Големата експлозија во Бејрут е либанскиот Чернобил

„Ова е национална катастрофа. Во животот не сум видел волку голема катастрофа“, кажа гувернерот на Бејрут Марван Абуд во солзи, обраќајќи им се на новинарите меѓу урнатините на бејрутското пристаниште, разурнато од страшната експлозија која однесе најмалку 135 животи.

EPA-EFE

Со уште 80 исчезнати и над 5.000 ранети, и бројот на мртвите сигурно ќе расте. До 300 илјади жители на либанската престолнина останаа без домови, што е речиси 10 отсто од Бејрут со околината. Болниците во кои се сместени илјадите ранети веќе се полни со заразените со ковид-19 и патат од недостиг на медицински залихи – а и тие се оштетени од експлозијата.

Иако Либан во последните децении беше погоден од војни и тероризам, разурнувањето кое се случи во вторникот не е, според досегашните сознанија, последица ни на воен ни на терористички напад.

Гувернерот Абуд го спореди уништувањето со она кое го претрпеа Хирошима и Нагасаки на крајот на Втората светска војна, иако во овој случај не станува збор за американска атомска бомба. Шпекулациите за нуклеарна експлозија ги предизвика експлозивниот облак и големиот бран на експлозијата кој се прошири со километри. Меѓутоа, експертите веднаш ги отфрлија таквите тврдења.

Мартин Фајфер, докторант на Универзитетот Ново Мексико, за Бизнис инсајдер ја коментираше експлозијата. Кажа дека „очигледно не може да станува збор за нуклеарна бомба, туку дека огнот предизвикал детонација на хемикалија или некој експлозивен материјал“.

„Експлозијата ги немаше двата основни фактори на нуклеарна детонација – заслепувачки удар на бела светлина и термален пулс, односно удар на жештина кој би предизвикал пожари во широк радиус и на луѓето тешко би им ја изгорел кожата“, објаснува Фајфер.

Сепак, поссодветна споредба би бил онаа со украинскиот, односно советскиот Чернобил во 1986, пишува Оз Катерџи за Форин полиси. Како и советската катастрофа, и оваа либанската е последица на тешка неспособност, системска корупција и негрижа, а нејзиниот ефект ќе биде исто така многу поширок од почетната експлозија.

Како и либанскиот здравствен систем, целата земја беше на раб на пукање и пред експлозијата. Бегалската криза во таа земја трае колку и самата војна во Сирија – девет години. Милион и пол бегалци и понатаму се во Либан, што е 30 отсто од вкупниот број бегалци од Сирија и над 20 отсто од вкупната популација на Либан.

Но не само бегалците во Либан беа загрозени и пред оваа катастрофа. Според Светската програма за храна, речиси половина од населението на Либан било загрижено дали ќе има доволно храна, додека 63 отсто од сириските бегалци патат од средна или тешка прехранбена несигурност.

„До крајот на годината 75 отсто од популацијата ќе добиваат храна од социјална помош, а прашање е дали ќе има доволно храна за делење“, предупреди уште во јуни Мартин Кулерц од Американскиот универзитет во Бејрут. А тоа беше пред експлозијата да ги разнесе силосите со 15 тони жито.

Либан, инаку, увезува дури 80 отсто од своето жито, а поголемиот дел од тој увоз доаѓа токму преку уништеното бејрутско пристаниште. За среќа, либанската влада вели дека уништениот силос за жито во пристаништето бил главно празен, но и житото и оризот кои се чувале во пристаништето се уништени. Светската програма за храна на ОН предупреди дека разурнувањето „ќе ја влоши ионака мрачната ситуација со економијата и безбедноста на прехранувањето“.

„Либан денес лизга кон статус на пропадната држава“, предупреди поранешниот министер за надворешни работи Насиф Хити на 3 август – ден пред експлозијата.

Според официјалните информации, во магацинот кој експлодира во пристаништето се чувале речиси 3 илјади тони амониум нитрат, кој тука бил оставен уште од 2014.

Амониум нитратот пристигнал во пристаништето на брод со молдавско знаме, Росус, кој влегол во бејрутското пристаниште откако претрпел технички проблеми на патот од Грузија кон Мозамбик.

Товарниот брод кој пловел од грузиското пристаниште Батуми за Мозамбик бил сопственост на рускиот државјанин Игор Гречушкин, роден во далекуисточниот регион Хабаровск, со престој на Кипар.

Бродот го прегледала инспекцја, му бил забранет излез од пристаништето и набрзо потоа го напуштила неговите сопственици. Бродскиот товар останал во пристанишните магацини од безбедносни причини. Потенцијално смртоносниот товар пропаѓал со години во пристаништето, наводно „чекајќи аукција“.

Тимот кој ја спровел инспекцијата пред само шест месеци предупредил дека амониум нитратот, ако не се отстрани од магацинот, може „да го разнесе цел Бејрут“. Тоа и се случи.

Може никогаш да не дознаеме дали за оваа трагична грешка е виновна корупцијата, негрижата или комбинација од двете, пишува Катерџи за Форин полиси. Но одговорноста очигледно не лежи само кај пристанишните работници кои не ги извршиле основните проверки или добиле мито да го остават товарот каде што бил. Таа лежи кај оние кои тука го поставиле и кои создале таков изгниен систем на работење, од крајот на либанската граѓанска војна во 1990 до денес.

Командантите на различните фракции од таа војна само ги заменија своите паравоени униформи за одела и го преземаа она што беше преостанато од либанската држава. Корупцијата и алчноста на владејачите ја фрли земјата во економска криза и ги продлабочи секташките поделби (Либан на верска основа е поделен на муслимани шиити и сунити, и христјани).

Хиперинфлацијата, економскиот пад, сиромаштијата, невработеноста која во 2018 година достигна неверојатни 46 отсто, потенцијалниот глад, кризата во справувањето со отпадот која доведе до планини ѓубре кои го загадуваат воздухот – сето тоа се последици на некомпетентноста и дисфункционалноста на либанските власти.

Актуелната економска криза изнесе стотици илјади Либанци на улиците под слоганот „Сите тие значи сите тие“, со кој демонстрантите ја прозваа целата политичка класа, и власта и опозицијата, како и секташкиот политички систем во земјата. Сега, пишува Катерџи, либанските политичари и функционери повторно ја играат традиционалната игра „не сум јас“ со одговорноста за експлозијата. Како либанскиот народ ќе реагира на тоа, останува да се види. Но симболично е тоа што хаштагот „поставете ги бесилките“ стана вирален на либанскиот Твитер.

Чернобил не беше само приказна за катастрофалната грешка при тестирањето на нуклеарниот реактор, туку и за последиците на системот заснован врз ароганција, негрижа, кариеризам и авторитаризам. Чернобил на крајот, неколку години подоцна, веројатно придонесе и на распадот на самиот Советски Сојуз. Но оние кои беа навистина одговорни за таа катастрофа никогаш не се соочија со правдата. Речиси е сигурно дека тоа нема да се случи ни со одговорните за катастрофата во Бејрут, заклучува Катерџи.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе