Би-би-си

Грчки парламентарни избори: пет прашања што се важни

Грците в недела излегуваат на гласање, едвај еден месец откако владејачката левичарска партија Сириза претрпе огромен изборен пораз на европските избори од опозициските конзервативци Неа демократиа.

Премиерот Алексис Ципрас (44), кој пред шест години дојде на власт со платформа против штедењето, реагираше со свикување предвремени избори.

Ова се шести избори во Грција од глобалната финансиска криза во 2008 година, која предизвика последователни финансиски спасувања, а анкетите покажуваат голема победа за конзервативците, вели Би-би-си.

Еве некои од клучните прашања во јадрото на изборите.

1) Штедењето и неисполнетите ветувања

Грците во јануари 2015 година ја поддржаа партијата на Ципрас поради неговото ветување дека ќе го прекине штедењето. Но тој продолжи да ги применува строгите услови за финансиска помош од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во една хаотична година обележана со затворање на банките и повторени гласања.

По 2010 година, Грција доби три пакети во вредност од 289 милијарди евра, а последната финансиска помош беше во 2018 година.

Страдањето беше сурово - меѓу 2008 и 2016 година грчката економија падна за неверојатни 28 отсто, а зголемената невработеност фрли многу Грци во сиромаштија.

„Тоа беше трауматичен период, пропаднаа 275.000 бизниси“, изјави за Би-би-си Константин Михалос, претседател на Стопанската комора на Атина.

Повратниот удар за Сириза беше драматичен.

Фактот што Грција излезе од програмата за финансиска помош во август 2018 година и сега му се враќа на развојот, веројатно како резултат на таа дисциплина, не ја направи владата ништо попопуларна.

„Во првиот квартал од 2019 година, растот е ограничен на 1,3 отсто, што е послабо од очекуваното, а оваа активност е причина за загриженост за тоа како ќе завршиме оваа година“, рече Михалос, додавајќи: „Очекуваме со новата влада да се појават неколку работи“.

2) Грците се свртени кон конзервативците

Сириза дојде на власт на силна антиестаблишмент-платформа, но разочара многумина од своите поддржувачи, особено младите.

На европските избори во мај највисок процент од 18 до 24 години (30,5%) ја поддржаа централнодесничарската партија Неа демократиа (НД) на Киријакос Мицотакис, која Сириза во 2015 година ја симна од власт.

Мицотакис (51) ветува пониски даноци, поголема приватизација на јавните услуги и планови повторно да преговара за договор со грчките кредитори што ќе овозможи повеќе пари да се реинвестираат во земјата.

Ципрас, исто така, вети повеќе инвестиции и неодамна ги зголеми пензиите. За неговите сопствени инвестициски политики исто така ќе треба повторно да се преговара со доверителите, бидејќи земјата и понатаму е под супервизија на еврозоната.

3) Контроверзноста со името

Популарноста на Ципрас беше дополнително намалена од длабоко непопуларниот договор со кој заврши тридеценискиот спор околу името помеѓу Грција и нејзиниот северен сосед.

Во јануари парламентот, во кој доминира Сириза, го протурка историскиот договор за преименување на нејзиниот сосед во Република Северна Македонија од официјалното име Поранешна Југословенска Република Македонија.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека две третини од Грците не се задоволни со името, поради неговата сличност со северниот грчки регион Македонија.

Потоа Ципрас ја посети Северна Македонија, каде што позираше за селфи пред владините згради со македонскиот колега Зоран Заев.

 

Додека демонстрантите држеа транспаренти „Македонија е грчка“, Мицотакис ја искористи непопуларноста на владата, прогласувајќи го договорот за предавство. Екстремната десница ги осуди пратениците што го поддржаа договорот како предавници.

Мицотакис има личен удел во оваа приказна. Неговиот татко, Константинос Мицотакис, во 1993 година ја загуби функцијата премиер поради спорот за името.

4) Справување со приливот на мигранти

Во 2015 година ЕУ и Турција потпишаа договор со цел да се намали бројот на мигрантите што пристигнуваат во Грција со враќање во Турција на оние што не аплицираат за азил или чие барање е одбиено.

Оттогаш, во Грција се случи драстичен пад во бројот на бегалците и мигрантите.

Но тие сè уште доаѓаат, и по море и по копно. Во 2017 година дојдоа 36.000, а минатата година 50.000.

Досега годинава дојдоа 18.294, според агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Повеќето од оние што преминуваат од Турција бегаат од Сирија, Ирак и Авганистан.

Најголемиот товар паѓа на источните грчки острови, како што се Лезбос и Самос.

Мицотакис ги посети миграциските кампови на двата острови, обвинувајќи го премиерот дека не успеал да обезбеди почитување на турскиот договор.

Во привремените кампови поставени на Самос да згрижат околу 650 имигранти сега има илјадници луѓе во лоши услови во привремени колиби и шатори.

Жителите на Самос, наводно, стануваат фрустрирани, туристите го избегнуваат островот и како резултат на пренатрупаноста грчкото министерство за миграција се закани дека ќе го затвори кампот.

Лидерот на опозицијата, исто така, ја обвини владата на Сириза дека не дистрибуира фондови за да помогне во справувањето со кризата и дека вети дека ќе ја намали пренатрупаноста кај центрите за прифаќање мигранти на островите.

Неколку дена пред гласањето в недела, Сириза рече дека се надева оти ќе одржи нови разговори со Анкара околу ова прашање.

5) Смртоносен пожар, кој стана политички

Минатото лето смртоносен шумски пожар го погоди приморското село Мати на источниот брег на Грција - област недалеку од Атина и популарна дестинација со туристи.

Масовниот пожар ги зароби луѓето во нивните домови и автомобили, додека други скокаа во морето за да избегаат од огнот. Многумина не успеаја да го сторат тоа и 100 луѓе ги загубија животите.

Владата рече дека дивоградбите се виновни за тоа што луѓето не можеле да избегаат, но во деновите по трагедијата се појави каталог на грешките од страна на локалните власти.

Одговорот на владата го поттикна Мицотакис да ги повика оние што имаа политичка одговорност да поднесат оставка, како и оние што имаа задача да ја организираат реакцијата на пожарот.

„Навистина се прашувам како некои луѓе... можат да спијат денес и среќно да продолжат да ги извршуваат своите должности“, рече тој тогаш.

Неговите коментари беа масовно сфатени како критика кон справувањето на Ципрас со кризата. Премиерот го обвини за обид да ја злоупотреби трагедијата.

Во март оваа година, 20 лица беа обвинети за трагедијата, меѓу кои и политичари, полицајци и противпожарни служби. Еден министер понуди да поднесе оставка, но Ципрас не ја прифати.

Извештајот на обвинителите откри дека „тоа беше апсолутен недостиг од комуникација, хаос и колапс на системот“, и дека функционерите направиле „криминални грешки и пропусти за време на справувањето со пожарите“.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе