Говорот на Абрахам Линколн на Гетисбург: „Најдобриот говор во светот“, а долг само 273 збора

Претседателот Абрахам Линколн на 19 ноември 1863 година одржа говор на Гетисбург.

Одржан на местото на една од најкрвавите битки на Граѓанската војна, за Говорот од Гетисбург некои велат дека е најдобриот говор во светот - и еден од дефинирачките моменти на Абрахам Линколн.

Четири месеци пред тоа, 46.000 војници од двете страни на Граѓанската војна биле убиени или ранети во битката кај Гетисбург, во Пенсилванија.

273-те збора кажани од Линколн на официјалната церемонија на Националните гробишта на местото на 19 ноември 1863 година, се повикуваат на основните принципи на Декларацијата за независност и идеалите на Унијата - „влада на народот, од народот, за народот“.

Она по што ќе се памети говорот и неговото трајно влијание американските ученици го спознаваат низ текот на годините, научени да ги рецитираат историските фрази, а се вели дека и претседателите по Линколн го користеле говорот како репер за владеење на САД.

Точните зборови што Линколн ги кажал на церемонијата не може да се потврдат со сигурност, иако постојат пет познати примероци напишани со ракописот на поранешниот претседател, според Абрахам Линколн онлајн.

Од нив, најпренесуван, кој стои и на ѕидовите на Меморијалниот центар Линколн во Вашингтон, е Блис-примерокот, именуван по полковникот Александар Блис...

Осумдесет и седум години поминаа откако нашите татковци на овој континент основаа една нова нација, зачната во Слобода и посветена на принципот дека сите мажи се создадени еднакви.

Сега сме во голема граѓанска војна, која е тест за тоа дали таа нација, или која било нација така создадена и толку посветена, може долго да издржи. Се собравме на полето на една од најголемите битки на таа војна. Дојдовме да посветиме дел од тоа поле како вечен дом на оние што тука ги дадоа своите животи за таа нација и понатаму да живее. Сосема пригодно и достојно е да го сториме ова.

Но во поширока смисла, не е во наша моќ да ја посветуваме - да ја осветуваме - да ја претвориме во светина оваа земја. Храбрите мажи, живи и мртви, што се бореа тука, веќе ја осветија, издигнувајќи се над сè што ние со нашата скромна моќ можеме да додадеме или одземеме. Светот едвај ќе забележи, ниту пак долго ќе се сеќава на она што ние го кажуваме тука, но не може никогаш да го заборави тоа што тие го направија тука. На нас, живите, останува да му се посветиме на недовршеното дело што паднатите воини го почнаа и во кое толку благородно напредуваа. Наш долг е ѝ се посветиме на големата задача што стои пред нас - дека од овие благородни борци ќе ја преземеме длабоката посветеност кон таа кауза на која тие последен пат ѝ беа целосно предани - дека сме цврсто решени да не дозволиме смртта на овие луѓе да биде залудна - дека оваа нација, благословена од Бога, ќе доживее ново раѓање на слободата - и дека таа влада на народот, од народот, за народот, нема да исчезне од лицето на земјата.

Абрахам Линколн

19 ноември 1863 година

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе

Постојат повеќе административни и технички решенија против плагијаризам што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. 

повеќе

И не само тоа, туку квалитет на слободата. „Слободата нема никаква вредност ако во себе не ја вклучува слободата на грешките" - Махатма Ганди.

повеќе