Си-ен-ен

ГРУ – големиот Путинов чекан за убивање и хакирање

Приказната за случајот со труењето на руско-британскиот шпион и неговата ќерка изгледа како од шпионските трилери. Двајца агенти дошле, наводно по налог од Москва, во мирно англиско гратче и се обиделе да ги убијат Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка со советскиот боен отров новичок, но британската полиција по темелната истрага им влегла во трага.

Британската премиерка Тереза Меј во своето обраќање на јавноста детално ѝ го прераскажа движењето на двајцата руски државјани во рани четириесетти години, кои дошле во многу кратка посета на Англија. Британските разузнавачки служби утврдиле дека станува збор за агенти на руската воено-разузнавачка служба ГРУ, кои влегле во земјата користејќи лажни имиња – Александар Петров и Руслан Боширов.

Тие го посетиле Солзбери не еднаш, туку двапати за три дена. При својата втора посета го нанеле смртоносниот агенс на рачката на влезната врата на домот на Скрипаљ, а потоа аматерски го фрлиле шишенцето женски парфем во кое се наоѓал отровот.

Истата вечер, додека лекарите се бореле за животите на Сергеј и Јулија Скрипаљ, двајцата Руси се качиле на авион за Москва на аеродромот Хитроу.

„Да беа овие двајца осомничени во наша јурисдикција, ќе постоеше јасна правна основа за нивно апсење поради обид за убиство“, истакна Меј во говорот по смртта на Дон Стурџис, два месеци по труењето на Скрипаљ. Стурџис, како и нејзиниот партнер Чарлс Роули, се отрула со новичок кога Роули го нашол и го донел дома лажното шишенце парфем. Роули, како и Скрипаљ и неговата ќерка и отруениот полицаец Ник Бејли, успешно е излечен.

Кремљ ја негира целата верзија на настаните на британските власти. „Ни врвните руски власти ни пониски функционери немале никаква врска со настаните од Солзбери“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Вчера беше објавено и интервју со наводните атентатори, Боширов и Петров, кои тврдат дека во Англија биле како туристи. Тие, како што кажаа за руската РТ, сакале да ги видат знаменитостите на Солзбери, како „неговата славна катедрала со камбанерија висока 132 метри“. Освен тоа, сакале да го посетат и блискиот Стоунхенџ, но морале да се вратат во Лондон поради снегот.

Во претходно интервју за официјалниот весник на руското министерство за одбрана, поранешниот директор на ГРУ Фјодор Ладигин исто така негира дека оваа разузнавачка служба кога било вршела атентати. „Руската разузнавачка служба каде што имав чест да работам многу години никогаш не се впуштала во такви срамни дела како тие што Британија ги имплицира“, кажа тој.

И покрај тоа, британската верзија на настаните ја поддржаа британските сојузници во Советот за безбедност. Но, таа со сееб повлекува повеќе прашања: зошто Скрипаљ преживеа и зошто Русите употребиле средство за атентат кое толку лесно може да се поврзе со нив? Како што пишува Тим Лестер за Си-ен-ен, се поставува прашањето: дали агентите на ГРУ биле неспособни или воопшто не се грижеле дали ќе бидат откриени? Дали Русија сакала светот да знае за овој атентат, да испрати порака – да, ние го направивме тоа? Дали нејзините оперативци се неспособни или немаат потреба уверливо да ги негираат обвинувањата, бидејќи ни нивните наредбодавци немаат потреба да се плашат од последиците?

Петров и Боширов, или како и да се нивните вистински имиња, воопшто не се труделе да го скријат своето патување. Долетале директно од Москва во Лондон со руски пасоши. Го користеле јавниот превоз во Англија, каде има надзорни камери на секој чекор. А бидејќи секаде оделе заедно, инспекторите многу полсено можеле да ги најдат на над 11-те илјади часови снимки од безбедносните камери.

Понатаму, во хотелот каде што биле сместени се најдени мали траги од новичок. Тоа е и главниот доказ преку кој британските служби ги поврзале со обидот за убиство на двојниот руско-британски шпион, кој Русија го уапси и осуди во 2006 и го пушти на слобода во 2010, по што доби своевиден азил во Британија.

Не се знае што за неуспешната мисија на овие агенти мислат нивните претпоставени, но британските власти немаат високо мислење за двојката. „Тие не би можеле да водат ни тоалет во ГРУ“, коментира министерот за безбедност Бен Волис за британските медиуми. „Се надевам дека овој потфат ќе помогне да се намалат предрасудите дека Русија е некаков разузнавачки/воен џин пред кој треба да се тресеме“, напиша на Твитер конзервативниот пратеник Џони Мерсер.

Но овие потсмешливи критики ја утнале поентата доколку ГРУ и неговите наредбодавци од Кремљ, без разлика дали Путин лично ја дал наредбата или не, сакале да испратат недвосмислена порака дека нема да им простат на двојните шпиони и „предавниците на татковината“. Русите веруваа дека Скрипаљ ја прекинал пензијата и продолжил со шпионската работа, а тоа за Москва е престап што не може да се прости.

Освен тоа, доколку ГРУ не добил одобрување „одозгора“ за оваа неверојатно дрска операција – првиот напад со боен отров на британска територија – ќе имаше „неочекувани пензионирања“ во врвот на тајната служба.

Главниот разузнавачки директорат или ГРУ, како што е попознат, всушност го смени своето име во Главен директорат уште во 2010. Шефот на ГРУ, во моментот тоа е Игор Коробов, им одговара директно на рускиот министер за одбрана и началникот на генералштабот на руската војска. ГРУ, како што го опиша Меј, е „многу дисциплинирана организација“. Но, како што пишува Листер, оваа тајна служба во пракса не пристапува секогаш премногу внимателно кон своите задачи. Дали од трапавост или намерно, ГРУ зад себе често остава бројни траги, или дигитални или физички.

Аналитичарот Марк Галеоти од Институтот за меѓународни односи во Прага, кој ги следи руските тајни служби долги години, смета дека ГРУ не е како другите руски тајни служби. ГРУ е всушност „инструмент за војување кој е ориентиран на извршување на мисиите“, агресивен и склон кон ризици. Најголемиот грев на ГРУ е „да не се искористи приликата“, смета Галиоти. „Наспроти тоа, надворешната разузнавачка служба СВР е повеќе како (британскиот) МИ6, службеничка организација со дипломатски параван која не сака да ризикува“.

ГРУ во последните години е сѐ поактивен – станува збор за главниот изведувач на руските „активни мерки“ или „хибридно војување“, кое началникот на генералштабот на руската војска Валериј Герасимов во својот есеј од 2013 го опиша како „политички, економски, информациски, хуманитарни и други невоени мерки“.

Меѓу нив на истакнато место е сајбер-војувањето. „До почетокот на 2015 ГРУ веќе напаѓаше воени и дипломатски ентитети со високо темпо, особено одбранбените аташеа низ светот. Меѓу метите се бројни високи американски воени офицери и одбранбени службеници“, изјави професорот за стратегиски студии од универзитетот Џон Хопкинс, Томас Рид, во своето сведочење пред американскиот Сенат.

Американската разузнавачка заедница потврди во својот извештај од 2017 дека ГРУ со хакирање на американски политичари и партиски тела и дистрибуција на собраните документи се мешал во американските избори, претставувајќи се како романскиот хакер Гучифер 2.0 и проследувајќи ги материјалите на Викиликс. Обвинувањата кулминираа со поднесување обвинение од страна на американското обвинителство против 12 офицери на ГРУ вклучени во сајбер-операцијата.

Благодарение на тоа што ГРУ агентите ја користеле истата сајбер-инфраструктура, американските истражители успеаја да ги поврзат со други сајбер-напади, како оној врз германскиот Бундестаг во 2015. Во откривањето на операциите на ГРУ, но и другите руски тајни служби како СВР, на американските колеги значително им помогнале холандските колеги од АИВД.

Мешањето на руските разузнавачи во изборите знаело да биде и многу подиректно, како во Црна Гора каде, според обвинението на тамошното обвинителство, се обиделе да извршат пуч и атентат врз премиерот Мило Ѓукановиќ, што Кремљ го отфрла како „апсурдни обвинувања“.

ГРУ беше поприлично активен и на вистинското боиште – во источна Украина имаше витална улога во логистичката поддршка, вооружувањето и обуката на руските бунтовници во покраината Донбас на крајниот исток на земјата. ГРУ беше идеален за оваа мисија бидејќи голем дел од неговите членови се поранешни припадници на специјалните сили познати како Спецназ.

Од друга страна, јасно е дека Кремљ никогаш нема да ги признае овие обвинувања, а поддржувачите на Русија никогаш нема да бидат уверени, колку докази и да се објават. Од друга страна, се поставува прашањето колку се навистина ефикасни хазардерските тактики и агресивните операции на ГРУ?

Соборувањето на цивилниот авион од Холандија над источна Украина, извршено со советски систем Бук кој наводно од Русија бил доведен во Украина, само го мобилизираше Западот и помогна во неговата сложност околу санкциите против Русија. Слично нешто се случи и со случајот Скрипаљ, кога десетици држави застанаа зад Британија и избркаа стотици руски дипломати. А во случајот на Црна Гора, доволно е да се каже дека пучот не успеа, а земјата денес е членка на НАТО, токму тоа што Москва се обидуваше да го спречи.

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе