Германски Хајделберг

Градот во кој автомобилите веќе не се добредојдени

Германскиот град Хајделберг е најпознат како универзитетски и научен град со богата историја, со најстариот универзитет во земјата, четири институти Макс Планк, Европската лабораторија за молекуларна биологија, како и познатиот замок стар 800 години. Но Хајделберг наскоро би можел да стане уште попознат како град со нула стапка на емисии на стакленички гасови, кои го предизвикуваат глобалното затоплување - и град каде што автомобилите се сообраќаен исклучок, а не правило, доколку успее планот на градоначалникот Екарт Вирцнер.

Фото: ЕПА

Вирцнер не е против електричните автомобили. На граѓаните што ќе купат електричен автомобил градот им овозможува субвенција од 1.000 евра, а уште 1.000 доколку инсталираат станица за полнење. Но електричните автомобили се ниско на списокот на алатки со кои Вирцнер се обидува да го намали јаглеродниот удел на градот и неговите жители. Проектот на Вирцнер му донесе на Хајделберг репутација на пионер во еколошки свесното урбанистичко планирање, пишува Њујорк тајмс.

Автобуси на водород и автопати за велосипеди

За да го намали присуството на автомобили на градските патишта, Вирцнер купува возен парк од автобуси на водород, гради мрежа на „автопати“ за велосипеди што ќе го поврзат градот со предградијата и ги дизајнира населбите на начин што го обесхрабрува користењето возило и го охрабрува пешачењето. Жителите што ќе се откажат од автомобилот имаат право на една година бесплатен јавен превоз.

„Ако ви треба автомобил, користете ги апликациите за споделување автомобили. Ако не можете да користите споделување автомобили затоа што живеете премногу далеку и нема масовен превоз, тогаш користете го автомобилот, но само до трамвајската станица, а не до центарот“, порача Вирцнер во интервју за американскиот весник.

Хајделберг така се постави во првите редови на движењето на еколошки свесни градови, кое е најсилно во Европа, но е присутно низ целиот свет, вклучително и во американските градови Остин, Тексас и Портланд во Орегон. Дополнителен интензитет, по малку парадоксално, му даде пандемијата на ковид-19 и карантинот што беше воведен поради неа. Жителите на многу градови добија можност да видат како би изгледал нивниот град без стандардниот метеж и она што го виделе им се допаднало.

Европските градови и земји најавуваат забрана за класичните автомобили

Во исто време, производителите на автомобили сè повеќе се обидуваат да се приспособат на построгите регулативи за употреба на бензинските (и дизел) автомобили во градовите. Така, Џенерал моторс, Форд мотор и Јагуар ленд ровер ветија премин кон електрични автомобили оваа година.

Некои европски градови, како што се Стокхолм и Штутгарт, веќе ги забранија постарите дизел-возила. Десетици други, вклучувајќи ги метрополите Рим, Лондон и Париз, планираат во следната деценија да го ограничат градскиот сообраќај на возила што не испуштаат стакленички гасови.

А националните влади вршат дополнителен притисок врз производителите и сопствениците на автомобили. Ирска, Холандија, Шведска и Словенија планираат до 2030 година да ја забранат продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување. Велика Британија и Данска велат дека тоа ќе го сторат до 2035 година, со тоа што во фазата на транзиција од 2030 до 2035 година ќе бидат дозволени само хибридните автомобили. Шпанија и Франција најавуваат ваква забрана во 2040 година.

Хајделберг, со околу 160.000 жители, е еден од шесте европски града што организацијата „Ц40 ситис“ ги смета за иноватори. Тоа е организација што промовира урбанистички политики што нема да придонесуваат за климатските промени, предводена од поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг. Покрај Хајделберг, на списокот на градови-иноватори се и Осло, Копенхаген, Венеција, Амстердам и Ротердам.

Во Хајделберг 80% од населението повеќе не користат автомобил

Хајделберг, меѓу другите мерки за премин од автомобили на други форми на сообраќај, гради мостови или надвозници што ќе им овозможат на велосипедистите лесно да ги заобиколат областите со сообраќаен метеж, без да го делат патот со автомобилите. Во моментов, само околу 20% од жителите на градот користат автомобил за да се движат низ градот на дневна основа, но сообраќајниот метеж сè уште е присутен. Останатите 80% пешачат, возат велосипед или патуваат со електрични автобуси.

Градот не се ограничи само на еколошки поприфатлив сообраќај, туку ја намали и потрошувачката на енергија во училиштата и градските згради за 50% во последната деценија - иако некои од овие згради се стари неколку стотици години.

„На крајот на краиштата, не станува збор само за автомобилите. Потребен ви е целиот пакет“, заклучува Вирцнер.

Пешачката зона во Хајделбег, долга повеќе од еден километар, е позната како најдолгата во Германија. Но најдобриот пример за еколошките амбиции на градот беше изграден на местото на поранешна железничка клучка за товар и истовар. На тоа место, во 2009 година, почна изградбата на Банштат, или Железничкиот град, при што требаше да се отстранат три бомби што останале од Втората светска војна.

Железничкиот град, изграден по зелени принципи

Модерните станбени згради изградени таму се толку добро изолирани што на становите не им е потребно скоро никакво греење, а она малку енергија потребна за греење ја произведува блиската фабрика на дрвен отпад. Иако автомобилите не се забранети, во Банштат скоро и ги нема. Велосипедите имаат предност, а брзината е ограничена на 30 км на час.

Оваа населба моментално има 5.600 жители, но продолжува да расте. Жителите имаат на располагање основно училиште, градинка, друштвен центар, два супермаркети, неколку пекарници и кафулиња, две продавници за велосипеди и дури шест станици за споделување автомобили. Има и неколку деловни згради со канцеларии.

„Идејата е да се вратиме во класичниот ран град, каде што домувањето и работата биле тесно поврзани“, вели Ралф Бермих, директор на градската канцеларија за заштита на животната средина.

Градоначалникот Вирцнер има прилично амбициозен план - до 2030 година да го направи градот климатски неутрален. Градот планира да генерира сопствена соларна и ветерна енергија и да инсталира станици за полнење со водород за 42 зелени автобуси. Тој вели дека добива повици и од други градови во Европа, Азија и Северна Америка, кои сакаат да ја копираат стратегијата на Хајделберг.

„Сите знаеме дека мора да одиме во оваа насока. Единственото прашање е колку брзо“, заклучува Вирцнер.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе