нападнаа грузискиот интернет, што беше првпат Русија да ги координира воените и сајбер-акциите. Сите форми на внатрешни комуникации во Грузија беа прекинати и исклучени.

Јануари 2009 година: Како дел од напорите да се убеди претседателот на Киргистан да премести американска воена база, руските хакери успешно угасија две од четирите интернет-провајдери со ефикасен хакерски напад. Киргистан ја премести американската воена база, а набргу потоа од Кремљ доби грантови и заеми од две милијарди долари.

Април 2009 година: Откако еден медиум во Казахстан објави изјава на тамошниот претседател во која ја критикува Русија, со напад врз интернет-мрежата што им се припишува на руски елементи целосно беше угасен овој медиум.

Август 2009 година: Руски хакери ги нападнаа Твитер и Фејсбук во Грузија за да ја одбележат првата годишнина од руската инвазија.

Март 2014 година: По втор пат, руската влада изврши координирана воена и сајбер-акција. Хакерскиот напад, 32 пати поголем од најголемиот напад користен за време на руската инвазија на Грузија, го наруши интернетот во Украина, додека вооружените проруски бунтовници ја презедоа контролата врз Крим.

Мај 2014 година: Три дена пред претседателските избори во Украина, хакерска група со седиште во Русија за време на еден ноќен напад ја урна веб-страницата на изборната комисија на таа земја. Беше дури соборен и резервниот систем со податоци, но украинските компјутерски експерти успеаја да ја санираат оваа штета пред денот на изборите. Украинската полиција соопшти дека уапсила хакери што се обиделе да ги фалсификуваат резултатите. Целта на нападот беше создавање хаос и наштетување на националниот кандидат, со цел да му се помогне на прорускиот кандидат.

Април 2015 година: Си-ен-ен објави дека руски хакери претходните месеци продреле во чувствителните делови на компјутерите во Белата куќа. Беше кажано дека ФБИ и другите американски разузнавачки агенции ги вброиле овие напади меѓу најсофистицираните некогаш покренати против владините системи на САД.

Мај 2015 година: Германските иследници открија дека руски хакери провалиле во софтверот на германскиот Бундестаг, што беше најзначајниот сајбер-напад во германската историја. Германската домашна разузнавачка служба подоцна објави дека Русија стои зад овој напад и дека барале информации не само за работата на Бундестагот, туку и за односот на германските лидери со НАТО. Експертите за безбедност рекоа дека хакерите се обидувале да навлезат во компјутерите на партијата ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.

Јуни 2015 година: Парискиот медиумски сервис ТВ5Мондe беше нападнат од хакери што користеа злонамерен софтвер за напад, исфрлајќи ги сите негови дванаесет канали од етерот. Одговорноста за нападот првично ја презеде група што себеси се нарекуваше „Сајбер калифат“, но подлабоката истрага на француските власти откри дека нападот врз мрежата имал врски со АПТ28, хакерска група поврзана со руската служба ГРУ.

Јуни 2015-ноември 2016 година: Во Соединетите Држави руските хакери продреа во компјутерите на Демократската партија и добија пристап до личните мејлови на демократските претставници, кои Викиликс подоцна ги дистрибуираше до светските медиуми. И ЦИА и ФБИ сега веруваат дека овие руски напади биле со цел да ги поткопаат изборите, да ѝ направат штета на Хилари Клинтон и да му помогнат на Доналд Трамп да победи.

Октомври 2015 година: Експертите за безбедност веруваат дека руската влада се обидела да ги нападне компјутерите на холандската влада, со цел да го извлече извештајот за падот на авионот МХ17 над Украина. Холандскиот комитет за безбедност ја водеше истрагата за малезиската авиокомпанија, заклучувајќи дека патничкиот авион бил соборен од ракета од руско производство, испукана од областа каде што беа проруските бунтовници.

Декември 2015 година: Хакери за кои се верува дека се Руси го презедоа контролниот центар на украинската електрана, оставајќи 235.000 домови без електрична енергија.

Јануари 2016 година: Една финска безбедносна компанија објави дека верува оти руски хакери стојат зад нападот врз финското Министерство за надворешни работи пред неколку години.

Декември 2016 година: Претходно истиот месец шефот на германската разузнавачка служба Ханс-Георг Масен предупреди дека има сè повеќе докази за обиди да се влијае на федералните избори, мислејќи на изборите што беа во план во септември 2017 година. Масен конкретно ја наведе Русија како извор на нападот, додавајќи дека се очекува зголемување на сајбер-нападите во пресрет на изборите. Експертите веруваат дека Русите се обиделе да ѝ наштетат на канцеларката Меркел, која ги поддржа санкциите против личните соработници на Путин, откако Русија го анектираше Крим.

Мај 2017 година: Во пресрет на француските претседателски избори, повеќе од 20.000 мејлови што ѝ припаѓаа на кампањата на Емануел Макрон беа објавени на анонимна веб-страница за споделување датотеки, набргу откако претставниците на кампањата објавија дека биле хакирани. Анализата на американската компанија за сајбер-безбедност утврди дека зад ова хакирање стои групата АПТ28.

Јуни 2017: Гардијан извести дека заговорникот за брегзитот Најџел Фараж разузнавачки бил интересна фигура во ФБИ, поради руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година. Во октомври следната година членовите на парламентарната Комисија за култура, медиуми и спорт побараа Фејсбук, Твитер и Гугл да ги објават сите огласи и деталите за плаќањата на Русија во кампањата за брегзитот.

Мај 2018 година: Американскиот тим за одговори на компјутерска содржина во кризни ситуации издаде предупредување дека руската влада спровела повеќечасовна кампања на компјутерски упади во мрежите на мали трговски објекти каде што инсталирале малициозен софтвер, вршеле лажно претставување и добивале далечински пристап до енергетскиот сектор. Хакерите нападнале најмалку десетина американски централи, заедно со објекти за преработка на вода, воздушните сили и владата.

Јануари 2019 година: Во почетокот на 2019 година во Полска беше откриена тригодишна проруска кампања за дезинформации на Фејсбук со околу 4,5 милиони следбеници. Кампањата објавуваше лажни вести и поддржуваше тројца полски проруски политичари и нивните веб-страници.

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе