Последниве месеци

Грција тајно протерала над 1.000 бегалци, ги оставала среде море во преполни гумени чамци (ВИДЕО)

Многу Грци стануваа сè пофрустрирани додека десетици илјади баратели на азил страдаа на грчките острови. Сега доказите на Њујорк тајмс покажуваат дека новата конзервативна влада има нов метод за нивно држење подалеку.

Грчката влада во последните неколку месеци тајно протерала повеќе од 1.000 бегалци од границите на Европа, носејќи многумина од нив до грчките морски граници и потоа ги оставала во понекогаш преоптоварени сплавови на надувување.

Од март досега, најмалку 1.072 баратели на азил се оставени среде море од грчките власти во најмалку 31 посебно протерување, се вели во анализата на Њујорк тајмс на доказите од три независни надзорни тела, двајца академски истражувачи и турската крајбрежна стража. Тајмс ги интервјуирал преживеаните од пет од овие епизоди и добил фотографски или видеодокази од сите 31.

„Беше многу нехумано“, рече Наџма ал-Катиб, 50-годишна наставничка од Сирија, која вели дека маскирани грчки службеници ги изнеле неа и 22 други, меѓу кои и две бебиња, тајно, во мракот, од притворниот центар на островот Родос на 26 јули и ги оставиле во сплав без кормило и мотор, пред да бидат спасени од турската крајбрежна стража.

„Ја напуштив Сирија поради страв од бомбардирањата - но кога се случи ова, посакав да загинев од бомба“, изјави таа за Тајмс.

Нелегални според меѓународното право, овие протерувања се најдиректниот и најдолготраен обид на некоја европска земја да ја блокира поморската миграција со помош на сопствените сили, вели Њујорк тајмс, уште од екот на миграциската криза во 2015 година, кога Грција беше главната сообраќајница за мигрантите и бегалците што бараа влез во Европа.

Грчката влада негираше каква било незаконитост.

„Грчките власти не преземаат тајни активности“, рече владиниот портпарол, Стелиос Пецас. „Грција има беспрекорно досие кога станува збор за почитувањето на меѓународното право, конвенциите и протоколите. Ова го вклучува и третманот на бегалците и мигрантите“.

„Овие враќања назад се тотално нелегални од сите аспекти, според меѓународното и според европското право“, рече проф. Франсоа Крепо, експерт за меѓународно право и поранешен специјален известувач на Обединетите нации за човекови права на мигрантите.

„Тоа е катастрофа од аспект на човековите права и хуманоста“, додаде професорот Крепо.

Откако минатата година беше избрана нова конзервативна влада под премиерот Киријакос Мицотакис, вели американскиот весник, Грција зазеде далеку поцврст став против мигрантите - честопати бегалци од војната во Сирија - кои од турските брегови испловуваат кон Европа.

Со години грчките власти беа обвинувани дека ги пресретнуваат и ги протеруваат мигрантите, повремено и ретко, обично пред мигрантите да успеат да ги донесат своите чамци на грчко тло.

Но експертите велат дека однесувањето на Грција за време на пандемијата е далеку посистематско и покоординирано. На стотици мигранти им е одбиено правото на азил дури и откако стапнале на грчко тло и им било забрането да се жалат за протерувањето преку правниот систем.

Охрабрена од отсуството на строги критики од Европската Унија, каде што прашањето за миграцијата ја опколи политиката, Грција го заостри својот пристап во источен Медитеран во последните месеци.

Мигрантите што доаѓаат на грчките острови од Турција честопати се принудувани да се качат на понекогаш дупнати сплавови на надувување, па се оставаат на границата помеѓу турските и грчките води да плутаат сè додека не бидат забележани и спасени од турската крајбрежна стража.

Мигрантите се оставени да плутаат во чамците во кои пристигнале, откако грчките власти им ги уништиле моторите, велат преживеаните и истражувачите. И барем во два наврати, мигрантите се оставени на Циплак, ненаселен остров во турските води, наместо да бидат сместени на сплавови.

„На крај, турската крајбрежна стража дојде да нè земе“, рече еден преживеан Палестинец, кој бил меѓу групата оставена на Циплак во почетокот на јули и кој испратил видеа од својот престој на островот. Еден извештај од турската крајбрежна стража го потврди неговото сведоштво.

Паралелно, неколку организации за човекови права, вклучително и Хјуман рајтс воч, имаат документирано дека грчките власти ги опколиле мигрантите што живеат легално во Грција и тајно ги протерале без легална процедура преку реката Еврос, која го дели грчкото копно од Турција.

„Сиријците страдаат во Турција“, рече еден од бегалците. „Страдаме во Грција. Каде да одиме?“

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе