Беира

Градот во Мозамбик што се бореше против климатските промени, но сега е разорен од циклон (ФОТО)

Долго време пред циклонот Идаи да дојде и да го разори крајбрежниот град Беира во Мозамбик, градоначалникот сонувал да ги заштити своите сограѓани од климатските промени.

Тоа би било огромен предизвик. Големи делови од овој крајбрежен град со 500.000 жители се под морското ниво, па експертите предупредуваат дека тој е еден од најранливите на кревањето на морето поради глобалното затоплување.

Со поддршка од Светската банка, во 2012 година бил одобрен проектот за 120 милиони долари за да се спасат арт деко-центарот на градот и импровизираните сиромашни квартови од зголемувањето на водата. 11-километарски систем на дренажни канали и резервоари за задржување на водата сега се извива од плажата длабоко кон мочуришните населби.

Тоа значело „крај на страдањето за целото население“, рече градоначалникот Дејвиз Симанго откако минатата година беше завршена првата фаза на проектот.

Потоа, „Бог го промени својот план и донесе циклон“, вели Симанго сега.

Невремето што се случи на 14 март ѝ донесе на Беира сосема ново ниво на болка, а сликите од уништувањето ги ужаснаа сите крајбрежни нации што веќе се плашат за својот опстанок.

„Бевме навистина добро подготвени за катастрофи како што се поплавите“, рече Симанго за Асошиејтед прес, во пауза од справувањето со последиците од катастрофата во една од најсиромашните населби во градот, Мунхава.

Новиот систем функционираше совршено кога имало поплави пред два месеци, рече градоначалникот, градежен инженер, кој понекогаш лично го надгледувал неговото градење. Жителите му рекле дека веќе нема потреба да спијат на своите маси.

Циклонот бил друга приказна. Силните ветрови од околу 240 километри на час и невремето ги распарчиле градбите изградени да издржат помалку од половина од тој интензитет. „Овој циклон го уништи сето она што го изградивме последниве над 100 години“.

Гледањето на циклонот упатен кон Беира беше болно, рекоа вработените во Светската банка што се вклучени во проектот, кои останале во контакт со луѓето на теренот сè додека невремето не ги прекинало струјата и комуникациите.

Со Идаи, „одеднаш нè удира циклон од четврта категорија“, изјави Мишел Матера, виш специјалист за урбанизам во Светската банка, за АП. „Да, го правевме тоа што треба, но тоа не беше доволно“.

Долг и тесен, со 2.400-километарски брег на Индиски Океан, Мозамбик е на првата линија на фронтот против климатските промени во Африка, каде што повеќето држави имаат слаби инфраструктурни и финансиски капацитети. Брзорастечките крајбрежни градови како Беира се особено изложени на ризик.

Градоначалникот го нарече неправедно тоа што африканските држави се соочуваат со некои од најтешките предизвици додека истовремено сосема малку придонесуваат за глобалното затоплување. Луѓето во богатите, индустријализирани земји произведуваат голем дел од јаглерод диоксидот и другите гасови што ја затоплуваат планетата со тоа што горат најмногу јаглен, дизел, бензин и авионско гориво.

Но иако Симанго смета дека меѓународната заедница треба да им помогне на африканските држави, истакнува дека водачите на континентот мора да ја исполнат својата улога во борбата против корупцијата и да не ја грабаат помошта.

„Понекогаш добиваме пари, ресурси, но корупцијата нè убива“, вели тој. „Мораме да бидеме поподготвени како водачи, да направиме сè што можеме за да го искористиме секој цент за да спасиме животи“.

Просечниот Мозамбичанец можеби не е запознаен со науката што стои зад климатските промени. Но жителите на Беира, кои се пробиваат низ поплавени улици, и долгогодишните рибари, кои ги интересираат морето и небото, ги забележале промените.

Тие забележуваат дека локалните температури, чиј максимум некогаш бил околу 34 Целзиусови степени, сега достигнуваат 40 Целзиусови степени. Овој загреан воздух може да задржува повеќе влага, велат експертите, што значи потенцијал за посилни дождови.

На рибарот Нуеве Савимби, кој стои со бамбусова трска за риболов таму каде што новиот бетонски систем за одводнување се среќава со морето, бесната бура му ги отворила очите.

„Имав слушнато за климатските промени, но не верував додека не го видов циклонот“, рече тој. „Без ова (системот за одводнување) овде ќе имаше поплави. Но сѐ уште има работа што треба да се направи. Вакви канали треба да се градат и на други места.“

Без обемно проучување, научниците не можат директно да поврзат еден временски настан како циклонот Идаи со променливата клима, но глобалното затоплување е одговорно за поинтензивните и почести екстремни временски појави, како и суши, поплави и пожари. 

Мозамбик е рангиран на третото место меѓу африканските земји по ранливоста на катастрофи поврзани со временските услови, зад Сомалија и Мадагаскар, а студиите велат дека климатските промени ќе ги направат овие закани поинтензивни и понепредвидливи, според Глобалниот фонд за ублажување на катастрофите и заздравување, партнерство управувано од Светската банка и финансирано со грант.

За жителите, кои ги лечат раните од циклонот, и за оние што со страв гледаат од далеку (бурата удри додека невремето се ширеше низ континентот во Гана, уште една ранлива крајбрежна нација) дојдено е времето алармантно да се третираат климатските промени.

„Циклонот Идаи беше невообичаено жестока и одолжена бура, уште едно предупредување за опасностите од климатските промени, особено во ранливите земји со ризик“, рече во вторникот генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш. „Таквите настани стануваат сè почести, потешки и пострашни и пораспространети, а ова само ќе се влоши ако не дејствуваме сега“.

Светот мора да придонесе во 100-те милијарди долари предвидени како дел од климатскиот договор во Париз за да им помогнат на Мозамбик и на другите земји во развој да станат отпорни на климата, рече Гутереш. Земјите низ целиот свет, богати и сиромашни, имаа економски загуби од над 2,2 трилиони долари од катастрофи поврзани со климата помеѓу 1998 и 2017 година, соопшти во октомври Канцеларијата на ОН за ублажување на ризиците од катастрофи.

Во Беира, премногу е рано да се пресмета цената на циклонот, без разлика дали се работи за економски загуби или дури и за животи.

Некои жители велат дека веруваат дека ќе почне егзодус, луѓето ќе го напуштаат пристанишниот град и ќе се селат на повисоки, побезбедни места. Други тврдат дека на крај, веќе нема да има каде да се оди.

„Други населби имаат поплави“, рече Јулија Кастиго, која стоеше на плажата гледајќи како преживеаните пристигнуваат со брод од тешко погодената област Бузи. „Поплавите ќе нè најдат“.

Друг набљудувач, Паоло Фернандо Мачата, рече дека една голема поплава пред речиси две децении не стигнала до неговото село, но оваа го проголтала. Тој поминал три дена заробен во поплавата, вели покажувајќи на своите завиени, отечени стапала.

„Никогаш немав слушнато за климатските промени“, рече тој. „Знам само дека работите се менуваат. Ако ваквите циклони продолжат да се случуваат, ќе го изгубиме овој град и луѓето во него и нашето општество“.

Сепак, тоа општество веќе покажало искри на издржливост во услови на катастрофа. Приморските решетки на Беира повторно се отворени, пулсирајќи со музика напојувана од генератори. Калливите пазари повторно вреват, а сопствениците на продавници го расчистиле скршеното стакло и повторно ги отвориле дуќаните. Некои одделенија продолжуваат со училиште, а децата во светли униформи сега ги делат училишните згради со раселените луѓе.

Од базата за меѓународни хуманитарни операции на аеродромот во Беира, Себастијан Родос Стампа, заменик-директор на хуманитарната операција на Обединетите нации, беше искрен. „Мислам дека светот сфаќа дека не сме направиле доволно за климатските промени“, им рече тој на новинарите. Катастрофите „се влошуваат низ целиот свет. Сите ние мора да бидеме подготвени“.

За градоначалникот на Беира, дојдено е времето климатските промени да се сфатат сериозно. Стоејќи во една сѐ уште потопена населба, тој го повика американскиот претседател Доналд Трамп да дојде во Мозамбик и самиот да види.

„Мислам дека тој живее во друг свет“, рече Симанго за сомнежите што Трамп ги искажува кон глобалното затоплување. „Со свои очи го видов зголемувањето на нивото на морето. Со свои очи видов дека луѓето страдаат. Видов поплави. Климатските промени се реалност. Климатските промени ни носат проблеми“.

Објавено

Петок, Март 29, 2019 - 08:18

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе